ВИДЕО | Андоновиќ: Сè поизвесно формирање на независна палестинска држава?

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Велика Британија би можела да признае палестинска држава изјави шефот на британската дипломатија, Дејвид Камерон.

Како услов за ова Камерон посочи дека Лондон ќе подржи формирање на независна Палестина но првин треба да дојде до целосен прекинот на огнот во Газа и постигнување на договор од повеќегодишните преговори меѓу Израел и Палестинците за прифатливи решенија за двете страни.

Британскиот министер и поранешен премиер на Обединетото кралство додаде дека првиот чекор кон независноста мора да биде „пауза во борбите“, што на крајот ќе стане „траен и одржлив прекин на огнот“.

Британското признавање на државата Палестина е условено од тоа дали членовите на палестинската милитантна група Хамас ќе ја напуштат Газа.

– Не може да има решение за две држави ако Газа сè уште е под контрола на луѓето одговорни за нападот на 7 октомври, рече Камерон.

Изјавата на Камерон ги потврди се погласните сигнали од големите светски суперсили, кои како резултат на безизлезот и крвопролевањето меѓу Израел и Палестинците кое трае повеќе од 100 дена, размислуваат сепак да се обидат конечно да го решат палестинското прашање.

И администрација на Бајден наголемо се подготвува да понуди некакво решение за траен мир на палестинските територии во појасот Газа и Западниот брег.

Според пишувањата на „Њујорк тајмс“ администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден развива нова доктрина која вклучува преземање чекори кон создавање на демилитаризирана, но остварлива палестинска држава,

Тој план би вклучувал некаква форма на американско признавање на демилитаризирана палестинска држава на Западниот Брег и Појасот Газа, што би се остварило само кога Палестинците ќе развијат кредибилни институции и безбедносни капацитети, така што таквата држава би била одржлива и безопасна за да му се заканува на Израел.

Таа нова „доктрина на Бајден“ ќе вклучува и зајакнување на врските со Саудиска Арабија, заедно со нормализирање на врските меѓу Ријад и Ерусалим, како и одржување на цврст воен став кон Иран и неговите сојузници.

Доктрината на Бајден би имала три насоки. Еден од нив би била силен и решителен став кон Иран, вклучително и силна воена одмазда против сојузниците на Иран во регионот како одговор на убиството на тројца американски војници во базата во Јордан. Втората насока би била силна американска дипломатска иницијатива за промовирање на палестинска држава

Третата насока би опфатила значително проширен безбедносен сојуз на САД со Саудиска Арабија, кој исто така ќе вклучи нормализација на односите на Ријад со Израел – доколку израелската влада е подготвена да прифати дипломатски процес што води кон демилитаризирана палестинска држава предводена од трансформирана палестинска управа, наведува „Њујорк тајмс“.

Она што дава позитивен сигнал дека палестинците би можеле конечно да го остварат својот сон и да ја добијат својата независна држава секако е факт дека светските сили се погласно навестуваат вакво сценарио.

По овие најави на Лондон и Вашингтон, како и претходно презентираниот став на Москва и Пекинг за независна Палестина како прифатливо решение, се добива впечаток дека ќе нема веќе никакви пречки за реализирањето на овој план.

Од друга страна, според досегашните изјави на Нетанјаху, Израел планира ја врати окупацијата на палестинските територии.

Засега останува нејасно кој ќе биде ставот на муслиманските држави соседи на Израел по ова прашање.

Палестина до 1948 година беше британска колонија, и тогаш беше донесена одлука да биде поделена на палестински дел и дел за формирање на нова еврејска држава.

Поради тогашното противење на муслиманските држави Египет, Сирија Јордан Либан и Ирак, кои ја сакаа целата Палестина за палестинците и се противеа на формирање и постоење на еврејската држава Израел, дојде до неколку израелско-арапски војни, каде Израел извојува победа.

Останува да се види дали денес по седумдесет години од формирањето на Израел и судирите во овој регион, сепак на крај е направен напредок во идејата да се формира независна Палестина, а муслиманските и арапските држави да го призната постоењето на државата Израел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот