Томе Ефтимов доби признание за најдобар млад научник за 2018 година

Претседателот Ѓорге Иванов му го додели признанието „Најдобар млад научник“ за 2018 година на д-р Томе Ефтимов, кој работи на полето на информациските технологии.

Томе Ефтимов е роден 1989 година во Струмица. Додипломските студии ги завршува на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитет “„Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2011 година. Трипати е добитник на награда за исклучителни напори и достигнувања на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Во текот на студирањето ја добива стипендијата за 125 талентирани информатичари, која беше доделувана од Министерството за образование и наука на Република Македонија. Магистрирал во 2013 година во областа теорија на информации и комуникации. Докторирал во 2018 година на научноистражувачкиот Институт „Јожеф Стефан“ во Словенија на тема „Статистичка обработка на податоци и обработка на природни јазици за нутриционизам“.

„Тој е исклучително талентиран и млад научник со големи капацитети, знаење и искуство во научноистражувачката работа. Од она што може да се види од неговата биографија и од досегашните остварувања апсолутно сум убеден дека пред него се години и години плодна научна работа на полето на информациските технологии“, рече претседателот Иванов на свеченоста по повод доделувањето на признанието.

Од јануари 2019 година Ефтимов е постдокторски истражувач на отсекот за анализа на биомедицински податоци на Универзитетот „Стенфорд“, Калифорнија, САД. Резултатите од научните истражувања на Ефтимов од последните пет години се објавени во меѓународни списанија со високи фактори на влијание, своето научно истражување го има претставено на повеќе меѓународни конференции и работилници, има одржано повеќе предавања поврзани со своите истражувања на неколку универзитети. Соработува со повеќе лаборатории и универзитети. Учествува во организација на повеќе меѓународни работилници и конференции и работи како рецензент во повеќе меѓународни научни списанија.

„Она што би им го препорачал на младите, без разлика дали себеси се гледаат во науката или не, е да веруваат во себе и во своите можности, но и верно да ги следат своите соништа. Само така тие соништа ќе станат убаво јаве. Кога се запишав на додипломските студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии, никогаш не замислував дека еден ден ќе се запишам и на докторски студии, ниту дека ќе бидам дел од ‘Стенфорд’. Но, воден од сопствените соништа и амбиции, сето тоа стана моја реалност и дел од животот што го живеам“, рече Ефтимов.

Доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“ деветта година по ред, по иницијатива на претседателот Иванов, има цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

Видео на денот