Судиите ќе прекинуваат натпревари поради расистички навреди

EPA-EFE/SIMONE ARVEDA

Зачестените расистички испади на трибините ширум светот ја натераа Светската фудбалска федерација (ФИФА) посериозно да се посвети со овој проблем. Една од првите мерки кои ги разгледуваат во ФИФА е дозволата на судиите да ги прекинат натпреварите во случај на расистички испади од трибините.

– Во последниве денови, беше многу тажно да се видат бројни расистички инциденти во фудбалот. За расизмот нема место во фудбалот и во општеството. Во нашите натпреварувања ја воведовме таканаречената процедура „три чекори”: механизам кој им овозможува на судиите да одат толку далеку што ќе го прекинат натпреварот во случај на дискриминаторски инциденти, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

Причина за ваквата реакција на Инфантино и ФИФА е вчерашниот натпревар од францускиот шампионат помеѓу Дижон и Амиен кога судијата мораше да го прекине натпреварот на неколку минути откако гостинскиот фудбалер Принц-Дезир Гуано тргна да се пресмета со домашните навивачи неможејќи повеќе да ги трпи навредите од трибините.
Тој побара од сите фудбалски лиги, клубови и дисциплински тела да ја применуваат истата постапка и да ги зголемат казните доколку и во иднина се појават расистички навреди од трибините.

– Ние ќе продолжиме да се бориме против расизмот и сите заинтересирани ќе добијат целосна поддршка во оваа задача. Нема да се двоумиме да сториме сé што е во наша моќ за искоренување на расизмот и секоја друга форма на дискриминација – рече Инфантино.

Видео на денот