ВИДЕО | Андоновиќ: Зeленски бара оставка од главниот генерал на армијата во кого гледа сериозен политички ривал

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од началникот на генералштабот на украинската армија, и висок воен командант, Валери Залужни, да поднесе оставка.

Генрал Залужни го одби ова барање на Зеленски што ги подгреа шпекулациите дека тој може наско да биде сменет.

Причина за овој судир е конфликтот на двете личности кои уживаат голем авторитет во украинското воено и политичко раководство.

Близок соработник на генерал Залужни изјави дека смената на главниот генерал на украинската армија е лоша идеја „Нема суштински прашања меѓу нив, но канцеларијата на Зеленски е загрижена што Залужни дава политички, а невоени изјави – изјавил за „Гардијан“ опозицискиот пратеник и близок соработник на генералот,Алексеј Гончаренко.

Инаку, пред два дена на социјалните мрежи се појавија тврдења дека Залужни може да биде сменет. Неколку часа подоцна, Министерството за одбрана ги демантираше овие тврдења.

Според Украинскиот устав, претседателот може да го смени началникот на генералштабот на армија само во согласност и поддршка на украинското министерство за одбрана. Од таму пак, одлуката најверојатно ќе да донесат откако ќе проценат реакција на домашната и пред сè меѓународната јавност.

Од друга страна наголемо во светските медиуми се шпекулира дека на местото на Залужни, најсериозен кандидат би можел да биде Кирил Буданов, шеф на воената разузнавачка служба на Украина, одговорен за тајните операции против Москва.

Буданов претходно оваа година беше посочен како нов украински министер за одбрана, односно замена за актуелниот Алексеј Резников, што според написите на украинските медиуми е уште една долгогодишна политичка борба на внатрешен план.

Засега не е јасно како би изгледала алтернативната воена стратегија на Украина со оглед на добро утврдените позиции на фронтот на Русија, и фактот дека во моментов главното тежиште на воената криза во Украина не е бојното поле, туку убедувањето на Конгресот да одобри пакет воена помош од 61 милијарда долари што ќе обезбеди една година резерви на оружје од САД.

Демократите во вторникот ги обвинија републиканците дека се на работ на намерно поништување на договорот што ја поврзува помошта за Украина со построгите имиграциски политики на јужната граница на САД за да му помогнат на кампањата за реизбор на Доналд Трамп.

И Европа, во моментов се обидува да ја убеди Унгарија која засега се заканува дека ќе ја блокира финансиската помош наменета за Украина. Имено европските лидери се договорија да и помогнат на Украина со 50 милијарди евра, замрзнати руски пари од почетокот на инвазијата врз Украина

Украинската контраофанзива која започна во јуни не успеа да ги пробие руските линии, што беше повод Зеленски јавно да го искритикува украинскиот генерал Залужни дека нападот бил раширен на неколку фронтови.

Сепак, според многумина, вистинскиот спор меѓу претседателот и неговиот висок генерал е политички.

Покрај Зеленски, украинскиот генерал е најпопуларната личност во земјата, а неговиот висок рејтинг го налути кабинетот на Зеленски, особено додека политичарот размислува дали да одржи нови избори, кои во моментов се суспендирани како резултат на војната и вонредната состојба во земјата.

Во едно од ретките интервјуа, Залужни за „Економист“ на почетокот на ноември изјави дека војската е во ќорсокак и повика на нова помош од Западот. Но само неколку дена подоцна Зеленски ја отфрли оваа негова изјава и јавно ја нарече лоша проценка на генералот.

Во украинските медиуми со месеци се вртат шпекулации дека Залужни ќе биде единствениот остварлив противник на Зеленски за претседателската функција доколку се распишат нови избори додека трае војната и генералот се кандидира.

Иако Залужни никогаш јавно не пројавил амбиции дека ќе влезе во политиката, неформалните објави на Фејсбук на кои се прикажани негови фотографии со сопругата, Банкова – украинската влада ги протолкува како сигнал за намера.

Од друга страна Зеленски неодамна ги предупреди генералите да не влегуваат во политиката. Тој во интервју за „Сан“ изјави дека би било „огромна грешка“ командантите „да управуваат со војната со мислата дека утре ќе се занимавате со политика или избори“.

„Со сета почит кон генералот Залужни и сите команданти кои се на бојното поле, постои апсолутно разбирање за хиерархијата“ – рече Зеленски директно обраќајќи му се на воениот началник на армискиот генералштаб.

Според Киев Индипендент најново објавените анкети, сугерираат дека Залужни е водечкиот предизвикувач на Зеленски на престојните претседателски избори, и дека актуелниот претседател ќе го победи со тесно, со два проценти, во вториот изборен круг. Тогаш од кабинетот на претседателот негираат дека слушнале за истражувањето, иако се шпекулира дека тие ја нарачале анкетата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот