Со ексклузивна, силна и возбудлива програма почнува 42. Скопски џез фестивал

Проба за проектот „After the Wildfire“ со кој ќе биде отворен фестивалот

Почетокот на 42. издание на Скопскиот џез фестивал, кој ќе се одржи од 19 до 22 октомври, ќе се случи на 19 октомври во Националната опера и балет. Грижливо селектираната програма, покрај императивот за одржување на високиот интернационален рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика, годинава ја повикува публиката на будно следење на вредните концертни настани во согласност со мотото на Гард Нилсен Суперсоник Оркестра: „Ако слушаш внимателно, музиката ќе биде твоја!“.

Единаесет светски етаблирани состави од САД, Европа, Бразил и Македонија ќе ја претстават својата музика во Националната опера и балет и во МКЦ. Програмата, распоредена во четири вечери, е исклучително силна, разновидна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.

Фестивалот годинава ќе го отвори ексклузивната премиерна изведба на делото „After the Wildfire“, специјално, исклучиво за оваа прилика, компонирано од норвешките џез-ѕвезди Арве Хенриксен и Јан Банг како солисти, заедно со перкусионистот Ингар Зак. Музиката е аранжирана и под диригентство на Џијан Емин за „Fame’s Institute Orchestra“, а во изведбата ќе бидат вклучени и неколку познати македонски пејачки и кавалџии.

Истата вечер во МКЦ ќе настапи култниот композитор, корнетист, пејач, поет и еклектичен ерудит Бен Ламар Геј со неговиот ансамбл. Станува збор за еден од најоригиналните џез-уметници денес, претставник на инспиративната чикашка музичка сцена и потписник на водечката издавачка етикета во светот кога е во прашање современата креативна музика – „International Anthem“. Звукот на Геј поседува уникатен, препознатлив стил што тој го нарекува „Pan-American“, со широк спектар на влијанија: од џез до фанк, од Ар-ен-би до тропикалија и од хип-хоп до електро и современа класика.

Како дел од придружната програма на фестивалот, на 13 октомври беше промовирано новото ЦД-издание на „SJF Records“, албумот „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ на Филип Букршлиев Трио, а на 15 октомври во кино „Фросина“ во МКЦ беа прикажани две врвни документарни филмски остварувања од областа на џез-музиката: „Art Pepper: Notes From a Jazz Survivor“ (Арт Пепер: белешки на еден преживеан џезер) и „Music for Black Pigeons“ (Музика за црни гулаби).

Во рамките на фестивалот ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2023 година, а ќе биде организирана и Џез работилница за деца „Jazz for Kids”. Скопскиот џез фестивал и годинава, во соработка со УНХЦР, продолжува да го негува проектот „Џез за солидарност со бегалците“, упатувајќи уште еден гласен апел за емпатија, сочувство со неправедно и насилно раселените, обездомените, обезнадежените.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот