ВИДЕО: Милијардерот Ричард Бренсон полета во вселената и успешно се врати на Земјата

Британскиот претприемач Сер Ричард Бренсон полета во вселената. Милијардерот порано рече дека сака да го процени искуството пред да им го овозможи на другите, односно на клиентите кои плаќаат за да отпатуваат во вселената, следната година.
Бенсон досегна до работ на вселената. Тој полета во ракетен авион и за час и половина ја достигна висината што ја одделува Земјата од вселената, а синото небо се заменува со црната вселена.
Ракетата на неговата „Вирџин галактика“, во мисијата од час и половина, требаше да тргне над Ново Мексико околу 8:30 часот по локално време. Сепак, поради лошите временски услови, летот беше накратко одложен.
На висина од околу 90 километри, тој и членовите на екипажот поминаа неколку минути во бестежинска состојба. Потоа се вратија на Земјата, на истата писта од која тргнаа.

Милијардерот испиша историја. Летот на Бренсон е пионерски и тој ја претстави оваа мисија пред јавноста како претходник на новата ера на вселенскиот туризам.
Бренсон во видео обраќање од вселената порача дека му се остварил животниот сон и дека ова е историски ден за човештвото.
На Бренсон му требаше долго време за да дојде до оваа фаза.
Тој во 2004 година првпат откри дека има намера да конструира ракетен авион. Тогаш процени дека овие летови може да станат комерцијални до 2007 година.
Сепак, поради технички проблеми, како и фаталната несреќа на развојниот лет од 2014 година, овој проект стана еден од најголемите предизвици во кариерата на Бренсон.