Силната ти, Горде

Билјана Секуловска

Ниту Мицкоски ниту неговите никогаш не се извинија за ништо. А зошто, кога злоделата се наградуваат во оваа земја. Новиот Кривичен закон покажа дека оваа земја е правена исклучиво за нив. Не се предавај, Горде, доаѓаат уште поубави времиња

Сигурна сум дека никој од политичарите и од функционерите нема бугарски пасош, и покрај тврдењата на бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев дека се работи за 120.000 пасоши. Не, сигурно никој нема, особено не од власта, уште помалку од опозицијата. А зошто би имале? Прашајте ги нив, нормално, ќе ви кажат дека Македонија е прекрасно место за живеење. Особено за нив. Исклучиво само за господата во политиката, во партиите, никаде повеќе, никаде помалку.

Ова е земја каква што нема никаде во светот. Ним најмила. Земја во која со посебна радост, според новиот Кривичен закон, политичарите се согласија да не бидат казнувани, да бидат помилувани, да им застаруваат делата, да бидат новите господари на нашиот мал, анонимен, неважен живот во нивните очи. Земја во која лидерот на опозицијата, Мицкоски, со бескрајна среќа ја прими во прегратка Гордана Јанкуловска, штотуку пристигната од затвор, на еден мал, исполнет со радости викенд. Таа со новиот Кривичен закон, според најавите, наскоро и сосема ќе се врати дома.

Сцена од која се топат и двајцата, капат од среќа, додека не станат една голема локва на подот, која никогаш нема да може никој да ја избрише. Таа ни се лепи на нозете, зацапуваме, нема бегање од неа, она што ни преостанува е сите потоа да ја разнесуваме, каде и да одиме. Оставаме траги и дома, ги гребеме, спремни сме да ги раскинеме, самите да се откинеме.

Ги размачкуваме по рацете, низ лицето. Како шлаканица остануваат црнила низ образите. Остануваме ние, тоа сме ние – оние што се смешни, со прст да нè покажуваат. Земја во која ниту Мицкоски ниту неговите никогаш не се извинија за ништо. А зошто, кога злоделата се наградуваат во оваа земја. И нема зошто некој да се извинува, новиот Кривичен закон покажа дека оваа земја е правена исклучиво за нив.

Не се предавај, Горде, доаѓаат уште поубави времиња, зошто да не, секогаш ти се насмевнува нова власт, нови можности, нови победи. Шлаканиците ги примаме ние, во оваа земја, која по сè изгледа не е повеќе за нас. Но, доколку сакаме тука да останеме, да живееме, борбата е сè што имаме.

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот