За Влатко Стефановски

Влатко Стефановски /Фото: Web Jazz 2020

Ред се редат, партиски ОВЦИ, да го детронизираат вождот, оној што ја прославува Македонија, својата земја, со секоја отсвирена нота, со секој изговорен стих.

Во Вараждин, бев повикан по повод премиерната изведна на мојата пиеса „За само еден ден“. Времето пред почетокот на претставата, скоро цел ден, го поминав во разгледување на знаменитостите на градот.

За време прошетката, еден од оние со кои, попатно се запознав , ми рече: „Во Загреб, во продавницата за музички инструменти, го видов вашиот Влатко Стефановски. Возбудата во мене го достигна својот апогеј. Сепак собрав храброст, му пријдов и го замолив да ми помогне во изборот на гитара. Маестрото прифати со огромно задоволство. Не научив да свирам гитара. Но, онаа што ја одбра Стефановски, ја третирам како реликвија, зашто таму се отпечатоците од прстите на генијалниот гитарист.“ Му се заблагодарив како возгордеан Влатков сонародник.

На заминување му реков: „Ете, и самите сте се увриле – Влатко Стефановски е доказ дека и мал народ, смачкано племе, како би рекол Б.Конески, може да изнедри голем човек. Што би рекол Набоков за Чехов- Никој како него, овде би ги додал и Рацин и Конески, не бркнал длабоко во душата на Македонецот и не ја отсликал во нејзионата реална широчина. Да се потсетиме само на неколку негови творби: „Абер дојде Донке„ , „Учи ме мајко карај ме“, Јовано Јованке“. Се разделивме со човекот со блажени насмевки зашто откривме дека имаме заеднички музички идол.

Но, како што вели нашиот народ „Ѓаволот ниту ора, ниту копа“, се најдоа после великиот празник, празникот на празниците , не странци, туку наши, некакви душебрижници, да му ја матат бистрата вода, на Влатко Стефановски, да чукаат не во дрво, туку во тенекии. Ред се редат, партиски ОВЦИ, да го детронизираат вождот, оној што ја прославува Македонија, својата земја, со секоја отсвирена нота, со секој изговорен стих. Оној што не е помалку важен од Струшкиот мост на поезијата. Оној што би рекол Анте Поповски, ги учи и ѕвездите да пеат на Македонски.

Не треба да им се прости, дури и да се покајат. Не треба да им се прости како и на оние кои го нарекоа Б. Конески, џуџето од небрегово, кои беа дрски во изјавите адресирани до фамилијата на Тоше Проески.
Б. Конески во книгата „Разговори со Конески“ вели (парафразирам): Ние Македонците сме многу нарцисуидна нација. Сакаме секоја година да ни се раѓа по еден генијалец. Доволно е тоа да се случува на сто години.

Ете ни се случи В. Стефановски, и доста ни е во наредните 100 години, поголем гитарист од него.

П.С. Оние што го навредуваат, сигурно не знаат, или не сакаат да знаат – отсекогаш, во сите интервјуа, кога станува збор за неговите идоли, списокот – не така долг, го започнува со Кирил Манчевски и Александар Сариевски.

Е, моја Македонијо, ги читам грозотиите упатени на адреса на Влатко Стефановски и се прашувам- кој ќе не чува од синовите блудни?

(Авторот е македонски поет, есеист, раскажувач и драмски писател)

Видео на денот