Во спорната кула во Карпош веќе се продадени 70 станови: Утре протест против изградбата

Фото: „Независни за Карпош - за заштита на Карпош“

Во обид да се спречи изградбата утре во 5 за 12 ќе се одржи протест на платото пред СЦ „Борис Трајковски“ во близина на крстосницата на булеварите 8 Септември и Илинденска. Протестот го организираат „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Најавената изградба на комплексот згради-лепенки зад бензинската пумпа на „Макпетрол“, од која највисоката е на 18 ката, поточно на приземје, 17 ката и поткровје, другата еден кат пониска и третата на 10 ката, ги крена на нозе граѓаните и граѓанските организации. За објектот чиј инвеститор е СЦФ КОМ Дооел, на 18 јануари е издадена градежна дозвола од Општина Карпош, која од вчера е правосилна. Просторот е ограден, теренот се подготвува за градба, а како што неофицијално дознаваме веќе се продадени  70 стана од сѐ уште непостоечката зграда .

Во обид да се спречи изградбата утре во 5 за 12 ќе се одржи протест на платото пред СЦ „Борис Трајковски“ во близина на крстосницата на булеварите 8 Септември и Илинденска. Протестот го организираат „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Излези ако ти е доста од владеење на мафијата! Кој да бил или дојде на власт, мафијата ги влече конците, за свој личен профит се уништува Карпош, се уништи Скопје. Ја докусурија цела држава, ни го одземаа правото на здрав, хуман и достоинствен живот – се вели во нивниот повик за протест.

Организаторите се надеваат дека со протестот ќе ја спречат изградбата, дека ќе се поништи конзерваторското мислење кое според нив е нелегитимно. Тие согласно законскиот рок поднеле жалби, како и предлог за поништување на конзерваторското мислење кое е основа за добивање градежна дозвола. Но досега немаат одговор од институциите.

 За ова не треба Министерството или било која институција да се мисли два месеца, очигледно е дека е прекршен Правилник, дека тоа е смислено издадено мислење за да се дојде до одобрение за градба. И ние поднесовме жалби, чекавме два месеци, ништо не правевме, ајде да не правиме притисок, меѓутоа, сега Општината си е покриена – има издадено валидно мислење, иако и самите се свесни на кој начин и од кој човек е донесено тоа мислење. Ние сега одиме на тоа да се поништи конзерваторското мислење, ако се поништи сите трошоци што си ги направил инвеститорот согласно добиената дозвола треба некој да ги сноси. Во овој случај и да дојде до судска постапка Општината ќе ги сноси, т.е. пак ние граѓаните. А тие луѓе што издаваат потписи и што го дозволуваат тоа и што се платени од наши пари да ги чуваат нашите интереси не одговараат. Повторно ние сме виновни што ги откриваме криминалите – објаснува Невена Георгиевска од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Кај „Букурешт“ ќе се гради пониска зграда од предвидената, ќе има „само“ 17 ката

Според неа, доколку се поништи конзерваторското мислење паѓа во „вода“ и дозволата, затоа што не може да се гради нешто што загрозува споменици. Имено, два дела од градежната парцела имаат различен степен на заштита во границите на Споменикот – Воена болница. Северниот дел е со втор степен за заштита и за него е потребно обезбедување конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, додека јужниот дел од парцелата има режим на заштита од трет степен, па услов за да се обезбеди одобрение за градење е да се добие позитивно мислење од НУ Конзерваторски центар.

Постоечкото конзерваторско мислење не е валидно затоа што не може да важи за цела парцела, оти на таа има два дела што се под различен степен на заштита. Ние официјално знаеме од Конзерваторски центар дека издаденото решение не е валидно. Мислиме дека и тие можат да постапат и да го поништат. Министерството за култура е над нив. Министерството ако им наложи тие ќе го поништат или самото министерство има ингеренции да го поништи, како орган под чија надлежност е оваа институција – вели Георгиевска.

Досега подносителите не добиле одговор на нивните претставки, единствено добиле од Министерството за култура написмено  дека постапуваат и дека се работи за сложен процес.

И еве сега да веруваме дека некој нешто ќе преземе во однос на некои одредени личности што треба да се казнат, ама зградата до кај ќе никне, дали ќе ја поништат дозволата да прекине да се гради не ми се верува, затоа што се огромни пари во прашање. Ако има закон и правна држава треба сега да се запре, додека не се почнати сите работи. И да си одговараат тие што издале дозвола и сите што се вклучени и материјално да одговараат, а не секогаш да биде на товар на општината – истакнува Георгиевска.

Против изградбата на зградата утре е закажан уште еден протест, точно во 12 часот позади бензиската пумпа на „Макпетрол“ во организација на Левица.

Преку изигрување на одлуките на Советот на општината, Градоначалникот одобри парцелизација на земјиштето помеѓу бензинската на „Макпетрол“ и болницата Жан Митрев и со тоа овозможи инвеститорот да се стекне со простор за изградба на 60- метарска бетонска градба, на локација која не предвидува никаков објект – велат во повикот за протест од Левица.

Партијата веќе реагираше дека зградата има невалидно позитивно конзерваторско одобрение за градба, откако првото беше одбиено бидејќи оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје, но за нив спорна е и малата оддалеченост од бензинска станица, како и целото решение кое ќе доведе до урбанистички хаос во овој дел на населбата.

Советот на Општина Карпош изгласа одлука за стопирање и ревизија на овој план, но градежните моќници останаа глуви на сите повици на Левица, граѓанските здруженија и жителите на Карпош, за прекин на активностите – тврдат од Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот