Европски фронт за корупција, пардон за ЕУ интеграција

Мухамед Халили, Фото: Архива

Неуспешно сакав да убедам еден мој колега амбасадор акредитиран во земјата дека има граѓани што ја сакаат Русија бидејќи ја сметаат како чувар на славјанството. И почнав да му објаснувам. Немој да се плашите од ВМРО. ВМРО-ДПМНЕ во 90-тите години се бореше за независност на Македонија. Значи за Европа! СДСМ не можеше да се одлепи од Србија.

Сегашната владина коалиција СДСМ-ДУИ ги фатила вистинската треска на стаорци. Нив не ги фаќа сон, дење и ноќе на терен. Од сите владини структури најактивен бил и се уште останува лидерот на ДУИ – Ахмети.
Досегашниот премиер Ковачевски е оптимист и очекува слава на 8 мај годинава по повод неговото повторно именување за премиер додека Зечевиќ и Маричиќ седнале на иста маса со оние од Самоопределување (Vetëvendosja) на Курти да разменат мислења за „меѓународната соработка меѓу социјалдемократските партии“.
Сè уште не ми е јасно која беше мисијата на претседателот Пендаровски со неговата посета на Косово. Злонамерните велат дека можеби, покрај државничките работи, било разговарано за албанската опозицијата да не излезе со свој претседателски кандидат. Али ја почна неговата убедувачка мисија прво на ТВ Клан во Тирана, кога се самопрогласи за личност на годината помеѓу многу истакнати Албанци од културата и од општествениот живот во Албанија, со однапред режирани прашања на Бледи Февзиу за неговото „патриотско“ детство, неговиот напуштен сон за cеалбанско „обединување“ (fake news) затоа што сега се променија условите и Европа не толерира големи држави!
За жал Бледи, Батон, Бужала и Келменди ги видовме и вчера во дипломатската ложа (наспроти нашите новинари кои се сместија во партерот!) и како се возат со службени коли. Бледи сепак вешто успеа да не му одговори на Фуркан со кои пари тие се шетаат низ Северна Македонија фалејќи ги „вековните достигнувања“ на Албанците на Али во ДУИ. И не само тоа. Батон во славеничка атмосфера од собранискиот балкон му бараше прочка на Али за неговите многу остри критики упатени кон него оти тој бил во заблуда за неговите интелектуални и политички капацитети.
Дитмир Бушати, поранешен МНР на Еди Рама, напишал една колумна наменета за нас Албанците во Македонија – да се освестиме во која ера на „голем економски, политички и културен развој живееме“ благодарение на Али, а ние не сме знаеле. Всушност, колумната беше дел од изјавата на висок функционер од Македонија за еден македонски медиум. Значи, плагијат. Сепак, и покрај ова, Рама не се меша во внатрешните работи на Македонија. Тоа го прави „тврдоглавиот“ Курти. А и на најрадосниот ден на Албанците во ДУИ кога го прогласивме првиот од стоте дена со премиер Албанец многу новинари од Косово и од Албанија, кои перманентно се наоѓаат на листата на ДУИ, се радуваа и солзи пуштија за ова вековно доживување. На Грида Дума, една многу способна и многу убава новинарка (поранешна пратеничка) Али и го отвори срцето на Топ чанел и се пожали за однесувањето на Албин Курти, „човекот што сака да го врати Косово во Србија“, како што еднаш Али се изјасни за него. Курти се меша во внатрешните работи на Северна Македонија! Тоа не е добро, вели тој. И безобразно вели дека тоа му дава право на Вучиќ да се меша во внатрешните работи на Косово! Али или не е информиран или сака Вучиќ, наспроти ЕУ, да го лансира како демократ кого „европски едуцираниот Рама“ го фали секој ден како „политички цар на Отворен Балкан“ и кого не го послуша „неедуцираниот“ (човек кој не се разбира во политика!) косовски премиер Албин Курти. Се разбира, Вучиќ се уште не е убеден дека Косово е независна држава и не е српска колонија. Остави што Вучиќ мисли така, но и Рама и Ахмети го делат истото мислење.
Така на пример Еди Рама, како нарцисоиден политичар, пишува драфт асоцијации за српските општини во Косово, го испраќа без знаење на косоварите Курти, Османи и Коњувца во Америка и во ЕУ и наспроти тоа Али вели дека тој не се меша во внатрешните работи на Косово! Хашим Тачи ќе се „грижел“ за правата на Албанците во Македонија?!Самопрогласениот „неприкосновен лидер“ на Албанците во Македонија, Али, изгледа заборавил кој беше тој што во минатото се мешаше во внатрешните работи на Република Македонија (пардон Северна).
На прославата на 100-годишнината во 2012 година на суверената држава Албанија во Скопје, во салата „Борис Трајковски“, прослава на која имав неблагодарна чест да бидам присутен, прославените инстант браќа на Али, господата Хашим Тачи и Сали Бериша, без присуство на македонскиот „брат“ на Али, Никола Груевски (тогаш коалициски партнер на ДУИ) викаа и „патриотски“ песни пееја за правата на нас Албанците во Македонија. Брате Хашим, брате Али, брате Сали си се довикуваа едни на други и се гушкаа.
Груби, во улога на полицаец-редар, не ми понуди столче за седење и така на нозе „славеев“ и јас. Демек, славата била нивна, партиска свадба! Така, од големата гужва со присуството на партиските активисти, „патриотскиот“ настан го следивме на нозе. Потоа заврши неславно. Бериша го прогласи Тачи за албански предавник, за соработник на еден француски агент! Али тогаш го немаше сегашниот брат Еди Рама. Неколку денови потоа Еди за инает на Бериша како гостин на претседателот на ДПА Мендух Тачи за прославата отвори една изложба во културниот дом во Тетово, на која присуствував и јас. Сега Рама и Али станаа браќа. Рама секогаш го фали Али дека ги направил Албанците „конститутивен“ народ, а албанскиот јазик „го направил“ службен јазик во Македонија и сега службено можеш да го употребуваш дури и дома со семејството. После 22 години владеење на Али „патриотот“ од ЛПК-Косово сега голем број млади школувани Албанци си шетаат по Европа со факултетска диплома да најдат гастарбајтерски работи, а членовите на семејствата на политичарите од „Соравија“ и од М-НАВ и од други економски гиганти се прогласуваат за европски бизнис гении на возраст од 22 години.
Македонско информбиро: со Таче јуниор или со Мицко? Младите генерации не се должни да учат историја. За Тито знаат оти ние како постари генерации уживаме кога ги раскажуваме благодатите и сигурноста на граѓаните што ги нудеше тогашната федерација под Тито. За Сталин ретко кој зборува, само тие што учат историја. Дојде времето, ги информирам, кога Тито се скара со Сталин, водачот на СССР и на целиот комунистички блок. Тито тогаш го основаше движењето на неврзаните. Тоа не е важно за истакнување. Важно беше дека тогаш на сите собири на КПЈ (Комунистичка партија на Југославија ) и на собирите на Социјалистичкиот сојуз граѓаните мораа да се изјаснат: кој е со Тито, а кој со Сталин? И ако некој во збрка, наместо за Тито ја дигал раката за Сталин веднаш беше депортиран во фамозниот затвор Голи Оток. Нешто такво доживеавме јас и моите колеги професори од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово и стотина професори и наставници од целата земја под владетелството на Лазар Мојсов, Мелко Антески и Саво Климовски во осумдесеттите години од минатиот век.
Во времето на таканаречената идејно-политичка диференцијација требаше да се изјасниме за одлуките на Општинскиот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија (СКМ) за бркање професори и други интелектуалци од работа. Кој е против идејно-политичката диференција, а кој е за? Кој беше против одлуките на ОК на СКМ го бркаа од работа. И тогаш стотици наставници останаа без работа затоа што не гласаа за одлуките на ОК на СКМ во Тетово. Замислете, со одлука на ОК на СКМ тогаш образовно-културните власти ги запалија сите книги печатени во Албанија, меѓу кои и романот на светски прочуениот Исмаил Кадаре „Хроника на камен“ преведен на македонски јазик! O tempora, o мores! Какви времиња, какви закони! Времињата се променија многу. Сепак од минатото нешто остана во нашата меморија како да се однесуваме за да бидеме поубедливи кај народните маси. Имено, сегашната власт (СДСМ-ДУИ) ги известила Америка и Европа дека опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) е антиевропска и проруска, а власта проевропска! Антиевропска, демек не сака Македонија да влезе во ЕУ. Проруска, демек ја сакаат Русија. И плус ја сакаат и Кина.
Слушајќи го ова професорката Силјановска-Давкова изрази негодување зошто власта покрај придавката „европски“ го употребува името „фронт“ оти тоа асоцира на војна, а таа ги мрзи војните. Мојот пријател Хајредини погрешно разбрал дека руската војска веќе била во Ќустендил на готовс, а ние требало одамна да го активираме „европскиот фронт за корупција“, пардон за евроинтеграција, против Русите. Малку спокој во нашиот повик за европскиот фронт за корупција, пардон ЕУ-интеграција, внесе изјавата на генералниот секретар на НАТО Столтенберг (младиот) дека Русија не претставува воена закана за Македонија, иако ризикот не треба да се потцени! Освен ако Русија ризикува да употреби нуклеарно оружје на Балканот поради српско-косовските недоразбирања по заканата на Захарова.
Неуспешно сакав да убедам еден мој колега амбасадор акредитиран во земјата дека има граѓани кои ја сакаат Русија бидејќи ја сметаат како чувар на славјанството. И почнав да му објаснувам. Немој да се плашите од ВМРО. ВМРО-ДПМНЕ во 90-тите години се бореше за независност на Македонија. Значи за Европа! СДСМ не можеше да се одлепи од Србија. Оттука и вториот дел од референдумското прашање: независна Македонија со право да се приклучи кон некој сојуз на држави. Прашајте ги Македонците каде се школуваат нивните деца: во Рим, Париз, Лондон, Берлин или во Москва? Колку е економската размена помеѓу Македонија и ЕУ? Каде бараат азил нашите и балканските граѓани? А Кина? – ме прашува тој. Кина е корупциски случај. Нема никаква врска со нашата љубов кон Кина, му објаснувам. Кинезите во странство одат во кинески ресторани, во Чајна таун. Сте виделе вие такво нешто во Македонија, освен кинески двокатни автобуси и корумпираниот владин проект Синохидро на делницата Гостивар-Кичево-граница? А, да ви кажам вам Европејците за Чајна таун во Лондон за тоа дека во Милано и околината 45 проценти се Кинези, за Кинезите во Белград, што ќе ми одговорите?

(Авторот е член на Советот на амбасадори)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот