Судот подели парични казни за двајца сведоци во аферата „Триста“

Судијката Добрила Кацарска, поради неоправдано отстуство на сведоците на одбраната на обвинетиот Ѓоко Поповски од случајот „Триста“ на СЈО , нареди за следното рочиште кое е закажано за четири дена, скопјаните Илија Михајловски и Зоран Трајковски да бидат стражарно спроведени во судот. За непочитување на судот, ги казни со по 200 евра во денарска противвредност.

Денеска на продолжение на рочиштето сведочеше само сведокот-вештак од Велес, Слободанчо Станков. Тој рече дека е вештак од 1996 година до денес и како вешто лице бил ангажиран како член на Комисијата која одлучувала за договорот на МВР за купување на 300 возила за потребите на полициските органи.

На прашања на одбраната и на застапникот на обвинителниот акт, Станков рече дека се сеќава дека по објавата и одбраните три фирми, до нив, како Комисијата пристигнале две жалбени барања од две фирми, авто-увозници. Тие, рече сведокот, постапиле законски и жалбите ги проследиле до владината второстепена комисија која ги одбила како неосновани.

На неколку прашања поставени од судскиот совет, сведокот не беше сигурен во своите одговори на што му беше посочено дека „е многу чудно како тоа како експерт за јавни набавки, кој не ги знае сите детали за тендерот и денеска тврди дека бил законски“. Процесот продолжува на 12 овој месец.

Случајот „Триста“ на СЈО се однесува на набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи. Според обвинението со оваа набавка бил оштетен буџетот на државата за сума од 453.570 евра. Обвинет е Ѓоко Поповски, поранешен помошник-министер во Министерството за внатрешни работи.

Видео на денот