Маратонот на нашата љубов и професионалност

Добиеното признание за придонес во афирмацијата на Охридскиот пливачки маратон ми ги разбуди неизбришливите сеќавања за времето кога го возобновувавме овој реномиран меѓународен натпревар, на иницијатива на неделникот СКОК и неговиот главен и одговорен уредник Мирослав Наумовски Лав, а со заеднички сили и поддршка од Македонската радио-телевизија и голем број спортски ентузијасти од Македонија…

Од се срце им посакувам мирно езеро на учесниците на Охридскиот маратон. По 36. пат бистрите езерски води од Свети Наум до пристаништето во Охрид го свртуваат внимнието на домашните и странски љубители на маратонското пливање. Еден неочекуван телефонски повик е причината за овие редови.

– Охрид не го заборава вашиот придонес за пливачкиот маратон. Признание за вашиот придонес во афирмација на Меѓународниот охридски пливачки маратон… – ми вели Ристе Јанковски од Организацискиот одбор на маратонот.

Избирајќи меѓу свеченоста на 24 август, а со оглед на возраста и веќе закажаниот „мој термин“, признанието во мое име го прими драгиот ми пријател Владо Радевски. Малите нешта го прават човека среќен. Се уште се неизбришливи деновите кога се возобновуваше Охридскиот пливачки маратон во првите години на нашата македонска самостојност.

– Ајде куме, да ги прегнеме заеднички силите за обновување на Охридскиот пливачки маратон – ми предложи главниот и одговорен уредник на СКОК, Мирослав Наумовски Лав. На 28 август 1991 година излезе првиот број на неделниот спортски магазин СКОК на чие што име му кумував, нешто како Спортски Квалитет за Олимписки Континуитет. Мирослав Наумовски Лав беше извонреден новинар и драгоцен колега, човек од акција.

– Медиумската поддршка ќе биде наша, потребна е и телевизиска презентација, односно маратонската трка да ја видат што поголем број гледачи – ми рече Лав.

Во Македонската телевизија добивме максимална поддршка. Генералниот директор Тихомир Илиевски ја поддржа идејата дури и за директен ТВ-пренос од трката, од манифестацијата што се одржа под покровителство на претседателот на Републиката, Киро Глигоров. Речено-сторено. Сите бевме пред голем предизвик, организаторите, туристичките работници, редакцијата СКОК и Македонската радио-телевизија.

Се работеше со љубов, со максимална ангажираност и професионалност. Редакцијата на СКОК се пресели во Охрид, „окупира“ неколку соби во хотелот „Гранит“. Се формира прес-центар каков што само може да се посака и тоа во времето без компјутери, мобилни телефони, во ерата на токи-воки комуникацијата. Покрај Мирослав Наумовски Лав тука беа Ѓоко Стојменски, Бошко Трпески, Милорад Стојмановски, Мијалче Дургутов и Благоја Георгиевски, фото-репортерите Томислав Димовски, Роберт Спасовски, Слободан Ѓуриќ, секретарката Дивна Станковска и возачот Сречко Стојановски.

Беше подготвено специјално издание на СКОК, бројни билтени, стартни листи… Да, полесната работа беше извонредно завршена. Но, онаа другата, како сето тоа телевизиски да се презентира, не мачеше се до вклучувањето на камерите во директниот пренос од пристаништето во Охрид. Лесно е да е пренесат настаните од целта, да се видат победниците, но како да се „изработат“ тие 30 километри од стартот кај манастирот Свети Наум до целта кај пристаништето во Охрид?

Неуморниот Александар Радич Леко ни ги нудеше најсигурните и најбрзите чамци и кајчари. Режисерот Сашо Панов, организаторот Јовица Атанасовски, камерманот Ѓоко Поповски и тонскиот снимател Варнава Андреевски, сите со долгогодишно искуство, но и првпат со ваков предизвик, направија подвиг – охриѓани го гледаа својот маратон на телевизија, но и побрзаа да го пречекаат победникот Павел Рандисек од Словачка.

Првите честитки беа од Нико Нестор, Атина и Дики Бојаџи, Климе Савин. Тоа беше знак дека успеавме. Од загревањето на маратонците на зелената трева кај манастирот Свети Наум, па се до пристаништето, беше вклучена камерата на Ѓоко Поповски, а микрофонот на Варнава Андреевски го бележеше коментарот, сите оние попатни збиднувања долж патеката. Лентата во камерата траеше само 20 минути, а потоа со најбрзиот чамец беше префрлена до репортажната кола на пристаништето. Така цели шест часа. Патем со многу разговори со тренерите, секундантите и се разбира неизбежното, соопштување на препливаното време од страна на Соња Думбаловска.

Остануваат запаметени многу убави случувања како она во 1994 година кога осамен во чамецот, аргентинскиот колега преку мобилен телефон соопштуваше дека Хулио Фернанез брза кон целта на пристаништето…

Европа и светот благодарение на репортажите во редовната евровизиска размена уште еднаш ги видоа убавинита на нашиот Охрид, а обновениот пливачки маратон стана една од најпосакуваните трки на најпознатите светски маратонци.

Благодарност до охриѓани за признанието. Без поддршка на драгите колеги Мирослав Наумовски Лав, Ѓоко Стојменски, Томислав Димовски, Сашо Панов, Јовица Атанасовски, Ѓоко Поповски и Варнава Андреевски сигурно и јас немаше успешно да „допливам“ до ова признание. Во сеќавање на нив, уште еднаш благодарам Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот