Путин се подготвува за уште поголема војна

T-72B3M москва русија воена парада
T-72B3M на Воената парада во Москва, Русија / EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Русија е пред усвојување на нов закон кој ќе овозможи новa мобилизациja за војната во Украина, пишува Фајненшл тајмс

„Овие амандмани се напишани за голема војна и општа мобилизација. И таа голема војна веќе се намирисува“, изјави Андреј Картаполов, шеф на комисијата за одбрана на Думата, додека рускиот парламент брзаше да го усвои новиот закон.

Тоа е законот што му дозволува на Кремљ да испрати уште стотици илјади новомобилизирани војници да се борат и ја открива тажната вистина дека Владимир Путин, е далеку од тоа да бара излез од неговата катастрофална војна во Украина, и дека се подготвува за уште поголема, пишува Фајненшл Тајмс.

Разбирливо е што многумина во Украина и на Запад сакаат да веруваат дека рускиот претседател е ставен во безизлезна ситуација.

Украинската армија постепено ги зазема териториите окупирани од Русите и покажува дека е способна да навлезе длабоко во непријателска територија – дури и во самата Москва.

знак з симбол z русија путин
EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Расте притисокот од санкциите врз Русија

Засега, Западот останува обединет во поддршката на Киев, а со секојдневната испорака на модерно оружје и на финансиски средства ја покажуваат безрезервната поддршка на воените напори на Украина да се одбрани.

Конечно, бунтот организиран од шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, и видливите судири меѓу високите воени команданти на Русија ги подгреваат надежите дека воената машинерија на Кремљ е пред пукање.

руска армија EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Кремљ верува дека може да си дозволи долга војна

Работите веројатно изгледаат многу поинаку за Кремљ, кој верува дека може да си дозволи долга војна.

Се предвидува дека руската економија ќе забележи скромен раст оваа година, најмногу благодарение на воените компании кои работат деноноќно.

Критичните компоненти како што се микрочиповите потребни на одбранбената индустрија доаѓаат од Кина и од други земји од третиот свет.

И покрај санкциите, воената каса на Кремљ е сè уште преполна со готови пари, благодарение на неочекуваниот енергетски профит минатата година и, исто така, приспособливоста на руските извозници на стоки, кои најдоа нови купувачи и ги подмируваат плаќањата главно во кинеската валута јуани.

Ако буџетските притисоци станат поакутни, руската централна банка би можела дополнително да ја девалвира рубљата, што ќе го олесни плаќањето на војниците, работниците во одбранбената индустрија и внатрешните безбедносни сили кои ја држат руската елита и јавноста под репресија и главно во согласност со катастрофалниот политички курс на Путин.

Што се однесува до самата војна, Кремљ сè уште не се чувствува загрижен од украинската контраофанзива.

Дури и ако Киев постигне напредок во својата контраофанзива, Кремљ би можел да ги окарактеризира како недоволни и привремени.

Владимир Путин/ Фото EPA-EFE/GRIGORY SYSOEV/SPUTNIK/

На што се надева Путин?

Путин смета на фактот дека руската работна сила што потенцијално може да се мобилизира е три до четири пати поголема од украинската, а единствената итна задача е да може да го користи овој ресурс по своја волја: да мобилизира многу повеќе луѓе, да ги вооружува, обучува и да ги испрати ги во битка.

Токму тоа е целта на новиот закон, кој треба да му помогне на раководството во Кремљ да избегне уште една официјална мобилизација.

Владата отсега може, далеку од очите на јавноста, да испраќа покани до онолку луѓе колку што смета дека и се потребни.

Горната старосна граница за задолжително служење на воен рок ќе се зголеми од 27 на 30 години, а во иднина ќе може повторно да се зголемува.

Откако ќе биде издадено известување за електронска мобилизација, границите на Русија веднаш ќе бидат затворени за да се спречи масовен егзодус на воено способни мажи на нешто слично на мобилизацијата која Русија се обиде да ја спроведе минатата есен. Заострени се и казните за одбивање да служење на воен рок 

Овие потези, во комбинација со огромните инвестиции на земјата во проширување на производството на оружје, треба да му помогнат на Путин да изгради поголема и подобро опремена војска.

Украина протести против Путин EPA-EFE/ABIR SULTAN

Паралелна тактика е задушувањето на украинската економија

Знаејќи дека буџетот на Украина е на животна поддршка обезбедена од западните сојузници, Кремљ сака да му ги ускрати на Киев сите извори на приход.

Затоа, Москва не само што се повлече од договорот за жито што дозволи украински земјоделски извоз преку Црното Море, туку и започна масовни воздушни напади врз украинските пристаништа за да ја уништи секоја шанса за враќање на договорот.

Истата логика ги поткрепува руските воздушни напади врз цивилната инфраструктура: тие имаат за цел да ги направат украинските градови непогодни за живеење и да ги спречат напорите за нивна обнова.

владимир путин 9 мај москва
Владимир Путин / Воена парада во Москва / EPA-EFE/MIKHAIL METZEL/ KREMLIN POOL/SPUTNIK MANDATORY CREDIT

Путин направи многу фатални грешки. Но…

Кремљ се надева дека брзата обнова на руската војска и постепеното уништување на економијата и вооружените сили на Украина ќе резултира со растечка фрустрација на Западот и намалување на материјалната поддршка за Киев.

За да го забрза овој процес и да ја скрши волјата на Западот, Москва користи закани за ескалација, вклучително и ширење на конфликтот кон територијата на НАТО преку Белорусија со помош на платениците на Вагнер стационирани таму.

Путин, заклучува понатаму Фајненшл тајмс, направил многу фатални грешки.

Но, додека тој е на чело, Москва ќе ги насочува своите сѐ уште огромни ресурси за да ја реализира опсесијата со уништување и потчинување на Украина.

Додека западните лидери размислуваат за политиките за поддршка на Украина во третата година од украинската војна, секоја долгорочна стратегија ќе мора да ја земе во предвид оваа реалност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот