ВИДЕО| Гиевски: Ние изработуваме инструменти, музичарите им даваат душа и тие почнуваат да свират

Љубомир Гиевски/Фото: Методи Здравев

„Слободен печат“ во поддршка на старите занаети од Скопската чаршија. Преку интервјуа со занаетчиите ќе се обиде да ги спаси од заборав, да ги запозне младите генерации со традицијата која со векови се одржува во Чаршијата. Можеби прилозите ќе бидат поттик за некој млад човек некој занает да го одбере за своја идна професија и со тоа да ја продолжи традицијата. Со тоа ќе ги спаси дуќаните од трајно затварање.

Љубомир Гиевски прави рачно акустични инструменти. Најмногу мандолини, но и гитари. Тој е сопственик на единствениот дуќан од ваков вид во државава. Не е музичар, но знае да засвири нешто за своја душа. Знае да го наштима инструментот, но вели дека истиот блеснува вистински во рацете на музичарот, на уметникот кој го купува. Во работилницата постои некоја посебна енергија, влева мир, се слуша музиката на инструментите кои иако само стојат, зборуваат за времето кога се изработени.

Љубомир Гиевски/ Фото: Методи Здравев

– Ме влечеше оваа работа, бидејќи од мал ја гледав. Татко ми велеше „учи школо“, јас велев ќе работам.“Е добро синко, дојди да видиш како се раѓа лебот.“ И уште нешто ми кажа. “Со овој занает, никогаш нема да бидеш богат, ама никогаш нема да бидеш ниту гладен. И така е до ден денешен- вели Гиевски.

Неговата работилница постои од 1932 година, неговиот татко го учел тогаш занаетот. Вели дека се наследува од колено на колено.

-Од тогаш до денес не постои дуќан во Македонија како нашиот. Некои работат дома, но како занает не постои. Не се знае колку инструменти има во дуќанот. Изработуваме мандолини, тамбури, гитари, тапани, дајриња- вели Гиевски.

Првите електрични гитари што засвиреле во Македонија се направени за “Бисери„ и „Безимени“ тоа биле два бенда кои се пробивле истовремено на сцената, ама биле ривали…

-Доаѓаат едните со музичка плоча голема, ја има на слика гитарата, носат цртеж и бараат таква гитара. Татко ми ја направи. По неколку дена доаѓаат другите, бараат исто гитара и велат на никого да не кажете што бараат. Кога си ги земаа електричните гитари не се налутија, си ги земаа од мајсторот и не беше проблем двете групи да имаат исти гитари- вели Љупчо.

Во нивната работилница направени се илјадници инструменти. Со занаетот не се заработува, повеќе љубовта го држи.

– Со занаетот не се заработува многу, повеќе љубовта не држи, затоа што еден инструмент кога ќе го купи еден музичар, си го чува како око, не купува десет. Имаше периоди кога правевме само мандолини беше актуелно, во сите школи имаше оркестри школски, 600 мандолини правевме годиишно. Но и тоа згасна. Сега ги нема во школите, но каде ги има не можат ни жиците да ги купат. Поправаме гитари, вратот на инструментот најчесто страда- вели Гиевски.

Наградувани се многу, работат заедно со брат му. За гитарата вели дека за да трае долго треба правилно да се чува.

Гитарата е направена од дрво, испушта и прима влага. Ако стои до радијатор се распаѓа. Ако се чува правилно ќе трае вечно. Дрвото има деформации се расипува вратот најчесто. Правиме и тамбури, има ут, флејта- вели Гиевски.

Љубомир Гиевски/ Фото: Методи Здравев

Знае да свири нешто за своја душа. За занаетот вели дека изумира, технологијата оди напред, рачната изработка не се почитува многу.

– Не би им препорачал на младите да го работат ова. Син ми ми рече- ти се усреќи сега и мене ме тераш на ова. Немам плата ни за мене, а не за некој вработен. Даутовски во една прилика кажува „ Мајсториве го направија инструментов, музичарите му даваат душа“- вели Гиевски.

Целото интервју на нашата колешка Агнеса Чаволи и постапката како рачно се изработува гитара погледнете го овде:

 

Утре очекувајте го шапкарот Илчо Трајковски и неговите шешири и качкети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот