ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Венко Биковски, пилот и капетан на Боинг 737: Живот над облаци и разделба

Венко Биковски, пилот и капетан на Боинг 737/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Постојат несекојдневни професии и предизвици за кои навидум знаеме се, но дали е така ? Повод за разговорот помеѓу нашиот новинар Ана Трифуновски во рамките на „Утрински печат“, со пилотот Венко Биковски – капетанот инструктор на Боинг 737 серија од 300 до 900 (да, добро читате, овластен да лета и обучува пилоти на седум видови Боинг) е прелетот на најстариот Боинг од серијата 737 – 300 во Европа, а од флотата на бивши ЈАТ, сегашни Ер Србија, на релација од Белград до Тиенцин – Кина.

За денешнината – ништо невообичаено, би рекле, но кога станува збор за 38 години стар воздухоплов на истек на својот работен век и кој последните 3 години бил паркиран во хангар, неупотребуван, тоа  само по себе претставува пилотски предизвик. Не секој пилот имал прилика тивко да се бори и избори со својата птица како  конкретнава – која „одбиваше“, да го напушти својот домашен, белградски аеродром за последен пат – „правдајќи“, се со разни технички откази пред полетување. Поискусните пилоти велат дека и авионот има душа и сеќавање; кога ќе замислите дека стотини илјади патници го преминале прагот на влезно-излезната врата на тој авион носејќи ги со себе таму некаде или од некаде своите животни приказни, радости и жалости, успеси, неуспеси, толкавиот проток на енергија мора да остави некаква трага.

Станува збор за воздухопловот Боинг 737 со матични регистерски ознаки YU ANI, кој, помеѓу другите авио компании во светот,  приближно една деценија беспрекорно, безбедно му служеше на ,,Македонски авиотранспорт,, под регистерски ознаки Z3 AAA во превоз на своите патници кон и од Македонија кон европските  и блиско источните дестинации.

По отстранувањето на дефектите на Боингот 737-300 –  YU ANI, под водство на капетан Биковски, авионот безбедно замина од својот Белград и го продолжи своето последно патување кон Кина, со попатни слетувања во Тбилиси и Алма Ата, за дополна на гориво. Боингот, на таканаречениот „технички прелет“, се однесуваше пријателски кон својот долгогодишен капетан до слетувањето во Тиенцин; секоја команда ја извршуваше како што треба, не предизвикувајќи непотребно потење и стрес на посадата. Старите пријатели треба да се разделат во манир во кој започна и нивната меѓусебна приказна пред 38 години; со почит и бесконечна доверба еден кон друг.  Доколку внимателно и со грижа го употребувате воздухопловот, почитувајќи ги законите на физиката и препораките на произведувачовет, тој беспоговорно ќе ја следи секоја ваша команда, враќајќи ви со предвидливост и пред се безбедност. Тоа беше случај и овој пат.

Секако дека во изведувањето на оваа нетипична операција од голема помош беа летачкото искуство на капетанот Биковски од приближно 24000 часови налет и работа на пет континенти, во преку дванасет разни авиокомпании во светот помеѓу кои се JAT, MAT, Tunis air, Anset (Австралија), Oman air , AIR INDIA, Nouvelle air – Тунис, AIR SERBIA и тн.

Доколку се додаде и податокот кој вели дека законскиот императив на американските воздухопловни власти (ФАА) – како предуслов да се биде пилот, предвидува, цитираме – „…кандидатот мора да биде личност со добар морален карактер“ (FAA regulation – 14 CFR 61.153(c)), заклучувате дека за оваа професија и интеракција човек – машина не е потребно само техничко знаење и добро здравје. Една од ретките професии на светов за која законски се бара докажливо нешто повеќе од вашиот просечен карактер.

Коинцидентно (иако многу филозофии претпочитаат дека случајноста не постои), и капетанот Биковски и неговиот послушен авион истовремено заминуваат во своја заслужена летачка пензија, но тука не завршува нивната приказна; Боингот ќе биде дел од школскиот центар во Тиенцин – Кина, додека капетанот Биковски своето знаење како инструктор ќе  продожи да го пренесува на помладите генерации пилоти, за жал – не во нашата земја, бидејќи од некогашен лидер во авиосообраќајот на Балканот, се сведовме на едно големо ништо.

Им посакуваме мирно небо на актерите на оваа интересна воздухопловна приказна.

Вториот дел од разговорот со Венко Биковски ќе биде емитуван во емисијата „Утрински печат“ на 7. јуни 2023

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот