Зошто војуваат Азербејџан и Ерменија? Кратка анализа за ситуацијата во Јужен Кавказ

Мапа на Нагорно Карабах / Фото: M-Production / Alamy / Alamy / Profimedia

Азербејџан денеска објави дека неговите вооружени сили започнале „локални антитерористички активности“ во регионот Нагорно-Карабах за да го вратат уставниот поредок со разоружување и принудување на повлекување на ерменските воени формации од таму.

Нагорно-Карабах е меѓународно призната како територија на Азербејџан, но има претежно ерменско население кое се спротивставува на азербејџанската власт повеќе од еден век. Во 1991 година, овој регион со околу 150.000 луѓе прогласи независност и оттогаш се самоуправува со ерменска поддршка како непризнаена Република Арцах.

Во вторникот, кога започна операцијата, Министерството за одбрана на Азербејџан ја образложи својата намера, односно информираше дека целта е да се разоружа и да се обезбеди повлекување на формациите на ерменските вооружени сили од азербеџанските територии и да ја неутрализира нивната воена инфраструктура. И покрај знаците за можен напредок кон мирот, еден од „замрзнатите конфликти“ во Европа повторно се активира, пишува „Гардијан“.


Која е позадината на конфликтот?

Нагорно-Карабах, е планински регион без излез на море и се наоѓа во границите на Азербејџан. Долго време е извор на спорови кои датираат уште пред создавањето на Советскиот Сојуз.

Тензиите беа намалени во време кога Ерменија и Азербејџан беа советски републики, но повторно се појавија по крајот на Студената војна и распаѓањето на контролата на Комунистичката партија врз советскиот блок.

Војната меѓу ерменските и азербејџански воени сили заврши со прекин на огнот во 1994 година, со целосна контрола на Ерменија врз Нагорно-Карабах и другите околни енклави на азербејџанската територија.

По децении наизменичен конфликт, Азербејџан започна воена операција во 2020 година која се претвори во втора војна во Нагорно-Карабах, брзо пробивајќи ја ерменската одбрана. За време на 44-дневниот конфликт, Азербеџан со помош на Турција ја врати контролата врз седум области и околу една третина од Карабах.

Русија, сојузникот на Ерменија, која исто така има добри односи со Азербејџан, се приклучи на преговорите за прекин на огнот. Договорот предвидуваше околу 2.000 руски мировници распоредени во Нагорно-Карабах да го чуваат единствениот преостанат пат што ја поврзува енклавата со Ерменија – таканаречениот коридор Лачин.

Во декември 2022 година, азербејџански активисти поддржани од владата почнаа да го блокираат коридорот Лачин, а во април 2023 година Азербејџан воспостави нов контролен пункт долж трасата. Овие потези го прекинаа протокот на луѓе и стоки меѓу Ерменија и Нагорно-Карабах, освен за итна медицинска евакуација, создавајќи како што САД и другите го нарекоа „брзо влошена хуманитарна ситуација“.

Луис Морено Окампо, поранешен главен обвинител на Меѓународниот кривичен суд, ја опиша блокадата како потенцијален „геноцид“ врз Ерменците од Карабах и обид за нивно „изгладнување“.

Азербејџан е држава со мнозинско муслиманско, а Ерменија со мнозинско христијанско население , па оттаму некои од двете страни се обидоа да го прикажат конфликтот како религиозен, иако аналитичарите велат дека тој став е претеран . Познато е дека Азербејџан, на пример, одржува силни одбранбени врски со Израел.

Мапа на Нагорно Карабах / Фото: Iryna Volina / Alamy / Alamy / Profimedia

Која е причината за избивање на нов конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан?

Обновените борби сугерираат дека напорите на Русија и Западот да преговараат за дипломатски исход и решение меѓу двете завојувани страни не успеаја. Ерменија со недели предупредува дека Азербејџан преместува војници во близина на нивната заедничка граница, која се смета за една од најмилитаризираните во светот.

Со започнувањето на своите таканаречени „антитерористички активности“, Азербејџан сака да ја принуди Ерменија да го признае нејзиниот суверенитет над Нагорно Карабах. Азербејџан, исто така, бара да изгради патен и железнички коридор што ќе го поврзе со Нахичеван, посебен дел од азербејџанската територија на југозападната граница на Ерменија, што ќе и даде на земјата директна врска со Турција. Така Азербејџан и директно ќе се поврзе со својот моќен сојузник и подржувач Анкара.

Освен хуманитарното прашање, конфликтот е меѓународен интерес од повеќе причини. Главната е дека регионалните сили, вклучувајќи ги Русија, Турција и Иран, се ангажирани на различни нивоа во Јужен Кавказ.

Турција веќе ја објави својата силна поддршка за Азербејџан, додека Русија има безбедносен сојуз со Ерменија, иако им продава оружје на двете страни.

Иако ЕУ притиска за преговори, Брисел раководејќи се од своите интереси започна да се потпира на Азербејџан барајќи нови енергетски партнери за да ја компензира загубата на рускиот гас и нафта поради војната во Украина.

Дали Русија го губи влијанието?

Одлуката на Азербејџан да започне нова офанзива во Нагорно Карабах сугерира дека Русија, преокупирана и исцрпена од нејзината скапа инвазија на Украина, ја губи контролата врз државите кои произлегоа од поранешниот СССР, и кои ги сметаше за своја сфера на влијание.

Рускиот претседател Владимир Путин лично посредуваше за завршување на војната меѓу двете земји во 2020 година и распореди 2.000 руски мировници. Во тоа време, набљудувачите рекоа дека мировниот договор и даде на Москва обновено влијание во регионот и ја продлабочи зависноста на двете земји од Москва.

Но, руската инвазија на Украина длабоко ги вознемири двете земји, кои оттогаш се обидуваат да ја диверзифицираат својата надворешна политика далеку од големата зависност од Русија. Азербејџан се зближи со Турција и Израел, купувајќи оружје од двете земји. а Ерменија направи неколку демонстративни потези критикувајќи се и дистанцирајќи се од Русија додека му се додворува на Западот.

На почетокот на септември властите во Ереван беа домаќини на американски војници на заедничка воена вежба со ерменската армија.

Ерменија, исто така, испрати хуманитарна помош во Украина, која лично ја достави Ана Хакобјан, сопруга на ерменскиот премиер Никол Пашинијан.

Сите овие потези укажуваат дека заложбите на владата на Никола Пашинијан за вртење на Ерменија кон Западот, се сега казнети од Москва која, за разлика од минатото, сега со прст не мрдна да го одбрани својот сојузник Ерменија од воениот напад на Азербејџан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот