Изложба на фотографии од Денис Јагџи е поставена во галеријата на ФЛУ во Сули ан
Во објектот Сули ан, во галеријата „Драгутин Аврамовски – Гуте“, во Старата скопска чаршија, на 19 октомври (четврток), со почеток во 19 часот, ќе биде отворена втората самостојна изложба „Паралелни светови“ на фотографот Денис Јагџи.
– Во современиот технолошки галиматијас живееме со крупни чекори и со ширум отворени очи и гради, прифаќајќи ги придобивките и предностите од новите цивилизациски изуми, а не размислувајќи, ниту пак, осврнувајќи се на жртвите кои ги принесуваме прифаќајќи го „данокот“ на новата технократска доба. Побргу комуницираме, виртуелно споделуваме информации со еден клик, работата ни ја олеснуваат разновидни помагала, а ние наместо да ги зачуваме вредностите кои се суштина на егзистирањето, стануваме робови на самите технолошки помагала кои треба, всушност, да ни го „олеснат“ животот.
Зависноста која ја создаваме кон нив нѐ претвора во маѓепсани марионети кои колективно „влегуваат во матриксот“ на хибридниот медиумско-платформски пејзаж и комплетно ја менуваат когнитивната перцепција на нормалното хуманистичко функционирање. Да не говориме за етичко-моралните прашања кои се провираат од ваквиот мизансцен и кои на едно сосема цивилизациско рамниште го поставуваат дискурсот за лимитите на хуманистичката дистопија.
Низ фотографскиот објектив младиот фотограф Денис Јагџи обработува еден сегмент од ваквата реалност, создавајќи инсценирани и мрачни техничко-електронски паноптикуми, како своевидни „стаклени кутии“, во кои вгнездува неприродни за средината тела – детски играчки. Јагџи, ги конфронтира овие два света кои се борат помеѓу себе и кои се белег на денешниот социо-општествен хабитус – стои во текстот од каталогот за изложбата.
Денис Јагџи е роден во 1996 во Призрен. Тој е дипломиран фотограф. Дипломираше на катедрата по фотографија на Факултетот за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“ – Скопје, во класата на проф. м-р Роберт Јанкулоски и доцент м-р Елена Бојаџиева.
Неговата прва самостојна изложба, како дел од дипломскиот труд насловена „Портрет на градот“, беше изложена во Национална галерија на РСМ – Мала станица во 2019 година. Неговите фотографии биле дел од повеќе групни изложби: „Артекологија“ (2021), 32-та сесија на Ликовната колонија Галичник (Скопје, 2021), „Фотософија“ (Загреб, 2019), „Идентитет“ (Дортмунд, 2018), „Идентитет“ (Скопје, 2018), „Скопје Креатива“ (Скопје, 2017), „Теми од мојата земја Македонија“ (Скопје, 2018).
Изложбата „Паралелни светови“ е финасиски поддржана од Министерството за култура на РСМ, а логистичката поддршка е од Факултетот за ликовни уметности при УКИМ – Скопје.