ВИДЕО: Винилот е во мода, грамофонските плочи популарни кај младите скопјани

Грамофонски плочи/Фото: Слободен печат

Љубителите на звукот на грамофонските плочи денеска се собраа во голем број пред МКЦ во Скопје каде по петти пат се одржа Винил Конвенција посветена на сите колекционери и љубители на винили.

На овој настан посветен на пасијата нареченa винил можеа да се најдат стари плочи и понови изданија на култните светски рок бендови, џез и блуз музичари, како и изданија од поранешните југословенски простори.

-Тука има една серозна екипа. Има собирачи од Велес, многу сериознзи, сакаат необични работи, кои мислам дека тешко се наоѓаат во Македонија, но во секој случај, на оваа берз адоаѓаат луѓе од Бугарија, Грција и Србија, така што берзата е интересна за секој кој сака грамофонски плочи, вели Борко Бојевиќ, сопственик на најголемата продавница за грамофонски плочи на Балканот, лоцирана во Белград.

Тој вели дека денеска плочите се помалку и мода, но во секој случај и младите почнуваат да препознаваат што е разликата меѓу слушањето плоча и симнувањето на музика од интернет.

-Разликата е голема дали имате плоча или нешто што сте го симнале од интернет е како да немате ништо. Зошто еден ден може се да изгубите, да ви се расипе компјутерот и ќе немате, ништо, а плочата секогаш ја имате и може да извадите од некое свое скришно катче и одново да му се радувате на нешто што го сакате, вели Бојевиќ.

Страста кон винилот ја опишува и познатиот македонски музички новинар, продуцент и сопственик на продавница за винил во МКЦ Тошо Филиповски кој дури ја издигнува на ниво на фетиш.

-Самиот процес на ставање на плочата, вадење од омотот, разгледување на фотографиите, ставање, слушање 15 до 20 минути на една страна со внимание, па стануваш, ја вртиш плочата, тоа е тоа, што мене ме привлекува кон винилот, не звукот. Некои имаат и поквалитетна опрема за слушање, но самиот чин на слушање мене ме прави зависник од винилот, вели Филиповски.

Тој е уверен дека младите македонски музичари преку ваквите настани ќе сфатат дека винилот е траен носач на звук со кој ќе останат во историјата.

Снимањето на винил не е многу скапо вели Филиповски, но проблем е што се затворени големите поранешни југословенски дискографски куќи во делот на снимањето на плочи, па музичарите можат да снимаат винил во странство, во Германија, Чешка, Холандија, и се чека по 5-6 месеци за да се добие порачаното количество.

Денешната Винил Конвенција во МКЦ беше можност пасионирание вљубениците на овие популарни носачи на звук во 70-тите и 80-тите години од минатиот век, да си набават и игли и друга опрема за своите грамофони, а од искусните и долгогодишни колекционери можат да научат како со децении се чуваат, чистат и одржуваат грамофонските плочи.

Цените на плочите се различни, и се движат од едно евро, до некои уникатни кои колекционерите ги бараат и достигнуваат енормно високи суми.

 

 

Видео на денот