Централниот регистар домаќин на светски бизнис регистри од над 60 држави

фото: МИА

Над 160 претставници на корпоративни деловни регистри од над 60 држави од денеска присуствуваат на 16. годишна конференција на Форумот за корпоративни регистри што се одржува во Скопје и Охрид.

Делегатите за време на петдневната конференција ќе разменат знаења и искуства, а ќе дебатираат и за искуствата од диунг бизнис, предизвиците при управувањето со модерните регистри и за новите ИТ технологии во оваа област. На 12-те планирани сесии ќе говорат 52 говорници од различни држави од Европа, Северна Америка, Австралија, Африка и Азија.

Премиерот Зоран Заев, кој утринава се обрати на официјалното отворање на конференцијата, оцени дека иницијативите за регионално и меѓународно поврзување шти ги преземаат Република Северна Македонија и Централниот регистар имаат заедничка цел, а тоа е развој на земјата на глобално ниво, промовирање како земја со поволна деловна клима, отворање на македонскиот пазар и развој на капиталните инвестиции.

„Како стожер во креирањето на деловната клима и промотор на дијалогот меѓу приватниот и јавниот сектор, Централниот регистар прерасна во електронски сервис на деловната заедница и граѓаните. Токму затоа претставува значаен импут во формирањето на барањата преточени во реформските иницијативи и политики на Владата кои се насочени кон зголемување на растот на стопанството, промовирање на здрава и поволна деловна клима и промовирање на нашата земја како поволна дестинација за инвестиции“, истакна Заев.

Според него, значајно е пуштањето во употреба на регионалниот дигитален регистарски портал на Агенцијата за деловни регистри на Србија и Централниот регистар на Северна Македонија, кој заедно со проектите за воведување на заедничка царинска унија и развојот на комуникациските инфраструктурни врски во регионот треба да овозможат реално функционирање на заедничкиот пазар на Западен Балкан.

И директорката на Централниот регистар Марија Бошковска-Јанковски со порака дека регистрите не смеат да си дозволат повеќе да функционираат изолирано во своите национални системи.

„Во време кога за светот се вели дека е глобално село, бизнис регистрацијата е исклучително затворен процес. Почнуваме со размена на квалитетни, официјални податоци, но размислуваме и разговараме за се она што можеме ние како регистри, како јурисдикции, да го направиме за да поддржиме и поттикнеме прекугранична соработка на бизнисот“, истакна Бошковска-Јанковски.

Годишната конференција на Форумот за корпоративни регистри, кој е асоцијација на меѓународни бизнис регистри, веќе 16 години се одржува во различни држави и на различни континенти со цел да ја задржи поврзаноста на земјите ширум светот. Делегатите на Форумот првпат се сретнале во Окленд во Нов Зеланд во 2003 година.

Видео на денот