Скопје – град во кој царуваат дрските кражби среде бел ден

Елизабета Дамјаноска Спасеновска / Фото: Слободен печат

Во што се претвора нашиот убав град, кога ситни криминалци не демнат од сите страни? Дрски и бескруполозни бираат жртви за да нападнат. Дали е тоа поради недостаток на полициско присуство низ Скопје или затоа што сфатиле дека тешко е да се најде „човек“ помеѓу луѓето, кој ќе ги сопре во нивното злодело. Најчесто жртвите се постари госпоѓи на чиј врат или уши светка злато. Знаат дека не можат да трчаат по нив, па се пуштаат во акција. Но, не се  спасуваат ниту помладите.

Таков беше случајот од пред некој ден кога на пладне, во строг центар на Скопје ме нападнаа двајца криминалци. Ми го скинаа од врат златното ланче со крст, најдраг подарок што тешко ќе го прежалам, и побегнаа. Додека се обидував да ги фатам, се свртеа од безбедна далечина и уште ми се изнасмеаа. Капак на дрскоста. А, на дрската кражба сведоци беа педесетина случајни минувачи. Само еден се обиде да помогне. Останатите „фаќаа сеир“ и си гледаа „своја работа“.

Полицијата ќе ги прегледа камерите, така ми најавија полициските службеници и инспекторот кому му дадов изјава. Без надеж дека ќе го најдат моето украдено  златно  ланче си заминав од станицата а знаев и дека нема да сум последна што е нападната. Така и беше. Денеска како за „добро утро“ слушнав уште една таква вест. Ограбен е колегата, со кого делам иста канцеларија. Го ограбиле на плоштад. На местото кое треба да биде најубаво, репрезент на државата, на метрополата. И него, како и мене, на сред бел ден.

Можеби зголемено полициско присуство би ги довело работите во ред, и можеби би ги обесхрабрило крадците. Сигурно би значело чувство на безбедност за граѓаните. Памтам, не беше одамна кога носењето маски на отворено беше задолжително. Тогаш на секој  чекор имаше полиција, за да казнува, а не  за да заштитува. Ако пак полицајците излезат да патролираат низ градот наш убав, сигурно крадците ќе мируваат некое време.

Видео на денот