Диета

жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

Пристапот на Сунак не е за секого, не е и за повеќе од 14 милиони Британци, кои и според владините податоци официјално се сметаат за сиромашни и кои немаат доволно пари за да ги платат сметките и да купат доволно храна.

Пробав. Имав најдобра намера. Станав сабајлето и си реков, денеска е денот. Понеделник. Треба да се почне токму в понеделник. Ако го нарекуваат тажен, син, ваков, таков, никаков, не го сакаат, па и песна му направиле и Гелдоф со години, не, со децении упорно прашува ние да му кажеме зошто не ги сака понеделниците (да не му беше таа песна и Лајв ејд, ние ќе се прашувавме кој е тој, ама ајде), нема врска, треба во понеделник, па да видам. Не за друго, туку да не има некој штос во понеделникот, зашто човекот е умен, образован, воспитан во хинду религијата и културата и еден од најбогатите луѓе на светот (ако се смета богатството на неговата сопруга, а се смета) и згора на сè, стана и премиер на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, така што, мора да има нешто што тој знае.
Секоја недела во 5 часот попладне Риши Сунак престанува да јаде. И не става залак во уста до пет часот наутро во вторник, што значи дека не јаде, односно пости 36 часа. Извор близок до „Сандеј тајмс“ откри дека премиерот тоа го правел на почетокот од секоја недела и дека пиел само вода, чај и кафе без млеко. Англичани без англиски појадок? Па без ужинка околу 11 и без сендвич со чипс и некое овошје за ручек и потоа чај, односно вечера со месо, салата, компирчиња, нешто запржено, со чаша-две-три винце, пивце или пак чај, па живот ли е тоа? Па така ли се почнува неделата? Па како ќе се стигне до петок? И она што почнаа да се прашуваат некои, како функционира Риши во понеделник, па и во вторник сабајле? И како функционира воопшто? Дали одлуките во понеделник му се важечки? Поточно, здраворазумски? Зашто мене нозете во споменатиот понеделник кога оптимистички решив да „бидам Риши“ почнаа да ми се тресат некаде околу три попладне и навалив на грашокот на мајка ми, а она што остана го измацкав со две парчиња ‘ржан, ама сепак леб за вечера и легнав со блага грижа на совест ама и со блажена насмевка зашто грашокот беше ем прва лига ем со моркови.
Извесен Адам Колинс, професор за нутриционизам на Универзитетот во Сари, изјави дека пристапот на Риши бил всушност нешто посурова верзија на познатата 5:2 диета според која луѓето два дена во седмицата се ограничуваат на внесување од 500 до 600 калории дневно.

Што е слично на 36-те часа на Риши. Но, Џејмс Бејтс, професор по метаболичка психологија на Универзитетот во Бат, вели дека диетата со ограничени калории не го става телото во состојба на постење, за разлика од пристапот на Риши. Кога се апстинира од храна, смета тој, телото посега по нормалните залихи на енергија. Тој правел испитувања и споредувал луѓе кои постеле 36 часа со оние што во истиот период биле на диета со помалку калории и нашол докази дека поефикасно се согорувале маснотиите со гладување. А уште не е докажано дека ваквото постење, како што тврдат некои, го продолжува животниот век. Испитувањата се вршат со глувци и со други слични животинки. Засега.
Сепак, Колинс додава дека режимот на Сунак не е за секого. Не е за оние со здравствени проблеми во врска со исхраната, за трудници, за луѓе со ментални проблеми и уште за неколку други категории, кои треба да се консултираат со лекар пред да почнат да експериментираат. Не е и за повеќе од 14 милиони Британци, кои и според владините податоци официјално се сметаат за сиромашни и кои немаат доволно пари за да ги платат сметките и да купат доволно храна. Цинично е и мислам дека ниту еден политичар, посебно не од конзервативците по 14 години на власт нема да им каже на луѓето дека со постењето, односно со гладувањето можеби им го продолжиле животниот век!?

Посебно кога рејтингот на партијата е исклучително низок и има предвидувања, а за некои и стравувања дека на изборите годинава конзервативците ќе претрпат катастрофален пораз. А за гладувачот Риши Сунак, јаден или гладен, дека не успеа ниту да ги обедини ниту да ги охрабри ториевците да влезат „со нови сили во нови работни победи“, некако анемично, исцрпено делуваат. И сега-засега, не е за мене, зашто моментно го имам она „држи си ти диети кога ќе се вратиш во Лондон, додека си тука, ќе јадеш она што ќе ти спремам, плус вакво вие немате таму“.

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот