Руски пратеник тврди: „Вагнер“ е во Белорусија за десант врз коридорот Сувалки, „ахиловата петица на НАТО“

Коридорот ги поврзува Белорусија и Калининград - Фотографија Profimedia

Овој коридор на границата меѓу Литванија и Полска се смета за веројатно првата цел и на Русија и НАТО при евентуален директен судир, односно за потенцијално прво бојно поле при трета светска војна

Рускиот претседател Владимир Путин ги испратил остатоците од „Вагнер“ во Белорусија за да ја искористи приватната армија за воена интервенција на границата помеѓу Полска и Литванија, кои се членки на НАТО, и за заштита на клучниот коридорот што е единствената копнена врска до Калининград, тврди руски пратеник и офицер.

Во интервју за руската државна телевизија, пратеникот Андреј Картаполов објаснува дека приватната армија на Евгениј Пригожин е префрлена во Белорусија за да може итно да интервенира за заштита на коридорот Сувалки, кој е опишан како „веројатно најкритичното геополитичко место на планетата“ и како „ахиловата петица на НАТО“.

Коридорот се протега стотина километри по должината на границата помеѓу Литванија и Полска и води од Белорусија кон руската ексклава Калининград на брегот на Балтичко Море. Овој коридор се смета за веројатно првата цел и на Русија и НАТО при евентуален директен судир, односно за потенцијално прво бојно поле при трета светска војна.

Пратеникот Картаполов го отфрла официјалното објаснување од Кремљ дека најлојалните командатни и трупи на Пригожин, па и самиот основач на приватната армија, се „прекомандувани“ во Белорусија само за да ги обучуваат тамошните воени сили.

– Јасно е дека приватната воена компанија „Вагнер“ замина во Белорусија за да ги обучува Белоруските оружени сили. Но, не само заради тоа. Постои и коридорот Сувалки. Добро знаете што е тоа. Ако нешто се случи, многу ни е потребна контролата на Сувалки – изјави Картаполов за телевизијата „Русија 1“.

Кога Полска и Литванија се разграничиле со Договорот за Сувалки во 1920 година, коридорот немал посебно значење освен како дел од граничната линија помеѓу Советскиот Сојуз и Полска. Но, по колапсот на Советскиот Сојуз и раздружувањето на Литванија, а особено по нејзиниот прием во НАТО, исто како и на Полска, коридорот е единствената копнена врска помеѓу Белорусија и ексклавата Калининград, каде што Русија има стратегиска воена база со нуклеарни бојни глави и проектили. Ако при евентуална војна Русија успее да воспостави контрола врз коридорот, балтичките членки на Алијансата ќе бидат копнено отсечени.

По уривањето на Железната завеса при крајот на минатиот век Москва настојуваше тесниот коридор Сувалки да биде признаен за руска територија, но Полска, Литванија и ЕУ не се согласија.

По руската интервенција во Украина во 2014 година членките на НАТО го засилија обезбедувањето на коридорот, а по инвазијата во 2022 година привремено воведоа рестрикција на транспортот на стоки. Полска во 2017 година се залагаше во регионот близу Сувалки да изгради воена база, но Конгресот на САД не го одобри предлогот да испрати 2 милијарди долари за таа намена.

НАТО лани одржа воени вежби близу виталниот регион – Фотографија ЕПА, Артур Решко

Најблиската формација на НАТО до Сувалки денес е Механизираната пешадиска бригада „Железен волк“ во Литванија, со 900 војници од Германија и уште 700 од Чешка, Норвешка и од Холандија. Бригадата е опремена со тенкови „леопард 2“, борбени возила „мардер“ и самоодни хаубици „пзх 2000“ и е лоцирана 140 километри од коридорот.

Во Полска, пак, се распоредени американски баталјон и полска механизирана бригада, како и 400 британски „кралски коњаници“ и војници од Романија и од Хрватска. Овие трупи имаат американски тенкови „м1 абрамс“ и надградени советски „т-72“, борбени возила „страјкер“, „бредли“ и „бвп-1“. Во февруари 2022 година НАТО издвои контингенти со вкупно 40.000 војници што може итно да бидат префрлени на границата со Русија и со Белорусија.

Русија, пак, во Калининград ја има Балтичката флота, засилена противвоздушна одбрана со модерни повеќецевни ракетни лансери, механизирани бригади со најмалку 90 тенка и самоодни хаубици и современ систем за електронско попречување. Во Калининград се стационирани проектили „искендер“, но Москва одбива да потврди дали на нив се монтирани и нуклеарни бојни глави. Белорусија речиси и да нема значителни воени бази близу стратегиски важниот коридор.

Во сите хипотетички сценарија за војна помеѓу Русија и НАТО се истакнува дека една од првите акции што би ги спровела Русија е да воспостави воена контрола врз Сувалки и врз шведскиот остров Готланд, за да ги отсече балтичките земји и да ги блокира радио-комуникациите на Алијансата. При таква акција главниот напад би бил концентриран кон литванската страна од Сувалки. Тоа било сценариото на воените вежби „Запад 2017“ и „Запад 2021“. Ако успее првиот удар, во сценаријата е пресметано дека на руските трупи би им биле потребни 36 до 60 часа за да стигнат до Рига и Талин.

Алијансата нема конкретно утврдена стратегија за одбрана на коридорот, но верува дека може да се дејствува од заседи, бидејќи тоа го овозможува густата шума.

Рускиот пратеник Картапалов е убеден дека приватната армија е способна во рок од само неколку часа да спроведе упад на полско-литванската граница и да преземе целосна контрола врз коридорот што ги поврзува Белорусија и Калининград.

– Министерството за одбрана ќе процени што зедоа и што добија. Зборувам за фактот дека ударна сила е спремна за неколку часа да преземе контрола врз овој мал коридор – изјави пратеникот на владејачката партија Обединета Русија и поранешен одликуван офицер.

Обединетото Кралство и Европската Унија уште во 2015 година воведоа санкции за Картаполов поради неговата улога во Руско-украинската војна, а на американскиот список санкционирани лица е од март 2022 година, неполн месец по руската инвазија врз Украина. Картаполов се поврзува со соборувањето на малезискиот патнички авион над Украина во јули 2014 година, при што загинаа 298 луѓе. Во тоа време Картаполов бил командант на Западната воена област, задолжена и за проруските сепаратистички региони во Украина.

Говорејќи за инцидентот на 17 јли 2014 година, тој на прес-конференција изјави дека украински авион „су-25“ бил забележан на далечина од 3 до 5 километри на малезискиот патнички авион непосредно пред уривањето. Низа други анализи на ситуацијата укажуваат дека податоците што ги кажал Картаполов биле фабрикувани, дека околу малезискиот „боинг“ немало никаков друг авион и дека патничкиот авион бил соборен со проектил „бук м1“ истрелан од 53. противвоздушна ракетна бригада на руското Воено воздухопловство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот