Во ЕУ се влегува со две нозе, а со една нога – во болница!

Европратеникот во заминување Иво Вајгл, известувач на Европскиот парламент за Македонија, сведочи дека во неговите разговори со функционерите на Европската комисија, никогаш не се споменувале никакви „подготвителни фази“ за преговорите меѓу Македонија и ЕУ. И јас не сум слушнал за таква работа и затоа мислам дека таа кованица не треба да се меша со скринингот, кој е стандардна процедура за земјите кандидатки.

Измислувањето некаква „подготвителна фаза“ на патот кон ЕУ, специјално за Македонија, не е фер и не може да се протолкува како официјален почеток на преговорите. Не сакам да шпекулирам кои се причините за една ваква одлука што се очекува. Во интервјуто за МИА, Вајгл отворено зборува за неговите погледи и уште поотворено, како пријател на Македонија, се залага Брисел да го исполни ветувањето и со нашата земја да ги почне преговорите.

Бездруго, Вајгл е во право. Без оглед на сите наши внатрешни слабости и недостигот на волја, па и култура за реформски потфати, со политичка одлука на моќните европски земји, Македонија заслужува да биде наградена за големите напори и успеси на владата на Заев и Ахмети за консолидирање на меѓународната положба на земјата и за придонесот за стабилноста на регионот.

Како што вели еден мој пријател дипломат, одлуките за проширување на ЕУ секогаш се првенствено политички. Бугарија и Романија, на пример, одамна станаа членки на Унијата, во период кога двете земји беа светлосни години далеку од стандардите на тоа елитно друштво и со голем степен на внатрешна политичка нестабилност. Беа многу полоши од нас кога ги почнуваа преговорите за членство во ЕУ.

Вајгл вели дека нема никаква причина за песимизам, бидејќи, како што додава, „Македонија си отвори пат, енормно си го зголеми кредибилитетот, со една нога е членка на НАТО, а во ЕУ постои една постапка во која Македонија е влезена и не гледам дека има пат назад“. Да, ама со две нозе се влегува во ЕУ, а со една нога – во болница.

Затоа, Македонија може и треба и самата да го забрза темпото на приклонување кон ЕУ. Вајгл разумно предлага преговорите да почнат во јуни, а ритамот на преговорите да зависи и од внатрешните проблеми на Унијата, но и од темпото на реформите во Македонија. Тоа е еден многу разумен и коректен предлог, на кој нашата влада мора жестоко да инсистира, бидејќи покрај сите слабости, кои често и јас ги критикувам, Македонија во овој момент заслужува награда од Европа, а не казна.

Видео на денот