Разговор со актерот Бобан Алексоски: Го живееме театарот

Независниот театар „Златен Елец“ во текот на март состави репертоар со три претстави и една премиера на Светскиот ден на театарот, а претставите ги играат во зависност од мерките за заштита од коронавирусот.

Младиот актер Бобан Алексоски заедно со неговата колешка актерката Надица Петрова, токму во пандемиската 2020 година одлучија да го основаат независниот театар „Златен Елец“. Покрај сите тешкотии што ги создаде пандемијата на ковид-19, младите актери со почитување на сите мерки за заштита за помалку од една година стигнаа до четири поставени претстави што можат да ги играат во секој момент и на секое место. На тој начин независната сцена покажува виталност наспроти продукциските тешкотии што ги создава пандемијата. Низ разговор со Алексоски откриваме и дел од идните планови на Театар „Златен Елец“.

Независната театарска сцена, секако, работи во тешки услови, а протоколите за заштита од коронавирусот дополнително ја комплицираат работата. Што е вашиот предизвик за работа во овие услови?

– Главната идеја беше да го живееме театарот и покрај тешките услови, зашто театарот мора да постои и да опстои. Здружението го оформивме токму кога прв пат сѐ се затвори и бевме први со театарски претстави минатото лето, а овој месец само ги репризиравме двете монодрами „Дневникот на лудиот“ и „Човекојадство“. За жал, претставата „Не ми го чепкај пивото!“ беше планирана за датум кога ситуацијата со вирусот почна да станува сериозно лоша, па бевме приморани да ја одложиме изведбата за следните подобри услови. Со публика немавме проблем зашто и самите монодрами се режирани за ограничен број публика, а сите беа изведени според протоколите за заштита од коронавирусот. Гостувањето, односно специјалната проекција на „Човекојадство“ на фестивалот „Аплауз“ во Бања Лука, Босна и Херцеговина, се откажа поради тамошните заштитни мерки. Како и да е, освен монодрамите, на Денот на театарот – 27 март, ѝ кажавме добредојде на претставата за деца „Чувари на планетата“, која ја направивме со многу љубов и под познати услови.

Постер за претставата „Чувари на планетата“

Кој учествуваше во подготовката на претставата и со каква цел го ширите програмскиот спектар на театарот?

– Претставата е финансирана од Град Скопје, а обработува мошне актуелна еколошка тема, која води кон една голема порака. Планирано е на 22 април, ако прекинат моменталните мерки, претставата да ја играме цел ден во знак на Денот на планетата Земја, секако во зависност од интересот на публиката. Освен јас, играат и Надица Петрова и Давид Илиќ. Продуцент на проектот е Слободан Трајковски, за музиката и за сценографијата ни помогнаа неколку прекрасни луѓе. Премиерата на претставата помина одлично и сметаме дека ќе има долг живот во едно идно време, кога нештата ќе се средат. Дотогаш повремено ќе се одржува во живот. Програмскиот спектар е она на што моментално работиме, го оформуваме и сакаме да имаме претстави за сите возрасти, а да се работи за деца е најпрекрасното нешто!

Продукцијата на „Златен Елец“ умешно ја вгнездивте во Социјалниот центар „Дуња“. Дали тој простор, практично, сега е вашиот дом?

– Наш дом, односно место за претпродукција или за некои проекти и своја матична куќа, односно за три од вкупно четири претстави досега. Убавината е во тоа што речиси сите процеси во зависност од концептот и режисерот, се разбира, би можеле 80 отсто да ги сработиме таму, а после премиерата да одиме на било која друга сцена и да играме таму. Тоа е одлично, имајќи го предвид фактот што првите продукции почнувавме да ги работиме во нашите станови, по дома. Домаќините во „Дуња“ се супер, а тоа е место што дава надеж и дополнително им внесува дух на проектите кои ги работиме таму.

Ликот на Аксентие во претставата „Човекојадство“ дава аларм за спас на човештвото преку морал, принцип и хуманост / Фотографија: Александар Ризински

Наградуваната монодрама „Дневникот на лудиот“ веќе има многубројни изведби. Каков е случајот со вториот дел „Човекојадство“ и со каква порака ја изведувате претставата?

– Првиот дел на „Дневникот на лудиот“ на 13 март наполни 29 изведби, а вториот дел, односно „Човекојадство“ стигна до 9 изведби. И двете се во режија на Ѓорѓи Ризески. Продолжуваме понатаму. Сега планот е „Човекојадство“ да ја погледнат во што повеќе градови низ државава, зашто веќе имаме публика кои го гледале првиот дел и сега го очекуваат вториот. Се радувам што кога тргнавме да го работиме Гогољ, не очекувавме дека работите ќе се развиваат баш вака, се радувам што процесот нѐ доведе до сегашниот успех на целиот проект. „Човекојадство“ е претстава-метафора за современиот човек денес или да биде појасно – Човек на човека му е волк! Ликот на Аксентие сега дава аларм за спас на човештвото преку морал, принцип и хуманост. Во јуни претставата ќе учествува во официјалната конкуренција на ИТФ „Монодрама“ во Битола.

Планирате ли и понатаму да ја одржите репертоарската политика, секако зависно од мерките за заштита, и колку нови претстави во „Златен Елец“ планирате да поставите оваа година?

– Оваа година, односно веќе следниот месец, е планирана премиерата на проект со „Машина продакшн“. Подоцна во јуни ќе почнат подготовките за претставата „Старицата од Калкута“ во режија на Ана Батева. И двете претстави се поддржани од Министерството за култура. Понатаму ќе се работат „Вејка на ветрот“, „Која сум јас?“. Досега Театар „Златен Елец“ одигра 24 претстави според сите протоколи во време на корона. Сакам да истакнам дека ова време нѐ научи да се бориме за да живее театарот. Јас играв во сите претстави и гледав директно во очите на публиката, кои беа исполнети, зашто во оваа пандемија како да беше и сѐ уште е специјална работа да си гледач на театарска претстава. Мисијата продолжува.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 76, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот