Силјановска: На Македонија и треба жена!

На големиот митинг кој се одржува во главниот град, претседателскиот кандидат, Гордана Силјановска Давкова порача дека државата треба да биде во рацете на жена, како и жената да биде на повеќе позиции во централната и локалната власт.
-Единствената промена која ја направија е промената на името, најболната промена. Македонија е прекрасно име, во женски род е, не и треба придавка. Пред вас стои токму жена, затоа што на Македонија и треба жена. На татковината и треба жена. Јасно е зошто. Затоа што ние имаме потежок живот од мажите. Треба да докажуваме дека сме добри професорки, покрај добри мајки, добри пријателки и тоа нè прави посилни и побогати. Сега дојде времето да ги покажеме способностите. Не само човечките туку и женските. Реформската влада има само 4 министерки од 26, замислете каков смисол за рамноправност, пардон, нерамноправност имаат. Само 6 градоначалнички се жени, порача Силјановска Давкова.
Таа порача дека ќе и ја врати силата на Македонија бидејќи никогаш не и била попотребна.
-Владата ниту е европска, ниту е реформска. Македонија е потоната во отсуство на владеење на правото. Правдата е селективна, ја стигнува само опозицијата, а никако да допре некој од власта иако секој ден слушаме на тони скандали, криминали, фамилијарно вработувања, истакна таа.