Владиката Агатангел денеска е главен лик во снимки од „Шамарите во Центар“

Владиката Агатангел со своите искажани лоши мисли и зборови кон сега веќе поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, на протестите во 2013 година, денеска беше „главен лик“ во телевизиските снимки кои на судењето за „Насилството во Општина Центар“, предмет на СЈО, се прикажуваа во судница. Думите на Агатангел со изјава дадена таа година беше поддржана и од неговиот црковен колега, владиката Иларион.

Во снимките, исказ со поддршка на демонтрантите кои со денови во јуни 2013 година протестираа низ центарот на Скопје, правеа нереди пред општинските бараки на Центар, а неколку пати и ја оштетуваа бараката каде се одржуваат седниците, дадоа и неколку жени, а меѓу нив беше и поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Божиновска. Инцидентите се случуваа од 7 до 10 јуни 2013 година во просториите на општината во која неколку стотици граѓани протестираа против точката на дневниот ред на Советот на општината, поништување на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“. Една од причините поради бунтот на граѓаните беше лагата на тогашната власт, дека со поништување на ДУП-от ќе биде срушена и црквата „Св. Константин и Елена“.

Токму за оваа црква, владиката Агатангел тогаш велеше дека се гради со народни пари и дека со измените на ДУП-от таа наводно ќе била урната како што рече „како комунистите во 1963 година“.

Според обвинението, на 1 јуни 2013 година, Никола Груевски, тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, преку министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, ги поттикнал останатите обвинети во случајот, во група со повеќе лица да извршат грубо насилство спрема тогашниот градоначалник на општина Центар Андреј Жерновски како и спрема советниците од советничката група на општина Центар. од редовите на коалицијата предводена од СДСМ. Како што стои во обвинението, Груевски во телефонски разговор со второобвинетиот Миле Јанакиески, воден на ден 1 јуни 2013 година, побарал второобвинетиот да организира да се собере група членови на партијата и да се изврши грубо насилство врз градоначалникот на Центар.

Според обвинението, Јанакиески го прифатил тоа по што дал насоки на хиерархиски подредените лица во партијата да ги известат сопартијците дека седницата ќе се одржи на 7 јуни, па преку насилен протест да го одложат стопирањето на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“.

Видео на денот