Едно од најубавите места во Дубаи: Најголемата градина во светот се простира на 72.000 квадратни метри
Педесет милиони цвеќиња, 250 милиони растенија, една локација. „Miracle Garden“ во Дубаи е најимпресивната и најголемата градина во светот. Речиси два милиони луѓе ја посетуваат секоја година, а градината е толку голема што можете да поминете неколку часа таму и да уживате во различните цветни форми и скулптури – од романтичните срца до омилените ликови од анимираните филмови на Волт Дизни. Единственото правило за гостите е: „Не ги берете цвеќињата, колку и да е тоа примамливо“, пишува „Путни кофер“.
Најголемата градина во светот се простира на 72.000 квадратни метри магична цветна екстраваганција, хипнотизирачки скулптури и други раскошни миризливи атракции. Со текот на годините, овој парк освои многу престижни награди, вклучително и два влеза во Гинисовата книга на рекорди – за најголемата цветна инсталација на авионот Ербас А380 и за највисоката структура на реплика на Мики Маус. Ако барате волшебно одморалиште среде арапската пустина, не гледајте подалеку од „Miracle Garden“ во Дубаи. Покрај прекрасните цветни атракции, градината нуди повеќе од 30 штандови со храна, кафулиња и ресторани кои ќе ве освежат за време на вашата посета.
Една од најпосебните атракции во оваа извонредна градина е реплика на Ербас А380 во природна големина. Оваа грандиозна градба е спектакуларно украсена со дури 500.000 свежи цвеќиња и растенија, а потребни се неверојатни 9.000 цвеќиња само за светски препознатливото лого на авиокомпанијата „Емирати“. Неговата импресивна должина од 72 метри и висина од 24 метри во голема мера придонесуваат за тоа да заземе забележително место во Гинисовата книга на рекорди како најголема цветна инсталација досега видена.
Наводнувањето на бесконечниот број растенија во оваа прекрасна градина може да звучи застрашувачко, бидејќи секој ден се користи извонреден волумен од 757.000 литри вода. Но, фасцинантно е што прекрасниот изглед на оваа градина се одржува со употреба на рециклирана отпадна вода и паметен систем за наводнување капка по капка. „Miracle Garden“ заслужува високи пофалби за одговорниот пристап кон управувањето со водите и примената на енергетски ефикасни методи кои резултираат со заштеда од речиси 75 проценти од вода и енергија.
„Miracle Garden“ е изградена на простор што некогаш бил пустина, што ja прави уште поимпресивно достигнување. Секојдневно ja одржуваат преку 150 работници, а за време на цветната сезона градината користи околу 50 тони ѓубриво за да се обезбеди здравје и виталност на растенијата. Оваа прекрасна градина беше инспирација за многу цветни фестивали ширум светот. Посетителите можат да се прошетаат бесплатно со воз, а за време на специјални прилики и празници, градината добива тематски украси за да создаде посебна атмосфера.
Овде можете да посетите и волшебна градина со пеперутки. Отворена во 2015 година, „Butterfly Garden“ е најголемата затворена градина со пеперутки во светот. Во неа има колекција од 15.000 пеперутки од 50 различни видови. Тие можат да се најдат во 10 климатски контролирани куполи, каде што можете да уживате гледајќи ги во нивната природна средина. Она што е уште повозбудливо е што можете одблиску да ја гледате нивната прекрасна трансформација од јајце, ларва, кожурец и, на крајот, шарена пеперутка.
За разлика од другите атракции во Дубаи, „Miracle Garden“ е отворена само во зимските месеци. Ако сакате да ја посетите, планирајте го вашето патување во Обединетите Арапски Емирати помеѓу ноември и март за да ги видите цвеќињата во полн цут. Креативните цветни аранжмани се менуваат од година во година, внесувајќи разновидност и свежина во секоја посета.
ФОТО | Седум милиони цвеќиња: Се отвора една од најубавите цветни градини во светот