Интервју со Дијана Томиќ Радевска, уметник и куратор: Колегијалноста е богатство кое треба да се негува

Фотографија: Роберт Јанкулоски

Групна изложба со наслов „Скопски урбани приказни – Во 5 и 17“, организирана од ДЛУМ, а со цел сеќавање и бележење на два значајни јубилеја, 60 години од Скопскиот земјотрес и 2023 – Година во чест на Ацо Шопов, од 3 до 9 јули е поставена во КИЦ – Скопје и на повеќе локации низ градот Скопје.

Преку класичен, интердисциплинарен и мултимедијален пристап дваесет и тројца уметници ги претставија своите дела во рамките на групната изложба „Скопски урбани приказни – Во 5 и 17“, организирана од ДЛУМ и поставена на различни локации во централното градско подрачје на Скопје.

Една од забележливите карактеристики на оваа изложба е вклучувањето на текстот „Во пет и седумнаесет“ од македонскиот поет Ацо Шопов. Оваа потресна песна напишана во проза е посветена на земјотресот во Скопје и духот на светската солидарност.

Спојот на литературата и ликовната уметност, како и синергијата на сетилата, емоциите и интелектот, понудија возбудлива прошетка низ градот преку уметност. Кураторка на изложбата е Дијана Томиќ Радевска.

Во рамките на „Скопско лето“ ја куриравте групната изложба со наслов „Скопски урбани приказни – Во 5 и 17“, организирана од ДЛУМ. Со каков ликовен мотив ги поврзавте двете теми – 60 години од Скопскиот земјотрес и 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов?

– Текстот на Ацо Шопов го препрочитав уште пред две години, на богатата веб-страница на фондацијата (acosopov.com), мислам дека многумина и не го знаат. Ми тлееше идејата, размислував како се може да се употреби, како текстот би можел да се визуелизира. Текстот е многу емотивен, напишан е поетски, а тоа е прозен текст. Спојот на литературата и поезијата со ликовните и визуелните уметности не е редок низ историјата на уметноста. Уметностите богато соработуваат.

Минатата година, кога сѐ уште бев во Уметничкиот совет на ДЛУМ, го предложив проектот и размислувавме што поразлично можеме да понудиме на уметниците како интрига за творештво. Размислувавме што можеме да му понудиме на градот како културна активност, и се надевавме дека градот ќе има слух за нашиот проект, кој се сеќава на земјотресот по 60 години, а преку овој текст ќе оддадеме почит и кон творештвото на Ацо Шопов во годината 2023 во негова чест. Ја добив поддршката од колегите да ја курирам оваа изложба, иако ми поминува мандатот. Изложбата е предложена како дел од годишната програма на ДЛУМ, и добивме поддршка од Министерството за култура, но не и од градот Скопје.

„Во 5 и 17“ зборува за големата скопска трагедија, еден тажен симбол на градот Скопје, зборува за страданијата, за човекот кој наоѓа сила да се издигне од пепелта, но и за раѓањето на солидарноста. А самата историја на воздигнувањето на Скопје е многу интересна. Убедена бев дека можат да се употребат разни медиуми, спојот на овие две теми нуди можност за интердисциплинарност и мултимедијалност. И уметниците сакаат предизвик. Сакав тоа да им го понудам и сите создадоа нови дела за оваа прилика и морам да потенцирам – од сопствениот буџет за продукција.

Изложбата зборува за страданијата, за човекот кој наоѓа сила да се издигне од пепелта, но и за раѓањето на солидарноста / Фотографија: Роберт Јанкулоски

Изложбата ја „распославте“ на неколку локации низ Скопје. Со каква цел?

– Мојата замисла е да имаме град кој ќе нуди образование преку уметностите, повеќе достапност до уметничките дела и град кој ќе знае да ги почитува граѓаните кои се желни за квалитетни содржини. Град кој ќе понуди оптимизам, зошто мислам дека предолго живееме во напнатост, политика и вести кои нѐ фрлаат во колективна депресија.

Како куратор на изложбата, трагав по простори и разговарав со институции и галерии кои би сакале соработка. Порано „Скопски урбани приказни“, како ДЛУМ-ова изложба траеше само еден ден, затоа што делата беа поставени на отворено. Оваа изложба сакавме да трае малку подолго, во зависност од слободните термини на соработниците. Со оваа идеја влеговме во програмата на „Скопско лето“, а веќе имав идеја како да ја оформам рутата на движење, да не биде предолго и презаморно. Можеби амбициозно, но видовме дека скопската публика сакаше да појде по рутата, беше љубопитна да ги посети неколкуте локации низ уметност, иако ги фативме и скопските горештини. Една ваква тематска изложба посветена на градот може и пошироко да се постави, но тоа беше многу амбициозно знаејќи ги буџетот и логистиката во организацијата.

Сакав да ја поттикнам љубопитноста, поминуваш и нешто те привлекува да застанеш, да прочиташ и да посетиш уметност, изложба. Се заблагодарувам на КИЦ (Културно-информативен центар), на ИФС (Француски Институт во Скопје), приватната галерија „Грал“, градската кафеана „Пелистер“, кои како често посетувани локации беа добар избор. Сопствениците на куќата во Дебар маало, исто така, без проблем се сложија за поставување на дело на нивната ограда/фасада. Тоа дело заради невреме го згриживме другите денови во КИЦ.

Најголем број од делата се изложени во КИЦ – Скопје

Изложбата има мултимедијален карактер. Колку како куратор сте задоволни од ликовно-визуелниот одговор на уметниците што учествуваат на изложбата?

– Важно ми е како колега и во случајов куратор, што уметниците се задоволни. Јас сум задоволна. Добивме добра изложба. Секогаш може поинаку да се конципира, може да се добие различен одговор. Во разговор со уметниците, добивам впечаток дека некои од нив ќе го разработуваат и понатаму овој нивни циклус на оваа тема. Тоа ме радува. Не се работи за нарачка, туку секој од нив истражувајќи доаѓа до нови факти за градот. Поттикнат е од емоциите во текстот и преку работата и праксата созреваме заедно. Знаејќи ги нивните афинитети, начин на работа, претходни дела кои ги работеле, го направив изборот, иако тоа е тежок дел од кураторската работа, потоа следи грижата и разговорот со уметниците, потребна помош во смисла на обезбедување, податоци, материјали, соодветни локации. Не може сѐ да се оствари по замислените планови, но заедно успеавме да добиеме добар резултат. Вклучени се реномирани уметници, но и помлада генерација уметници на кои им даваме шанса и волја да создаваат, да созреваат.

Излог на Францускиот институт во Скопје

Повеќе години сте дел од раководните тела на ДЛУМ. Колку ДЛУМ како здружение и како платформа е податливо за реализација на различни тематски изложби?

– Последниве години имавме идеја да понудиме тематски изложби во оние програмски традиционални изложби, кои секоја година се на планот на ДЛУМ. Со тоа би провоцирале, можеби, раздвиженост но, мислам дека тоа големо членство на уметници не можете да го усмерувате секогаш низ тематски изложби. Имавме убави соработки со надворешни куратори, кои беа поканети за некои програмски изложби, како „Поместени граници“, „Современа скулптура“, „Голем формат“, сега скоро се одвиваше проектот „Фемина“ на Јана Манева Чупоска.

Мојот мандат од четири години како дел од Уметничкиот совет на ДЛУМ заврши оваа година. Ги пренесовме искуствата од нашата работа кон новите управни тела, има убава енергија; она што е добро да се развива, да се разработува, да се подобри, она што сме увиделе по реакции на колегите дека треба да се менува, да се менува. Претседателката работи со голем ентузијазам и енергија, во новите простори на ДЛУМ програмските активности ќе се збогатуваат. Идеи постојат, но ликовните уметности работат со најмалку буџет, а нудат културна програма која е слободна за посета.

Во војнички шатор пред КИЦ – Скопје се прикажува видеодело на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска

Повеќе години се занимавате и со кураторски практики. Што во суштина значи да се курира одредена изложба?

– Да се курира значи да се селектира, организира и згрижат одредени дела и колекција. Во современата уметност, во 60-ите години на минатиот век почнуваат интензивни кураторски практики, и тоа се уметници кои почнувале од идеја до клинец да организираат и поставуваат изложби надвор од институциите. Такво искуство градам веќе 6-7 години низ работата со галеријата „Акантус“, учам од други искуства, а она што мислам дека е запоставено сакам да го променам. Таа можност која ми беше дадена и идејни задачи кои ги реализиравме на високо ниво, ме збогатија со искуство и знаење.

Која е вообичаената комуникација на релација куратор-уметник?

– Во моето созревање низ групни и самостојни изложби, ми годел разговорот со историчар на уметност, со куратор, иако некогаш ни се спротивставени ставовите, но тогаш, се кристализира идејата и ставот кој се презентира. Уметникот ја владее својата техника, идејата ја гради, медиумот го совладува, но многупати самиот треба да се прочистува, а тоа е тешко. Треба да сте расположен за себе-истражување и само-разговор. На прашања што ќе си ги поставите, треба знаете да си одговорите. Тоа не се почитува секогаш. Суетата е понекогаш пречка, а разговор, сомнеж, полемика, мора да постои. Тоа нѐ движи.

Самата сте авторка. Колку кураторските искуства ви помагаат во конципирање на сопствените творечки циклуси?

– Кураторската работа истоштува, размената на енергии е многу убава, си ги сакам и почитувам колегите и оние со кои соработувам. Некогаш има и тензични моменти поврзани со рокови, со немоќ да исполните барања што треба да се обезбедат, а не зависат од вас. Со еден збор, координацијата на сите е под ваша контрола и тоа е голем стрес. А кога сѐ ќе се постави, кога двете страни ќе бидеме задоволни, тогаш се раѓаат идеи и за други соработки. Колегијалноста е богатство кое треба да се негува.

Во мојата работа размислувам во обата правци, почнувам идеја, знам што сакам да направам, но работејќи чистам, чувствувам промени, селектирам или доработувам, и се потсетувам на убавите разговори и соработки со други колеги и куратори. Работам во студиото и понекогаш паралелно почнувам неколку работи, потоа доградувам серии или, пак, циклуси, си го барам континуитетот. Критична сум.

Според Вас, каков ефект, трага, белег, оставаат ликовните изложби што ги реализирате, и како кураторка и како уметник, во ткивото на културното живеење?

– Ах, тоа не би сакала јас да го зборувам. Се надевам некој друг некогаш ќе го оцени. Времето врви. Ќе видиме.

проф. д-р Јана Манева Чупоска, Никола Глигоров и Дијана Томиќ Радевска

Интеракција – Уметници и локации

Свеченото отворање на изложбата, на кое се обратија проф. д-р Јана Манева Чупоска, претседателка на ДЛУМ, Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност и Дијана Томиќ Радевска, куратор на проектот, се одржа на 3 јули, пред Културно-информативниот центар во Скопје.

Со свои дела на изложбата учествуваат уметниците Марина Лешкова, Вана Урошевиќ, Нина Гештаковска, Жанета Вангели, Маја Стефановскa, Тања Таневска, Соња Димовска, Славица Јанешлиева, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Марија Сотировска, Игор Сековски, Маја Кировска, Дејан Иванов – Маргуш, Ѓорѓе Јовановиќ, Борче Богоевски и Тања Ристовска, Кристијан Јованоски, Драганчо Таневски, Ива Станковска, Душан Стефановски, Динев Ѓорѓи, Стефан Јакимовски.

Делата на уметниците се поставени во КИЦ – Скопје, во Францускиот институт, галеријата „Грал“ и градската кафеана „Пелистер“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 186, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот