На денешен ден – 4 октомври

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1669.- Во Амстердам умре Харменсон ван Рајн Рембрант, холандски сликар, еден од најпознатите во историјата на европското сликарство кој ја доведе до совршенство хуманизацијата на човековиот лик. Автор е на делата “Ноќна стража”, “Час по анатомија”, “Христос во Емауд” и други. Роден е во Ленда, на 15 јули 1606 година.

1787.- Роден е францускиот политичар и историчар Франсоа Пјер Гијом Гизо, шеф на дипломатијата од 1840 до 1847 година и претседател на владата од 1847 до 1848 година. Соборен е од власта во Февруарската револуција во 1848 година кога е соборен и кралот Луј Филип. Дела: „Историја на англиската револуција“, „Историја на цивилизацијата во Франција“.

1824.- Мексиканскиот народ по долготрајна борба против шпанската колонијална војска се избори за независност и го прогласи Мексико за република со неофицијален назив Соединетите Држави Мексико.

1830.- Белгија стана независна држава, одвојувајќи се од Холандија чиј дел беше од 1815 година. Причините поради кои се одвоија беа верската нетрпеливост бидејќи повеќето Белгијци се римокатолици, а Холанѓаните протестанти.

1853.- Османлиското царство ја започна Кримската војна во која во 1854 година се придружија Франција, Велика Британија и Сардинија (Пиемонт). Во војната Русија по големите борби на крајот на 1856 година доживеа пораз.

1865.- На состанокот меѓу прускиот канцелар Бизмарк и францускиот цар Наполеон III е постигната спогодба Кралството Прусија да го преземе врховното водство во Германија. Тој договор подоцна и се одмазди на Франција. Агресивната политика на Бизмарк доведе до војна во 1870 година, во која Наполеон III доживеа тежок пораз, а Прусија врз урнатините на неговото царство воспостави нова обединета германска империја.

1870.- Француското собрание, по три дена откако беше заробен Наполеон III во битката кај Седан во француско-пруската војна, ја обнови републиката. Тогаш е одлучено, под притисок на јавното мислење, Франција да ја продолжи борбата против Прусија, која заврши со огромен пораз.

1892.- Роден е австрискиот државник Енгелберт Долфус, канцелар од 1932 до 1934 година. Тој се противеше на идејата на Адолф Хитлер да ја припои Австрија со Германија. Поради упорното спротивставување на Хитлеровата намера, австриските нацисти го убија во Виена во јули 1934 година, но сепак нивнот пуч тогаш заврши без успех.

1895.- Роден е американскиот филмски глумец Џозеф Френсис, познат како Бастер Китон. Најчесто глумеше самотник, кој е во судир со сите. Филмови: „Генерал“, „Навигатор“, „Шерлок помладиот“, „Снимател“, „Булевар на самракот“, „Светла сцена“.  Умре на 1 февруари 1966 година.

1924.- Роден е американскиот глумец Чарлс Картер, познат како Чарлтон Хестон. Филмови: „Дестте заповеди“, „Бен Хур“ (Оскар), „Јулиј Џезар“, „Агонија и екстаза“, „Ел Сид“ (Оскар), „Мајор Денди“, „Планетата на мајмуните“, „Земјотрес“.

1937.- Во Скопје е основано спортското друштво Раднички (за време на НОВ на Македонија се викало ФК Слобода). По завршувањето на НОВ го носи името Работнички, а во првата декада на 21. век Работнички Кометал.

1941.- Во селото Чучер, Скопско, е формиран првиот Народноослободителен одбор во Македонија. За прв претседател беше избран Петар Крстев Урдаревски.

1947.- Во Гетинген умре Макс Планк, германски физичар, основач на Квантната теорија, хипотеза дека енергијата се емитува и се апсорбира само со дискретни количества. Работеше и на теоријата за хемиска рамнотежа и на формулирањето на термодинамичките принципи. Во 1918 година ја доби Нобеловата награда за физика. Роден е во Кил, на 23 април 1858 година.

1957.- Западните земји, особено САД, беа изненадени, бидејќи беше јасно дека сателитот „Спутник1“ може да исфрли исклучително силна ракета, многу посилна од оние со кои во тоа време се експериментираше на Запад. Поради студената војна дојде до остро вселенско натпреварување.

1996.- Британската африканска колонија Басутоленд се стекна со незвисност под името Кралство Лесото.

1970.- Американската пејачка Џенис Џоплин е пронајдена мртва. Беше најпознатата бела пејачка на блуз во шеесетите години од 20. век. Прекумерната доза на дрога беше причината за нејзината смрт.

1986.- Во Охрид, во катедралната црква „Света Софија“, се одржа Архиепископски изборен црковно-народен собир, на кој г.г. Гаврил (Ѓорѓи Милошев) е избран за трет по ред архиепископ охридски и македонски – поглавар на Македонската православна црква. Следниот ден во црквата „Свети Климент“, новоизбраниот поглавар положи свечена заклетва и му беа врачени архиепископските обележја. Прв поглавар на Македонската православна црква беше обновувачот на Охридската архиепископија и организатор на Македонската православна црква архиепископот г.г. Доситеј (Димитар Стојковски), втор архиепископот г.г. Ангелариј (Цветко Крстевски), четврти г.г. Михаил (Методи Гогов) и петти г.г. Стефан (Стојан Велјановски).

1992.- Владата на Мозамбик со бунтовниците потпиша мировен договор со што по цели 16 години заврши граѓанската војна во земјата која до 1975 година беше португалска колонија.

1993.- Во Москва беше емитувана одлуката на претседателот Елцин за воведување вонредна состојба во главниот град на Русија. Со неа се забранува секакво собирање, односно забрането е одржување на митинзи и демонстрации. Руската влада го повика народот да не се вклучува во немирите.

1995.- Во Скопје умре Благоја Црвенков, првиот академски образовен актер во Македонија. Роден е во 1915 година.

1996.- Талибанците го зазедоа Кабул, главниот град на Авганистан. Набрзо уследи терор врз неистомислениците.

1998.- Во Скопје е поставен камен-темелник за изградба на црквата „Света Богородица“.

2004.- Во Вентури, Калифорнија, САД, умре Гордон Купер, американски астронаут, еден од пионерите на првата американска вселенска програма „Меркјури“. Роден е во 1927 година.

2005.- Европската унија ги започна преговорите со Турција за членство на земјата во најголемата регионалната ингетрација во светот.

2014.- Почина поранешниот претседател на Хаити, Жан-Клод Дувалие. Во 1971 година Дувалие на 19-годишна возраст го наследил својот татко на лидерската функција во земјата. Во 1986 година тој бил соборен од власт во народен бунт. По 25-годишно бегство во Франција во 2011 година на огромно изненадување тој се вратил на Хаити, изјавувајќи дека се враќа „за да му помогне на народот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот