ВИДЕО АНКЕТА| 10 години „Слободен печат“: Останете слободни и со слободна мисла, порачуваат граѓаните

Денес весникот „Слободен печат“ слави 10 години од постоење. По тој повод ги прашавме граѓаните колку се задоволни од содржините коишто ги пласираме, колку им се допаѓа начинот на обработка на темите, информациите… Пораките се главно дека треба да продолжиме како и до сега, со порака дека треба да има што повеќе содржини кои го засегаат обичниот човек.
-Поддршка за весникот, останете слободни и имајте слободна мисла како и до сега. Читам сѐ, и продолжете понатаму така. Треба повеќе весници да имаме во државава, повеќе весници значат и пореална состојба, конкуренцијата ќе го направи своето- вели еден читател.
Друг објаснува дека чита редовно, но не секој ден.
-Задоволни сме главно од информациите што ги пласирате, треба повеќе за Скопје и скопскиот регион да има вести. Објективно е сѐ што се објавува- вели постар граѓанин.
Една скопјанка објаснува дека е делумно задоволна од информациите кои ги пласира „Слободен печат“.
-Во ред е генерално, повеќе политика има. Повеќе весници треба да има во државава- вели скопјанката.
Друга е задоволна од информациите, од кратките вести, но недостасува нешто дебатно, треба да има пошироко и истражувачките новинари да бидат повеќе вклучени.
-Да има повеќе содржини во тие дебатни текстови, да бидеме ние граѓите информирани за суштината на проблемите и за начинот на решавење. Имаме премногу проблеми и треба коренито да се решат- вели таа.
Помладите редовно нѐчитаат, но не весник во пишана форма, туку по социјални мрежи.
-Редовно читам. Следам на социјални мрежи, на „Фејсбук“ најчесто. Политичките теми ми се најследени и ве читам и гледам на „Јутјуб“- вели една студентка.
Нејзин колега објаснува дека чита сѐ, задоволен е од содржините.
-Ве следам на „Инстаграм“, спорт најмногу, фалат странски информации за спорт. Треба повеќе весници да има за повозрасните зошто не можат да добијат информации на интернет. Мислам дека најмногу на Фејсбук се чита. Понекогаш читам и весник. Но не секогаш. Читам сѐ освен политика- вели студентот.
За граѓаните информациите од секојдневието се добри за читање. Велат дека не треба ништо да се смени, треба само објективно да се пишува. Културни и музички содржини, но и духовни и комунални текстови, за градот Скопје, но и сите политички случувања.
-Од време на време читам. Имам и интервју кај вас, јас сум карикатирист. Фалат теми од секојдневниот живот, но прикажете ги оптимистички, тоа фали. Да се влее добра мисла, да не се разочараат читателите. Најобични луѓе, нивните успеси како врвна вредност да се покажат- вели скопјанецот.
Според него, најмногу политика и економија се чита и не треба некоја голема промена.
Целата анкета на нашата колешка Агнеса Чаволи погледнете ја овде: