ВИДЕО: Кањон Матка – природна убавина која плени со своите височини и длабочини, флора и фауна

Кањон Матка / Дронска фотографија на Слободен печат.

Богатството со природни и културни вредности го вбројуваат Кањон Матка во еден од најрепрезентативните објекти на природата во Република Северна Македонија.

Кањонот Матка на реката Треска, која е десна притока на Вардар се наоѓа на 17 километри југозападно од Скопје, на површина од околу 5.000 хектари.

Матка е клисура – пробојница со карстни облици – 10 пештери со должина од 20 до 176 метри и два пропасти со длабочина до 35 метри.

За скопјани кањонот Матка е омилено место за одмор и рекреација. Го обожуваат и планинарите кои се искачуваат по неговите височини, а спелеолозите ги истражуваат длабочините на пештерите кои се туристичка атракција -Врело, Убава и Крштална, како и подводна пештера Подврело.

Низ кањонот се затскриени неколку цркви и манастири, претежно од средновековниот период, кои и ден денес ги привлекуваат верниците и намерниците за големите христијански празници- манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, манастирот „Свети Никола“ Шишевски, црквата „Свети Андреја“, црквата „Свети Спас“ со остатоци од ранохристијанските цркви „Света Троица“ и „Свети Ѓорѓија“ како и црквата „Света Недела“ која е во урнатини. Токму поради сакралните објекти Матка ја викаат и Света Гора.

Покрај верските објекти, високо во кањонот Матка, стојат и остатоци од некогашната средновековна тврдина Марков Град. Таа била изградена како збег за населението и манастирските цркви, во времето на доаѓањето на Османлиите.

Уште една атракција за пасионираните љубители на природата се и ендемските видови на растенија, инсекти и животинки по кои е познат кањонот.

Во впечатливата флора во кањонот, дури 20 проценти се ендемити или реликти од регистрираните 1.000 растителни видови. Од терциерните реликти, позначајни се кошаниновата темјанушка (Viola kosaninii) и наталиевата рамонда (Ramonda nathaliae). Во месноста Матка се откриени два нови видови на вистински пајаци и пет лажни скорпии. Во кањонот се регистрирани 119 видови дневни и 140 видови ноќни пеперутки. Во кањонот Матка се среќаваат 77 видови на балкански ендемски мали пеперутки, а уште 18 други видови се нови за науката.

Во меѓународни рамки споменикот на Кањон Матка претставува мошне важен локалитет за птици, така што ги исполнува критериумите за назначување како важно подрачје за птиците (IBA) во Европа.

Покрај верските објекти, високо во кањонот Матка, стојат и остатоците (ѕидините) од некогашната средновековна тврдина Марков Град. Таа била изградена како збег за населението и манастирските цркви, во времето на доаѓањето на Османлиите.

Во летните месеци, во кањонот Матка, долж реката Треска се одржува Европското првенство во кајак на диви води.

Овој споменик на природата и заштитено подрачје од трета категорија последниве неколку години постојано го узурпираат приватни инвеститори кои градат кафулиња, платформи  и поставуваат различна урбана опрема во кањонот, но досега не се преземени покрупни чекори за отстранување на дивоградбите и покрај бројните пријави од инспекциските служби.

Погледнете како изгледа Матка снимена со дрон:

 

Видео на денот