Монументални женски портрети ќе бидат претставени на изложбата „Повисоко од себеси“ во КИЦ – Скопје

Покана за отворањето на изложбата во КИЦ - Скопје

Во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, на 19 октомври, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Повисоко од себеси“ на академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски.

„Најновата изложба на Тони Шулајковски насловена ’Повисоко од себеси‘, уште преку самиот наслов, суптилно нè воведува или, поточно, нè упатува во комплексен свет во кој насоката на неговото тридецениско спознание на ликовноста константно се движи кон повисоките духовни сфери“, напиша Маја Чанкуловска-Михајловска во предговорот на каталогот за изложбата.

На изложбата ќе бидат поставени 25 дела-портрети на жени „…визуелната колористичка експресија со која нè обземаат женските портрети логично се надоврзува на сите досегашни истражувања и дефинирања на ликовниот јазик на Тони Шулајковски, во кои се вметнати повеќегодишни сознанија за индивидуалноста и универзалноста во доменот на ликовноста, реалното и имагинарното, секако во релација со свесното – несвесното на личноста. Мноштвото дискурси на неговото творештво се движат помеѓу две дијаметрално спротивни крајности за постигнување хармонија помеѓу рациото и спиритуалноста во атмосфера исполнета со различни композициски, идејни и ликовни компоненти и соодноси на симболични предмети и мотиви, при што просторот е решен со преклопување на повеќе планови на сликата“.

Според Чанкуловска-Михајловска, „овие монументални портрети, претставени во крупен план, не ја базираат својата егзистенција само врз синонимот за идеалната восхитувачка женска убавина, туку истите, во сопствената реалност, произлезена од класичните естетски уметнички канони, се воедно сместени во имагинарни метафизички пространства… Всушност, поетичноста и лирскиот набој со кој се обземени ликовите, просторот и севкупно, атмосферата во неговите дела, го позиционира авторот повеќе на прагот на чудесното“, вели Маја Чанкуловска-Михајловска, историчарка на уметноста од Националната галерија во Скопје.

Дело „Повисоко од себеси“, акрилик на платно (2023)

Академскиот сликар и ликовен педагог м-р Тони Шулајковски е роден во 1969 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, Педагошки оддел, насока сликарство во класата на проф. Ана Темкова во 1992 година. Член е на ДЛУМ од 1993 година. Од учебна 1996/1997 година до денес работи како ликовен педагог во матичното училиште ООУ „Петар Поп Арсов“, од 2001-2021 и во ООУ „Аврам Писевски“, а од 2021 во ООУ „Војдан Чернодрински“.

Постдипломски студии – насока сликарство завршил на ФЛУ во класата на проф. Родољуб Анастасов во 2002 година. Од 2005 работи со талентирани деца во приватното ликовно студио „Арс вивенди“, што го основа со Дијана Петкова – проект менаџерка.

Досега реализирал 55 самостојни, а учествувал на стотина групни изложби. Добитник е на повеќе награди, како Награда за сликарство – ДЛУМ (2016), Награда „Сликар на годината 2012“ на Остен – Светска галерија на цртеж (2013), Награда за сликарство – мал формат „Константин Мазев – Коце“ (2008), Награда за најдобар студент на педагошкиот оддел на ФЛУ – Скопје (1992).

Посетителите ќе може да ја посетат изложбата во КИЦ – Скопје до 5 ноември 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот