Светот останува на пензионерите
Тазе пензионерите масовно продолжуваат да работат како хонорарци. Старите наголемо доаѓаат на сцена, младите бараат друга сцена, зад државната граница.
Нова мода ги зафати пензионерите. Некој затоа што сака, некој затоа што мора, но ретко кој откако ќе замине во пензија престанува со работа и ужива во заработената пензија.
Тазе пензионерите масовно продолжуваат да работат како хонорарци во истата фирма каде што работеле. И сите се задоволни, зашто „и волкот е сит и овците им се на број“,. Работодавачите не мора веќе да му плаќаат пензиски и здравствен придонес, износ што е околу половина од нето-платата, а дотогашните работници сега имаат дополнителна заработка, но, за жал, најголем дел од нив не да соберат пари за попристојни пензионерски денови, туку за да ги отплатат кредитите, затоа што речиси нема таков кој нема некој кредит, макар да е и „платата во минус“. Со таков мираз од негативно салдо работниците најчесто заминуваат во пензија, со оглед на стандардот во земјава.
Ваквото „хонорарно“ заминување во пензија создава проблеми, а според логиката, тие ќе бидат уште понагласени, затоа што сè повеќе ќе има пензионирани вработени, наместо млади работници. Испразнетите пензионерски места не ги пополнуваат млади луѓе што ќе плаќаат пензиски придонес, пари што ќе се искористат за тие што отишле во пензија, туку ги пополнува стариот кадар. Ова му нанесува удар на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој, пак, треба да ги алиментира сите пензии. Особено што е голем притисокот пензиите да растат, затоа што со сегашните тешко се живее. Секој четврти пензионер е во една од групите на минимални пензии кои се движат од 11.987 денари до 15.250 денари (во зависност од годината на пензионирање)!
Пензионерите хонорарци, освен што негативно влијаат врз Фондот за пензиско осигурување, негативно влијаат и врз пазарот на трудот. Сведоци сме на една нова искривена состојба во стопанството – кога се примаат нови вработени, да им се нудат поголеми плати отколку што ги имаат оние што со години се во фирмата. Старите работници што по навика или поради тоа што имаат некаков кариерен развој во една фирма или поради тоа што се плашат од промени, остануваат „закотвени“ во својата домицилна компанија, која нови работници по таа цена и со тој квалитет не би можела да најде. За газдите е уште подобро ако „влетаат“ тазе хонорарците што се со одлична експертиза за своето работно место и продолжуваат да работат за „стара цена“, а без да мора да им се плаќаат придонеси.
И така во круг… Пензиите се мали, кредитите се големи, пари за преживување тешко се наоѓаат. Тазе пензионерите се свртуваат кон хонорарна работа, но „добрата вест“ е што нема да им ги земат работните места на младите, затоа што нив и ги нема.
Проблеми со работна сила имаат сите земји, но во земјите каде што пензионерите имаат пари за достоен живот немаат потреба од хонорарна работа. Таму, пак, малку по малку, почнуваат да го продолжуваат рокот за одење во пензија. Засега кај нас вакво нешто не се споменува, и тоа е добро. Затоа што едно е да се работи ако некој се чувствува физички и психички подготвен и по 62 години (жени) и 64 години (мажи), а друго е ако мора да продолжи да работи до пензија што би ја добил уште повозрасен. На крајот на краиштата, дури и да може да работи, тој плаќал придонеси за еден систем што е креиран така што по законски наполнетите години ќе му овозможи враќање на вложените пари.
Во прилог на новиот тренд „пензионери-хонорарци“ одат и демографските податоци. Населението во Македонија е влезено во демографска старост. Според Пописот од 2021 година, од 1.836.713 резидентно население 315.431 се над 65 години возраст, или 17 отсто од населението. На пописот пред две години, дури 124.795 граѓани биле на возраст од 60 до 64 години, а тоа се потенцијални кандидати за „хонорарци пензионери“. Се зголемуваат и границите за очекуваниот животен век. Старите наголемо доаѓаат на сцена, младите бараат друга сцена, зад државната граница. Некогашната максима „светот останува на младите“ се заменува со „светот останува на старите“.