Русија враќа четири киднапирани украински деца по договорот со Катар

Игралиште во Харков, Украина / Фото: : Ozge Elif Kizil / AFP / Profimedia

Русија се согласи да врати четири украински деца на нивните семејства, како дел од договорот постигнат со посредство на Катар. Репатријацијата е дел од пилот-шемата за враќање на повеќе од илјадниците деца киднапирани од Русија по нејзината целосна инвазија минатата година.

Најмалото дете од четирите има две години, а најстарото 17 години. Украина соопшти дека идентификувала 20.000 нејзини деца земени од Русија. Сепак, бројот на насилно депортираните се смета дека е многу поголем, пренесува Би-Би-Си.

Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин во март, обвинувајќи го него и неговата комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова за незаконска депортација на украински деца.

Русија инсистираше на тоа дека нејзините мотиви се чисто хуманитарни, тврдејќи дека евакуирала стотици илјади украински деца за да ги заштити од опасност, а највисоките функционери го презираа обвинението во тоа време.

Враќањето на четирите деца ќе ја тестира шемата на која работеше Катар откако ги предводеше разговорите со Москва и Киев, рече дипломат кој побара да остане анонимен поради чувствителноста на процесот.

Катарскaтa министерка Лолва Ал Катер го потврди посредувањето во изјавата, нарекувајќи ги репатријациите „само прв чекор“.

„Охрабрени сме од посветеноста и отвореноста што ја покажаа двете страни во текот на целиот процес, што искрено се надеваме дека ќе доведе до повеќе иницијативи насочени кон деескалација на тензиите и градење доверба меѓу двете страни“, додаде таа.

Сепак, извлекувањето на децата од Русија не беше едноставно. Во најмалку еден случај детето морало да отпатува дома преку Естонија, Латвија, Литванија и Полска.

Едно од четирите деца што требале да се вратат, седумгодишното, во петокот повторно се сретнало со својата баба, а во понеделникот пристигнало во Украина. Останатите три деца, исто така соединети со нивните семејства, се очекува да пристигнат во Украина подоцна во понеделник или вторник.

Тие се меѓу илјадниците деца од Украина насилно одвоени од нивните семејства, вели Киев, однесени преку границата во Русија и соочени со активни напори да им се одземе украинскиот идентитет. Во некои случаи, украинските семејства биле принудени на исцрпувачки патувања во Русија за да ги вратат своите деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот