ВИДЕО | Тензично во „Бутел“: Ве молам дајте ми го телото на жена ми за достоен погреб, моли сопругот на убиената Фатмата

Абу Бакар, сопругот на убиената мигрантка кај Гевгелија, Фатмата / Фото: Слободен печат - Методи Здравев
Абу Бакар, сопругот на убиената мигрантка кај Гевгелија, Фатмата / Фото: Слободен печат - Методи Здравев

Телото на убиената мигрантка од Сиера Леоне, Фатмата, која беше застрелана кај Гевгелија од службен пиштол на полицаец, уште е во градската капела во Бутел. Сопругот на Фатмата, Aбу Бакар во видео изјава за „Слободен печат“ вели дека „Бутел погребен сервис“ не се соработливи со него и не сакаат да му го дадат телото.

Абу Бакар
Абу Бакар, сопругот на убиената мигрантка кај Гевгелија, Фатмата / Фото: Слободен печат – Методи Здравев

„Слободен печат“ доби потврда од јавното обвинителство дека обвинителот кој ја води предистражната постапка дал дозвола телото да биде транспортирано во Сиера Леоне, со оглед на тоа што обдукцијата е завршена. Ама тука почнале и проблемите за семејството, односно за единствениот член од семејството на Фатмата кој е во Македонија и бара азил, Абу Бакар.

„Во ‘Бутел’ наидов на мала мафија“

Абу Бакар во изјава за „Слободен печат“ вели дека сака фамилијата во Сиера Леоне да има последен поздрав со Фатмата. За транспортот се понудиле хумани луѓе кои анонимно сакаат да го платат транспортот, контактирани биле повеќе погребни претпријатија од Европа и дел од нив понудиле бесплатни услуги како општествено одговорни компании или услуга поевтина од онаа на „Бутел погребен сервис“.

Но, кога се правеле подготовки да се земе телото од „Бутел погребен сервис“, оттаму Абу Бакар добил писмен документ. Во тој документ „полномошно“, пишува дека им дава овластување на Бутел погребен сервис да се погрижат за подготовката и транспортот на Фатмата од Скопје до Сиера Леоне.

Но, Абу Бакар не сака да ги користи услугите на „Бутел погребен сервис“ бидејќи нашол поевтини фирми од странство, кои ќе му наплатат само дел од ставките, а дел ќе ги донираат. Затоа документот не го потпишал и телото уште е во Бутел погребен сервис.

– Кога дојдовме овде најдовме некоја мала мафија и работи што не ги разбирам. Првпат во Бутел дојдов со организацијата „Секонд Три“ само за да го видам телото. Потоа најдовме друг погребен сервис кој е поевтин за телото да биде пратено дома. Тогаш Бутел контактирал со друго погребно претпријатие да им каже дека веќа сум избрал сандаци за жена ми што не е точно. Денеска ми пратија мејл во кој наведоа листа на документи и ќе можам да го земам телото или денес или утре, изјави Абу Бакар пред просториите на погребното претпријатие.

Таму денеска со огромна тензија и едночасовни меѓусебни обвинувања дека Бутел АД прави опструкција да се транспортира телото на убиената мигрантка од Сиера Леоне Фатмата, претставници на организацијата „Секонд Три“ и сопругот на Фатмата Абубакар, се обидоа да издејствуваат телото на починатата жена да биде пренесено во нејзината татковина. Во канцеларијата на директорот беше тензично.

„Рекоа, ако им дадеме 11.500 евра, ќе ја завршат процедурата“

Претставникот на организацијата која работи со мигранти „Секонд Три“, Џовани Фонтана тврди дека погребното претпријатие работи на несоодветен начин.

– Побаравме многу пати да ни дадат листа од документи и цени по ставки за да побараме од некои интернационални организации да платат за транспортот. Од Бутел ни бараа 11.500 евра и секој пат кога баравме да ја разделат фактурата по ставки, не ни одговараа. Само велат, ако ни дадете 11.500 евра ќе ја завршиме цела процедура и ништо повеќе. Всушност кога требаше да ни бараат пари беа достапни. Кога требаше да си ја завршат работата, ги немаше, изјави Фонтана.

Џовани Фонтана, претсавник на „Секонд три“, организација која работи со мигранти / Фото: Слободен печат - Методи Здравев
Џовани Фонтана, претсавник на „Секонд три“, организација која работи со мигранти / Фото: Слободен печат – Методи Здравев

Тој додава дека кога почнал да поставува прашања и кога побарал да се разделат трошоците по ставки, почнал да наидува на молк од погребното претпријатие.

– Во моментот кога почнав да прашувам прашања, зошто мораме да ги избереме нив како погребен сервис и зошто цените се такви, да ги разделат по ставки трошоците, престанаа одговорите. Зашто можеби ако летот е скап, можеме да ја замолиме авиокомпанијата да ја намали цената. Ова е трагедија. После барањето да ја разделат фактурата на ставки, поставуваа многу пречки на патот. Баш е срамота ова да му се прави на некој, чија жена била убиена и телото било одземено од него, а не избрал телото да седи овде. И во таква ситуација, Бутел да ни вели дека за да зборуваат со нас, мора да им потпишеме авторизација и тие да бидат фирмата што ќе го организира транспортот изјави Фонтана.

Бутел АД Скопје негира опструкции за транспорт на телото

Од Бутел АД велат дека апсолутно нема никакви пречки или опструкции за преземање на телото и транспорт до посакуваното место.

„Секој погребен оператор кој уредно ќе ги запази прописите за работа ќе ги исполни условите и ќе ја има потребната документација согласно законите, почитувајќи ги институциите во државата а се во согласност и овластени од семејството може да го преземат починатото лице од градската капела и да го извршат погребот согласно своите верувања и можности“, велат оттаму.

Тврдат дека досега ниеден друг погребен оператор до Бутел АД не се обратил со полномошно од сопругот Абу Бакар.

Од Бутел погребен сервис комплетно ги негираат тврдењата дека не му дале на Абу Бакар да најде друго погребно претпријатие. Велат дека е изборот на погребен оператор е обврска на брачниот другар на починатото лице.

„Во однос на случајот за починатата државјанка на Сиера Леоне за која ние како погребен оператор имавме обврска која се состоеше од преземање на телото на починатата и сместување во градската капела по повик и налог на јавен обвинител, бидејќи се работи за НН лице. Бидејќи телото е без идентитет се потрудивме да стапиме во контакт со семејството, па некако остваривме контакт со сопругот кој дојде во просториите на Бутел погребен сервис АД и на кого детално му беше објаснет целиот процес за транспорт и потребната документација. Тој до нас не приложи никакви документи. Потоа се очекуваше да се комплетира обдукцијата, да се утврди идентитетот и сите други процедури во надлежност на јавниот обвинител како постапката би продолжила“, велат од Бутел погребен сервис за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека постапката би требало да продолжи согласно вообичаените процедури и законски определби, најпрво утврдување на идентитетот, контакт со семејството и избор на погребен оператор кој ќе го врши транспортот и ќе ја обезбеди потребната документација од надлежните институции во РСМ.

„Ние доставивме понуда до сопругот со детални ставки за износот на чинење на сите услуги. Сите други организации кои се јавуваат како посредници во комуникацијата а немаат уредно полномошно од сопругот за организација на целосната процедура не се страни во овој случај и не сме во можност да споделуваме никакви информации за случајот на починатата“, додаваат од Бутел погребен сервис.

Но, наспроти ова, „Слободен печат“ поседува комуникации меѓу претставници на невладината организација „Секонд Три“ која му помага на Абу Бакар во Македонија со „Бутел погребен сервис“. Во тие мејл комуникации, не само што Бутел погребен сервис дискутира информации за случајот на починатата Фатмата, туку и испраќа понуда каде наведува дека цената за документацијата и транспортот до Сиера Леоне е 11.500 евра. На претставник на „Секонд Три“ му испраќаат мејл во кој наведуваат дека е потребен извод од родени, венчаница, пасош или потврда од конзулатот дека жената е државјанка на Сиера Леоне.

„Откако ќе ни ги испратите сите документи, можеме да ја почнеме процедурата во Македонија. Откако ќе ги комплетираме документите ќе ви ги пратиме на вас за да можете да барате од конзулатот дозвола за транспорт на починатата од Скопје до Сиера Леоне. Целата сума за подготовка на документите и авио транспортот е 11.500 евра. Плаќањето треба да се изврши пред да почнеме со процесот“, пишуваат во мејлот од „Бутел погребен сервис“ испратен до човек од „Секонд три“ организацијата.

Откако нејзиниот живот тажно заврши на македонската граница кај Гевгелија, телото на Фатмата чека да биде транспортирано во Сиера Леоне за достоен погреб.

Фатмата / Фото: Second Tree Instagram

Фатмата беше убиена на 19 април откако службено лице испука куршум од службениот пиштол. Полициската верзија на настаните е дека откако мигрантите биле забележани во две возила, полицијата се обидела да ги запре, а притоа еден од шверцерите, 26 годишниот К.Ј. физички го нападнал полицаецот обидувајќи се да му го одземе пиштолот, по што полицискиот службеник испукал од службениот пиштол и ја погодил жената.

Освен сопругот на Фатмата, и сестрата на убиената 23-годишна фрли поинаква светлина врз настаните кои се случувале на 19 април со видеообраќање до македонската јавност преку „Слободен печат“.

Наскоро ќе се знае дали јавниот обвинител ќе покрене обвинение за полицаецот. Нему му е одземен пасошот како мерка за претпазливост.

Потресно сведочење на сопругот на убиената мигрантка во Гевгелија: Фатмата беше бремена, мене ме уапсија, не знам ни каде ѝ е телото

ВИДЕО ОБРАЌАЊЕ до македонската јавност од сестрата на убиената Фатмата кај Гевгелија: Борете се со нас, полицијата лаже за нападот меѓу возачот и полицаецот

Убиството на мигрантката Фатмата кај Гевгелија стигна до пратениците од Европскиот Парламент и до Жозеп Борел

На полицаецот што ја застрела Фатмата му е одземен пасошот, издадена е и мерка на претпазливост

Ќе има ли обвинение за смртта на Фатмата?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот