Разговор со Ивана Трајаноска, авторка на романот „Деса“: Со секој женски лик во романот ја славам жената и нејзината (не)моќ

Фото: Еспресо.мк

Во фокусот се женските ликови, жените во семејствата од мајчина страна, кои ги пренесуваат своите приказни на сопствените ќерки, внуки, правнуки. Во романот се обработуваат повеќе теми, но како централна тема го поставувам идентитетот, особено родовиот и мајчинството

Низ историјата на македонската книжевност има многу женски ликови кои се столбови и темелници на архетипот на жената во наш општествен и патријархален контекст. Патријархатот како систем има универзални закони, но во секоја култура се локализира, па кај нас е изразен во очекувањето од жените да бидат поклонички на родовите улоги и се разбира прво и најважно, мајки. Ивана Трајаноска со романот „Деса“ направи приказ на реалноста – да се биде жена тука – без разлика на деценијата, и емпатично ја прикажува хероината како жена која е малку несигурна пред поставените ролји од нејзините историски претходнички.

Трајаноска е универзитетска професорка, книжевна истражувачка и критичарка, преведувачка и писателка. Докторирала на Универзитетот „Пол Валери-Монпелје 3“, во Франција, во областа на англистиката. Речиси дваесет години работи како професор по англиски и француски јазик. Во 2008 година беше објавен нејзиниот прв роман „Разгледници“, а поводот за нашиот разговор е нејзиниот нов роман „Деса“ во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, роман кој беше дел од најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2020 година.

Фото: Приватна архива

Како се роди романот „Деса“ и ликот во него?

– Идејата за романот „Деса“ се роди многу одамна. Откога го завршив романот „Разгледници“, контурите на романот „Деса“, главниот лик и приказната почнаа да се исцртуваат. Почнав да го пишувам во 2018 година. Летото интензивно работев на него и го завршив. Тогаш излезе конкурсот за наградата „Пегаз“ на „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар необјавен роман за 2019 година и сметав дека е одлична можност да стигне до читателите. Сепак, таа година романот не влезе во потесниот избор, но не се обесхрабрив. Го доработив и повторно го пратив на конкурсот за најдобар необјавен роман за 2020 година, кога влезе во потесниот избор во конкуренција од 61 ракопис и беше неодамна објавен со сребрен печат „Пегаз“. Што се однесува до главниот лик Деса, таа е конструкција на жена од македонско патријархално семејство, но и повеќе од тоа. Деса ја осмислував и создавав долго. Нејзиното име е земено од името на мојата покојна баба, но истовремено упатува на Теса од Дубервилови на Томас Харди. Деса е жена. Деса е ќерка, сестра, сопруга, мајка, наставничка по музичко. Но, Деса е концепирана и како архетип на жена која е истовремено жртва и своевидна хероина на патријархатот.

Ако направите синтеза на приказната за да им ја доближиме на нашите читатели, за што станува збор?

– Во романот „Деса“ се зборува за неколку семејни приказни раскажани на еден синтетизиран и стегнат начин. Се обидов умерено да експериментирам со романот како литературен вид. Романот е краток, а приказната е кондензирана и предадена преку наративни техники карактеристични за усната литература, музички техники, но и аналепси, пролепси, „тек на свеста“ и кратки внатрешни монолози. Во романот е опфатен еден ден од животот на Деса, во осумдесеттите години од минатиот век, но откриваме испреплетени приказни за повеќе членови од неколку поврзани семејства од почетокот до крајот на дваесеттиот век во Македонија. Во фокусот се женските ликови, жените во семејствата од мајчина страна, кои ги пренесуваат своите приказни на сопствените ќерки, внуки, правнуки. Во романот се обработуваат повеќе теми, но како централна тема го поставувам идентитетот, особено родовиот и мајчинството…

Целиот текст прочитајте го ТУКА.
Извор: Еспресо.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот