ВИДЕО | Андоновиќ: Укинувањето на динарот на Косово провокација и уште една прекината врска на косовските Срби со Белград?

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

ЕУ изрази загриженост за последиците што одлуката на Централната банка на Косово за укинување на динарот може да ги има врз секојдневниот живот на косовските Срби и апелираше до Приштина да обезбеди доволно долг транзициски период и да најде решение за ова прашање преку преговори.

„ЕУ ја забележа регулативата на Централната банка на Косово, која треба да стапи во сила денес. Регулативата има за цел да ја подобри транспарентноста на финансиските текови, да обезбеди финансиска стабилност и да се бори против перењето пари и фалсификувањето“, се додава во соопштението на ЕУ.

Исто така, се посочува дека оваа одлука ќе влијае на финансиската поддршка што косовските Срби ја добиваат од Србија.

„ЕУ е загрижена за последиците што оваа одлука може да ги има врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници во Косово поради отсуството на претходни консултации, особено поради нејзиното влијание врз училиштата и болниците, се вели во соопштението.

Во него се додава дека краткиот преоден период за спроведување на регулативата, во комбинација со недостигот на информации и практични решенија за сите засегнати заедници, ризикува сериозно да им го комплицира животот.

Владата на Косово одлучи да обезбеди транзициски период со цел граѓаните да се адаптираат на примената на уредбата на Централната банка на Косово, изјави Бесник Бисљими, вицепремиер на Косово.

„Од денес стапува на сила уредбата со која се забранува динарот, и стапува на сила уредбата на Централната банка на Косово со која се регулираат готовинските трансакции. Од денес не е дозволено да се увезуваат пари во Косово доколку немате дозвола од Централната банка која дозволува транспорт на пари“, рече Бисљими.

Српските динари во областите низ Косово пристигнувале од Србија, поточно преку Народната банка, која има трезор во Лепосавиќ, од каде компанијата Хендерсон дополнително ги доставувала парите до банките или поштите кои работат во српскиот систем.

За разлика од повеќето земји кои имаат своја национална валута, Косово го усвои еврото како своја официјална валута во 2002 година, но динарот сè уште се користеше на места со мнозинско српско население.

Многумина се согласни дека во екот на минатите конфликти и политички спорови на Балканот, еден елемент остана отпорен на Косово, поточно во областите каде што живеат Срби, а тоа е српскиот платен систем и вршењето парични трансакции во динари.

Со оваа одлука, практично се зголемува ионака големата тензија меѓу Белград и Приштина за конечно решавање на косовското прашање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот