Интервју со Дарија Андовска: Kвалитетот е како топка во вода – колку и да ја буткаш надолу, ќе исплива

Дарија Андовска, композиторка и Декан на ФМУ

Композиторката Дарија Андовска веќе една академска година е Декан на ФМУ и целото свое знаење и искуство стекнато со професорската и уметничката работа ги вложува во развојот на институцијата со која раководи.

Иако образовниот систем не трпи промени на краток рок, а некои „вообичаени“ вредности се негуваат со години, сепак, Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје во само една академска година направи голем исчекор со зголемен број активности и поголема видливост на истите во јавноста.

Покрај одржаните концерти во рамките на студиските програми и традиционалните годишни концерти, во краток рок ФМУ организираше нов фестивал на одделот за балетска педагогија со вечери на современ и класичен балет, а студентите на ФМУ настапија и на отворањето на фестивалот „Скопско лето“.

Во академската 2022/23 година факултетот беше раководен од нова деканатска управа на чие чело застана композиторката Дарија Андовска. Токму затоа изворот на сите овие активности го откриваме низ разговорот со проф. м-р Дарија Андовска, Декан на ФМУ – Скопје.

Изминува интензивен период со многу активности на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Како би ја сумирале првата академска година откако сте Декан на ФМУ?

– Навистина беше интензивен период, полн со предизвици од различен калибар и непредвидени, односно непредвидливи аспекти, но, со оглед на резултатите, сметам дека новата деканатска управа беше успешна во првата година од мандатот.

По долг замрен период, во рок од само два семестри, имавме еден научен симпозиум, 10 мастеркласи, односно работилници со странски реномирани уметници, но и со домашни (тука посебно се издвојува работилницата за музичка критика во соработка со македонската Филхармонија), 16 отворени предавања на домашни и на странски научници, повеќе од 15 интерни концерти од циклусот „Musica Viva“, неколку концерти од голем габарит, каде учествуваат најголемите ансамбли, како годишниот концерт на нашиот роденден 6. Декември, Свечената академија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по повод патрониот празник на 24 мај, отворањето на „Скопско лето“, сите со диригентите Сашо Татарчевски и Борјан Цанев, понатаму балетската вечер по повод 90 години јубилеј на Љубомир Бранѓолица, настап на хорот и џез-ансамблот на Свечениот прием по повод Денот на Европа, организиран од канцеларијата на ЕУ во Скопје, два хуманитарни концерти, еден нов танцов мини-фестивал „Credence Dance“, настап на студенти солисти со оркестарот на македонската Филхармонија и гала оперска вечер со младите надежи по соло-пеење со оркестарот на Националната опера и балет, како и уште многубројни настапи на солисти и ансамбли од ФМУ – Скопје по различни поводи кај различни институции.

Потпишавме бројни меморандуми за соработка со институции во земјава и странство, а и ги обновивме релациите со важни институции за нас, кои беа затаиле или беа сосема прекинати во претходниот период, направивме нови 6 програми за последипломски студии, ќе отвориме и посебна катедра за џез и популарна музика.

Оваа деканатска управа: проф. Соња Здравкова-Џепароска и проф. Љубиша Кировски (продекани), проф. Драган Даутовски, проф. Горан Начевски, проф. Ана Гацева, вонр. проф Кирил Туфекчиевски (раководители на катедри) е тим кој одлично функционира и заедно успеваме да ги надминеме и решиме сите проблеми на кои наидуваме, но и оние кои ги наследивме.

Гала оперски концерт „Млади надежи“ со придружба на симфонискиот оркестар на НОБ

Со каков предизвик ја прифативте деканската функција?

– Најискрено, ова беше првото нешто во мојот живот, за кое сакав да не ми успее, односно ги поднесов документите само зашто колегите ме замолија со верба дека можам да ги поправам работите на факултетот, но потајно се надевав дека, сепак, нема да ме изберат.

Најголемиот предизвик, освен да се вратат, подобрат и интензивираат активностите на ФМУ (што евидентно веќе се остварува), ми беше и е првенствено да ги избалансирам односите во колективот, да ги потсетувам студентите на нивните права, но и обврски, да ги охрабрувам и сите заедно да се чувствуваме како дома, оти ФМУ на сите ни е втор дом. И, се разбира – да придонесам во развојот и прогресот на мојата alma mater и со тоа да придонесам во развојот и прогресот на Македонија.

Пред две години Вие бевте Најдобар уметник на УКИМ. Годинава ФМУ го има најдобриот студент на УКИМ. Иако станува збор за различни категории, сепак, тоа може да се прочита како коинциденција или како амбиција?

– Минатата година јас бев прогласена за Најдобар уметник на УКИМ за 2021 година, но не сум ни прва, а ни последна од кај нас, а ФМУ – Скопје често има Најдобар студент на УКИМ. Ништо од тоа не ново, туку само го потврдува квалитетот на нашиот кадар и студенти – сепак, од ФМУ – Скопје се произлезени сите најдобри музички уметници од Македонија, а добар дел од нив имаат светска кариера и соодветно нѐ претставуваат. Нема да ги именувам поединечно, оти ќе требаат уште барем две страници. Конечно, речиси целиот наставен кадар во сите основни и средни училишта, кадарот на конкурентските факултети, кадарот во сите најголеми државни музички институции доаѓа од кај нас.

Вечер на класичен балет на фестивалот „Credence Dance“

Годишните концерти на студентите се традиција на факултетот. Со каква мисија го почнавте новиот фестивал „Credence Dance“ на балетскиот оддел при ФМУ?

– Идејата е да има размена на искуства и да се отвори сцената за нашите, но и за студенти од други институции и од странство, вклучувајќи и веќе професионалци, кои во првото издание беа и наши алумни. Сакаме да помогнеме во остварување континуитет на танцовата сцена, подобрување на условите, капацитетите и квалитетот, како и градење и дополнителна едукација на публиката. Се надеваме дека секое наредно издание на фестивалот ќе биде подобро, секако работиме на тоа.

Се сметам себе за добар пример за младите луѓе, кои страдаат од искривените вредности на нашето општество / Фотографија: Маја Аргакијева

ФМУ продуцира голем број кадри во сите музички оддели. Имајќи предвид дека има само една државна филхармонија, опера и балет, какви совети им давате на дипломираните студенти за понатамошен развој во образованието и во музичката кариера?

– Освен работата на сцена, сите сме и даскали. Фиксацијата за државните ансамбли, односно државната работа, е сосема депласирана и анахрона. Во повеќето светски музички институции не постои трајно вработување за музичарите и тоа е со добра причина.

Мојот совет е секогаш да си ги измерат силите надвор од Македонија, па потоа, доколку сакаат, да се вратат и да придонесат. Откако ќе видат дека навистина има безброј други можности, кои не се врзани со државна работа, сфаќаат дека квалитетот е како топка во вода – колку и да ја буткаш надолу, ќе исплива.

Тоа, се разбира, бара инвестиција во сопственото образование и развој, здрава конкуренција, но и соочување, борба и лекување на нашите „традиционални болести и зависности“, како непотизам и партиски вработувања.

На кратко, ги учам да работат на себе, да си го полнат куферчето со знаење и умеење, оти никогаш не знаат кога ќе се случи моментот да се на вистинско место, со вистински луѓе и во вистински момент – тогаш треба да имаат што да понудат.

Дарија Андовска и Никола Глигоров на отворањето на „Скопско лето“

Повеќепати самата имате изјавено дека сѐ што имате постигнато во животот и во професијата е направено со Вашите десет прсти, без ничија друга помош. Колку Вашиот случај можеме да го сметаме како „исклучок од правилото“ во општество во кое за сѐ се потребни „врски“?

– Да, со моите десет прсти, еден ум и мнооооогу бескомпромисна работа на себе. Се сметам себе за добар пример за младите луѓе, кои страдаат од искривените вредности на нашето општество, сметам дека сум добар пример за тоа дека можеш да постигнеш многу, доколку не си бараш за себе оправдувања, не се откажуваш, не си ја даваш слободата, не дозволуваш да ти ја заробат мислата или да те обесхрабрат сите шиканирања и не си инертен во поглед на сопствениот развој.

Правилата ние треба да ги правиме и да ги кршиме, доколку се несоодветни. Во светот јас сум правилото, не исклучокот, оти, повторно – квалитетот е како топка во вода – колку и да ја буткаш надолу, ќе исплива. Се надевам и работам на тоа и кај нас луѓе како мене да се правилото.

Паралелно со професорската работа имате исклучително успешна уметничка работа како композиторка. Во текот на мај и почетокот на јуни се одржаа повеќе концерти на кои беа изведени ваши композиции. На некои од изведбите лично присуствувавте. Што за композиторот значи изведбата на неговите композиции и уште повеќе, присуството на изведбата?

– Секоја изведба на композиција, особено вон државата, значи оставање трага, белег во вечноста. Присуството на композиторот е секогаш добредојдено (повторно, особено вон државата), бидејќи публиката навистина ретко има можност да се запознае со композиторот (повеќето не се меѓу живите), да разговара и да успее, преку разговор пред изведбата, поблиску и одблиску да ја доживее композицијата, па и потоа да ја дискутира со композиторот.

Замислете колку би било прекрасно да можеме да разговараме со кој било од великаните на музиката и да чуеме што мислат тие. Затоа е и толку ценето присуството на композиторот, доколку постои можност. Пак, особено вон државава.

Кај нас, иако сум тука и присутна, многу ретко се изведуваат мои композиции, што е сосема друга тема. Еве, „даМар“ е изведена по третпат во Германија за само еден месец. Напишана е во јуни 2021 година и го прошета целиот свет, вклучувајќи го и 67. International Composers Rostrum, а сѐ уште нема изведба во Македонија.

Изведба на композиција од Дарија Андовска во Дрезден, Германија

Важите за најизведуваната македонска композиторка во странство. Практично, каков е патот на делото до странските оркестри и изведувачи?

– Имено, во странство. Вообичаено некој чул некоја моја композиција, па ме контактира со цел за него/неа или нивниот ансамбл/оркестар да напишам композиција. Значи, по нарачка. Пласманот на новите дела секогаш зависи од нивната свежина и квалитет. Ќе ве потсетам на претходниот муабет за квалитетот. Понатаму композицијата веќе има сопствен живот и оди од рака во рака, најчесто после врвни изведби. Се случува за многу изведби и воопшто да не знам или да дознаам многу отпосле.

На неколку концерти беа изведени композиции од циклусот „Песни од татковината“. Колку композиции содржи и какви се понатамошните планови со циклусот?

– Сега за сега се три песни – „Со маки сум се родил јас“, „Си заљубив едно моме“ и „Сношти минав“, но во план се нови песни. Тоа е отворен циклус, од кој може да се изведува една, две, сите композиции и без однапред утврден редослед од композиторот, т.е. од мене. Во моментов сум во преговори во врска со тоа кои би биле следните три македонски песни од овој циклус.

Има ли нови концерти во најава на личен план и каква стратегија летово ќе подготвувате за следната академска година?

– Се разбира. Од поголемите проекти, ќе издвојам премиера на нов циклус за ансамбл летово во Швајцарија, во соработка со „pre-art“, премиера на музика за балетска претстава посветена на Ацо Шопов, во соработка со Ивана Коцевска (нашиот сегмент е еден од три) и една театарска претстава. Тоа се потврдени проекти до крајот на оваа календарска година, поврзани со мојата композиторска работа. Концерти, секако, ќе има многу и, се разбира (за жал), во странство.

Во врска со Факултетот и академската година, освен што ќе продолжиме со зголемениот број на воннаставни активности, имаме и неколку нови проекти, како реновирање на големата концертна сала, обезбедување сала за јога и за танцови активности за нашите студенти и вработени/ангажирани, ќе направиме соба за релаксација и ќе набавиме пет дигитални пијана. И ова е само сегмент до крајот на календарската година. За другото, како и досега, ќе решаваме заедно со деканатската управа.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 185, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот