„Вагнер“ шоу, маневарот на годината!

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Причината поради која ова е потег што можеби ќе се изучува е во тоа што Вагнер и Путин приредија магија. Класичен трик што го користат магионичарите, потпирајќи се на тоа дека умот верува во тоа што ќе го видат очите и ќе го слушнат ушите!

Викендов бевме сведоци на едно шоу, кое ги запали социјалните медиуми. Долгонајавуваниот пуч врз Путин како да почна да се случува со молскавична брзина. Многумина, без да навлезат во опасноста што можеше да се случи од таквата смена, поитаа да носат одлуки и да изнесуваат ставови во стилот „готов е!“ И, да бидеме искрени, во добар дел од тие анализи имаше мошне сериозни аргументи, кои беа поткрепувани со разврската на настаните и со молскавичното движење на повеќе од 400 возила кон Москва. Сето тоа е во ред, ама има три проблеми што барем нам ни бодеа очи. Прво, смената на Путин можеше да донесе поголема опасност (условно) бидејќи Пригожин никаде не кажа дека ќе запре со бесмислената војна во Украина. Второ, граѓанска војна во нуклеарна сила е сума на сите стравови што слепо беа заборавени. И, трето, маневарот на Вагнер најверојатно ќе се изучува како потег што во услови на екстремно зголемени капацитети за набљудување и за разузнавање има капацитет да биде синхронизиран потег на комбинација од измама и изненадување.

Причината поради која ова е потег што можеби ќе се изучува е во тоа што Вагнер и Путин приредија магија. Класичен трик што го користат магионичарите, потпирајќи се на тоа дека умот верува во тоа што ќе го видат очите и ќе го слушнат ушите! Последното, сепак, засега е претпоставка, ама многу опасна, за која ќе позборуваме повеќе во овој форум. Пред тоа, сaмo ќе укажеме дека тука е и проблемот со геостратегијата и со големите игри што потврдуваат дека за разлика од егзактните науки во оваа игранка мора да се земат повеќе фактори во предвид. Наместо класичната анализа во вакви ситуации би требало да се примени метода на т.н. комплексна системска анализа во која збирот на поедините елементи што се земаат предвид не е математички збир на тие елементи. Резултатот е друг, бидејќи коефициентите пред тие елементи се различни и зависат од време и од простор, поради што на крај резултатот може да ви биде различен. Сумирајќи ги анализите за игранката од викендот мора да бидеме коректни и да кажеме дека имаше автори што повикаа на трезвеност, поради опасноста од сценариото за смена на Путин, укажувајќи дека смената за која сите триеја раце не е баш толку добра.

Некои во тие анализи укажаа дека всушност станува збор за судир помеѓу лудак што води над 50.000 убијци, криминалци (условно, иако има многу искусни руски ветерани) и бос, кој седи во Кремљ и управува со државата како со фирма, т.н. корпоративна држава. Некои, пак, се обидоа да анализираат дека енигмата за тоа зошто Пригожин го смени планот да ја заземе Москва, укажувајќи дека ветувањето на Путин е празно и дека тој нема да го одржи зборот. Дека игранката е вистинска и дека Пригожин навистина спремаше пуч е сериозен став што има своја поткрепа во многу разузнавачки извештаи, кои укажуваа на раздор во воениот врв на Русија. Тие извори исто така говорат дека токму овде и заканата на Путин, каде според ова сценарио олигарсите би имале интерес од смената и дека им треба личност што ќе го реши тоа. Дополнително, ова стојалиште тврди дека бројката од 50.000 платеници ќе нарасне со т.н. спијачи кои ќе го поддржат процесот на смена однатре и по т.н. „сноу-бал стратеџи“ (лавина) поддршката би растела и би се засилувала мултиплицирајќи се. Тука можеби и е разбирањето на веродостојноста на овој став, бидејќи имаше многумина што наивно веруваа дека со 50.000 платеници од кои не сите беа вклучени во приказната, ќе падне Москва. Да, информациите дека Пригожин ита и бројката од 400 возила е импозантна, арно тие возила нема да бидат доволни да се заземе Скопје, а не Москва.

Било како било, луѓето се договорија и Путин преживеа. Некои велат, барем засега. Во ред, има место за такви анализи и верувања. Арно ама, има една работа што многу малку се артикулираше или воопшто и не се зеде предвид. Една битна работа што треба да се има предвид при анализата на шоуто е дека „Вагнер“ сепак е агенција што е приватна, ама формирана од Кремљ. Како што е и „Гаспром“ и „Лукоил“ и многу други. Приказната за корпоративната држава, идентично како и кинескиот „Хуавеи“ е тоа што кај западните аналитичари е проблем да се разбере. Таму нема логика во која државата има ограничена улога, освен кога има, оти Викиликс покажа дека ништо не е како што изгледа (сепак, за тоа во друга пригода). Друга сериозна работа што не се зеде предвид е африканскиот дил и улогата на „Вагнер“ во Африка. Пригожин таму работи за Путин, драги мои. Да, тој има голем ќар, или профит што би рекле претприемачите, ама тамошните операции се со амин на Москва, за ова зборувавме кога говоревме за кризата во Судан.

И на Москва и на Пекинг им е сосема јасно дека за да може да се мерат со Западот, предводен од САД, и да го предизвикаат не само на зборови туку и со дела потребно им е да го избришат технолошкиот јаз кој постои. Да, тој јаз се стеснува, ама сè уште е тука. Затоа операцијата во Африка е битна бидејќи тука се суровините. Затоа тука е мешаницата. Затоа, ако си споменувате, Борел за да ги задоволи ставовите на Франција во Африка побрза да даде коментар зошто Африка е битна, иако ни збор да каже за неоколонијализмот на Франција, кој италијанската премиерка им го плесна во очи, онака патем. Но, „Вагнер“ продолжува да биде подизведувачот кај Путин, кој треба да ја обезбеди сигурноста на Москва во очи на четвртата индустриска револуција и потребата од транзиција на енегренси. Поедноставено, ресурсите во Африка се тоа што на Русија ѝ е потребно, не дека таа многу го сака народот таму или е загрижена за проблемите кои ги мачат како продукти на колонијализмот, а дел на човечката алчност и суровост. Резултатот од целата игранка е што сега голема количина опрема и воени ресурси под будното око на западните сателити и на целата технологија за мониторинг на движење на сили и опрема е на полската граница. Тоа не се случи преку ноќ или под земја, туку сред бел ден и ако ова излезе дека е точно, тоа е добро смислено шоу, во кое многумина бараа пуканки „за да го зголемат доживувањето“.
Внимавајте, сега со преместувањето на „Вагнер“ во Белорусија, каде има многу опрема која ја чека, областа Карков има сериозен предизвик. Истовремено, силите на Кадиров се во Белгород со исто толку опрема. Оттука, според ова наше видување, Пригожин и Путин целата измама ја спремиле како по скрипта од Холивуд, ама во живо! Да, има тука сега елементи што се чудни, како на пример соборувањето на хеликоптерот, горењето на резервоарите со гориво, за да не паднат во рацете на „Вагнер“, дејство по логистичките капацитети, како што Кутузов му правел на Наполеон. Арно ама, многу малку се кажа дека лицата од соборениот хеликоптер преживеале, а и пожарот во нафтените магацини бргу се санираше. Да не заборавиме дека нема ништо и од смената на воениот врв кој е, нели, проблем за Пригожин. За да биде измамата поголема и реална треба нешто и да се случува, нели? Згора на тоа, ден по циркусот во неделата, голем број сериозни анализи повикувајќи се на западни извори објавија дека Путин и рускиот воен врв вклучително и Министерството за одбрана знаеле барем 48 часа пред Пригожин да го почне шоуто, бидејќи во Ростов натрупал многу опрема пред почетокот на игранката.

Според овие анализи, главниот „тригер“ за Пригожин да го почне пучот била одлуката на руското Министерство за одбрана сите приватни воени компании кои се вклучени во операциите да потпишат договор со кој се ставаат под негова команда. Ама, останува енигма зошто не реагирале. Кој знае, можеби Путин навистина се извлече и одигра шах за спас, ама останува да видиме дали ова ќе го направи посилен или ќе му падне кредибилитетот во очи на руската нација. За Западот тој одамна е несериозен и човек кому не треба да му се верува!

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот