Уставниот суд не го коментира проблемот со пасошите и личните карти

Гужва за вадење документи во пунктот во ПС „Пролет“ / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Уставниот суд не го коментира актуелниот горечки проблем со издавањето на личните карти и пасошите и неможноста на околу милион граѓани после 12 февруари да ја напуштат Македонија со патна исправа на која е старото име на државата Република Македонија.

– Уставниот суд своите ставови ги изразува преку одлуките кои ги носи и не коментира актуелни прашања. Во овој момент во тек се постапки за два предмета кои се поднесени по иницијатива на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за коишто Судот веќе информираше – велат од Уставен суд за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека освен иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за испитување на законитоста на измените на законите за патна исправа и за безбедност во сообраќајот, со кои се утврди 12 февруари 2024 година како краен рок до кога ќе важат пасошите и возачкиоте дозволи, до Уставниот суд нема пристигнато барања од граѓаните за заштита на човековите слободи и права.

„Слободен печат“ го праша Уставниот суд кој е ставот на оваа институција за настанатата ситуација со неможноста на илјадници граѓани навреме да извадат нови патни исправи заради кои им се ограничува уставното право на слободно движење и дали е нарушена правната сигурност на граѓаните, особено што во периодот по промената на уставното име во 2019 година до јули 2021 година државата издаваше лични докумети со старото име на државата Република Македонија.

Народниот правобранител Насер Зибери деновиве за „Слободен печат“ изјави дека граѓаните можат да поднесат приговори пред повеќе институции, меѓу кои и Уставниот суд.

– Уставот го гарантира правото на слобода на движење и прецизно одредува во кои услови истото може да биде ограничено. Овој проблем кој сега се создаде не го опфаќа, па со неиздавањето на валидни документи на граѓаните им се прекршува ова право. Тука мора да се земат предвид сите патувања, како лекување во странство, посетна на семејствата, одмор, заминување на студии, работа, склучување на бизнис зделки и слично. Што се однесува на прашањето кому да се пожалат, секој граѓанин може да поднесе претставка до канцеларијата на Народниот правобранител, да достави поплака до МВР, а воопшто не е спорно дека заштита на своите права може да ги бара во постапка пред надлежните судови како и пред Уставниот суд – рече Зибери.

Според член 27 од Уставот секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот