Силјановска-Давкова: Зошто не би била првиот претседател-жена?

– Дојдов во Прилеп да положам цвеќе на споменикот на првиот претседател на АСНОМ, всушност првиот претседател на Македонија, Методија Андонов-Ченто. Тоа е моќна симболика, затоа што еден од основните темели на Европа е борбата против фашизмот – изјави кандидатот за претседател на партијата ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова при денешната кратка посета на Прилеп.
Таа положи цвеќе пред споменикот на Ченто во центарот на градот и се сретна со граѓаните во центарот на градот.
Силјановска-Давкова, не гледа зошто таа не би била првиот претседател-жена на Република Македонија.
– Партизаните активно се вклучиле на вистинската страна, што значи уште оттогаш Европа и Европската Унија биле нешто природно за нас. Она што тревожи е што кога јас бев во основно и средно училиште, за Ченто не учевме. Ние не смееме да си ги забораваме хероите, а не особено првите претседатели на државата, а потоа да се срамиме од тоа, односно да се срамат оние кои ги криеме. Што се однесува до мене, симболиката би била, ако е тој еден од најпочитуваните, првиот претседател, зошто не би била жена – првата претседателка на Република Македонија – заклучи кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова при денешната посета на Прилеп.