Светска банка го презентираше извештајот за земјите од Западен Балкан

EPA-EFE/SHAWN THEW

Светската банка денеска го претстави редовниот полугодишен економски извештај за земјите од Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (АА).

Според извештајот, понатамошниот раст на економиите во Западен Балкан во периодот 2019 – 2020 година ќе биде со стапка од 3,5 – 3,7 отсто, со тоа што се очекува Северна Македонија, Косово и Босна и Херцеговина да растат побргу отколку регионалниот просек.

Северна Македонија со економски раст над регионалниот просек

Растот во Северна Македонија се врати на ниво од 2,7 проценти во 2018 година, главно поради потрошувачката и нето-извозот, а инвестициите започнаа да закрепнуваат, се истакнува во извештајот.

Галина Винселет, шеф на тимот што раководи со канцелариите во Западен Балкан, истакна дека со Редовниот економски извештај (РЕИ) се опфатени економскиот развој, перспективите и економските политики во регионот од Западен Балкан: Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.

„Се предвидува понатамошен раст на економиите во Западен Балкан во периодот 2019 – 2020 година, со стапка од 3,5 – 3,7 отсто, со тоа што се очекува Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија да растат побргу отколку регионалниот просек. Но овие стабилни изгледи може да бидат ранливи од одредени ризици. А ризиците се внатрешни и надворешни“, нагласи Винселет, додавајќи дека на Балканот потребни се повеќе и подобри работни места, а невработеноста е сѐ уште висока.

Во извештајот, исто така се потенцира дека во Северна Македонија, разрешувањето на повеќедеценискиот спор со Грција за името на земјата на почетокот на 2019 година, претставува можност за напредување со реформите, забрзување на приближувањето кон ЕУ и поголема интеграција за светските пазари.

„Растот на Северна Македонија во изминатата година изнесуваше 2,7 проценти, закрепна по стагнацијата во 2017 година, тој главно беше движен од потрошувачката и нето-извозот. Забележуваме, исто така, одредено закрепнување и на инвестициите. Невработеноста продолжи да се намалува, и достигна историски најниско ниво“, рече Бојан Шимбов, економист во канцеларијата на Светската банка во Скопје.

„Јавниот долг на Северна Македонија во 2018 се зголемил во однос на 2017 и достигна 49 отсто од БДП“, се посочува во најновиот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан.

И покрај тоа што задолжувањето расте, а во повеќето држави од опкружувањето се намалува, економистите од оваа меѓународна финансиска институција на денешната презентација на Редовниот економски извештај (РЕИ) истакнаа дека не се загрижени, бидејќи нивото е на умерено ниво и сметаат дека јавниот долг годинава ќе достигне над 51 отсто од БДП.

Косово во 2018 година забележа економски раст од 4,2 отсто

Според Извештајот на Светската банка, косовоската економија во 2018 година го продолжила растот по проценетите 4,2 отсто, но без создавање нови работни места.

Директорот на Канцеларијата на Светската банка во Косово, Марко Мантованели, на прес-конференцијата на која е претставен извештајот, истакна дека целиот регион напредува и дека просечниот економски раст изнесува 3,8 отсто, додека во Косово изнесува 4,2 отсто.

Тој наведе дека помалку позитивно е е забавеното отворање на нови работни места на Западен Балкан, што е потребно на сите земји, а особено на Косово, кое на пазарот на трудот постојано изведува нови млади луѓе.

„Косово мора да создаде повеќе работни места за да може да ги апсорбира сиве овие луѓе, како и голем број на оние кои се долгорочно невработени. Што се однесува до ризикот, ја гледаме јавната потрошувачка која оди во насока на зголемување на трошоците за платите во јавниот сектор, а уште поважни се бенефициите за посебните категории, како што се воените ветерани и сите останати“, изјави Марко Мантованели.

Тој истакна дека фискалниот дефицит на Косово изнесувал 2,7 отсто во 2018 година, но дека бил во согласност со фискалните правила.

Економистката на Светската банка, Асли Шенкал, изјави дека во 2018 година бројот на луѓе на пазарот на трудот се зголемил за 12.000, додека стапката на вработеност се намалила за 1,1 процентен бод. Шенкал додаде дека учеството на работната сила е хронично ниско и дека изнесува 40,9 отсто како дел од работоспособното население, што е меѓу најниските стапки во регионот.

„Додека економскиот раст беше намален во 2018 година, тоа не влијаеше, ниту автоматски се преобрати на создавање нови работни места. Дури забележавме намалување во бројот на вработените во 2018 година. Имаше намалување за над 7.000 на крајот на 2018 година, во споредба со претходниот период во 2017 година. Бројот на вработените опадна во земјоделскиот, градежниот и производствен сектор, додека се зголеми во секторот на малопродажбата и услугите“, изјави Шенкал.

Таа истакна дека во Косово во 2018 година се зголемиле потрошувачките цени, што довело до пораст на инфлацијата пред крајот на годината. Податоците кои ги изнесе велат дека во декември инфлацијата изнесувала 2,9 отсто поради зголемувањето на цените на горивото, храната, тутунот и превозот, додека просечната инфлација во 2018 година изнесувала 1,1 отсто.

Шенкал нагласи и дека изгледите за косовската економија се позитивни со просечниот раст од 4,5 отсто до 2020 година, но дека се подложни на ризиците од политичката неизвесност, ширењето бесцелни социјални давачки, новиот закон за платите во јавниот сектор и продолженото извршување на инфраструктурните инвестиции.

Албанија изложена на економското забавување во Европа

Економските движења во Албанија, според извештајот, се забрзале, постигнувајќи раст од 4,2% во 2018 година. Се оценува дека овој економски раст го поттикна создавањето на новите работни места во сите сектори и зголемувањето на бројот на албанските граѓани кои учествуваат во работната сила.

Во извештајот се истакнува дека во Албанија стапката на економкиот раст се предвидува да се намали на 3,7% до 2020 година, затоа што според СБ, економската динамика постепено го стеснува производствениот јаз.

Во меѓувреме, се очекува секторите кои најмногу ќе придонесуваат за економскиот раст на Албанија, да бидат услугите и градежништвото.

Во извештајот се вели дека Албанија е изложена на економското забавување во Европа, особено на главните соседни трговски партнери.

Мерјем Салим, претставничката на СБ во Албанија, рече дека овој извештај ја истакнува потребата од понатамошно забрзување на ритамот на реформите за да има поголеми економски можности, додека според неа, земјите на Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици, вклучувајќи ги и потешкотиите во создавањето поголем број работни места во приватниот сектор.

Таа рече дека економскиот развој на Западен Балкан продолжил да се проширува, додавајќи дека земјите од регионот имаат можност да ги спроведат реформите во економскиот сектор.

Растот на платите и пензиите во јавниот сектор беше клучен фактор во економскиот раст на Србија, Косово, Босна и Херцеговина, додека во извештајот се истакнува дека приватните и јавните инвестиции го поттикнале економскиот раст во Косово, Црна Гора и Србија.

Растот на експортот во Албанија и во Северна Македонија го потпомогна нивниот економски раст, додека се оценува дека директните странски инвестиции продолжиле да се забавуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот