Многузборлив молк за растот на пензиите

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Се соопшти раст на пензиите од 5,3 проценти, што е далеку од првичните пресметки на Министерството за труд и социјална политика од над 6 проценти. Дури и да се утна со пресметките, министерката Тренчевска тоа мораше да го соопшти.

Како никогаш досега за зголемувањето на пензиите се молчеше како змија да ги касна сите владини функционери. Септемвриското зголемување почна да се најавува уште во јули, а од Министерството за труд излегоа со првите пресметки според кои зголемувањето ќе биде поголемо од шест проценти, со тоа што министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска секогаш се оградуваше дека податоците од Заводот за статистика не се готови и дека точниот процент ќе биде соопштен кога тие ќе бидат познати. Статистика одамна ги направи пресметките, тоа може да се види според датумот на објавените податоци за инфлација и за плата, но од Министерството за труд официјално го соопштија вистинскит процент од 5,3 отсто на денот кога почна да се исплаќаат пензиите.

Сите се сеќаваме дека досега, пред секое зголемување на пензиите, имаше соопштение на официјална веб-страница на Министерството за труд и социјална политика што беше дистрибуирано до медиумите, а ресорниот министер задолжително излегуваше во јавноста со добро познатата триумфална реторика, во стилот – просечните пензии се зголемени за толку и толку денари. Овојпат – молк!

Дури и да се утна со пресметките и првичните предвидувања да беа значајно под крајните пресметки, Министерството за труд и социјална политика мораше да има доблест и навремено тоа да го соопшти пред јавноста. Дали мислеа дека никој нема да ги праша, дали мислеа дека никој нема да пресмета? Ако е така, тоа е потценување и на пензионерите и на граѓаните. Не може со денови да се гледаат пензионерите в очи и да им се кажува дека работното тело работи на закон за минимална пензија и на подобрување на условите за живот, а да не им се кажува колку сега ќе им се зголеми пензијата. Раст на пензија повеќе од 6 проценти и раст од 5,3 проценти не е исто. За просечната пензија од 19.062 денари колку што била во август, раст на пензијата за 6 проценти е 1.143 денари, а раст од 5,3 проценти е 1.010 денари, или просчната пензија пораснала за најмалку 133 денари помалку од она што се најавуваше.

Пензионерите не беа задоволни ни со порастот на пензиите од 6 проценти, ниту пак со некој пораст од 6,8 проценти што за волја на вистината никогаш од власта никој не го соопшти, а некако се протна низ медиумите. Сега пензионерскиот револт е уште поголем. Тие најавуват дека и натаму ќе продолжат со протестите, а и понатаму е актуелно барањето за линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари.

Според августовската статистика, во земјава пензија земаат 336.806 наши сограѓани. Најниска пензија од 11.897 денари земаат 2.663 пензионери. Нивната пензија сега е зголемена за 630 денари. Највисоката ја земаат 75 пензионери, и таа во август изнесувала 69.803, а во септември се зголемила за 3.599 денари. Она што особено загрижува е фактот што секој четврти пензионер со септемвриското зголемување зема пензија од 16.058 денари! Од нив, дури 48.006 пензионери земаат 13.155 денари сосе септемвриското зголемување од 662 денари.

Како што велат и професорите – пензијата не е социјална, туку економска категорија. Таа зависи од тоа кој колкава плата некој добивал и соодветно колку му биле платени како пензиски придонес, како и колкав работен век имал. Теоретски тоа е многу логично и точно! Но, да не заборавиме дека низ годините се правеа многу гревови кон работниците, а некои и сега се прават: исплата на дел од плата на рака, лажење (пред да се воведе концептот бруто-плата) дека се уплаќаат придонеси, а всушност тоа да не се прави. Така се случи армија работници да останат без стаж. Во приватизацијата на општествениот капитал и во транзицијата многумина останаа без работа и без можност да се вработат. Затоа, оваа економска категорија на пензии, барем за сегашните пенизонери, мора да содржи и некои социјални елемети, затоа што власта тоа го дозволила. Народните избраници изгласале лоши закони, а работодавачите направиле дебел криминал на грбот на сегашните пензионери.

Можеби е разбирливо зошто министерката за труд и социјална сакаше да го премолчи процентот на зголемување на пензиите, но вистината е таа и од неа нема бегање. Вака власта направи уште поголем грев – при очи народот го направи слеп!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот