Силјановска Давкова повика да не се бојкотираат изборите

На вечерашниот митинг пред Владата, кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова ги повика граѓаните на масовна излезност на изборите.

-Доаѓа денот кога на гласачките кутии ќе го чујат народниот глас, а тој ќе биде не за нив, да за нас. Направија рај за корупција и криминал. Неколку семејства ја управуваат Македонија. На тоа ќе ставиме крај на 21 април и на петти мај. Гаранцијата за исправност на изборите ќе биде ако гласате во голем број. Гласајте за оние кои носат промени, не заради мене, јас сум реализирана жена. Ама мислам дека ако се нафатив за овој предизвик, тоа е за Македонија. Ако немаме 40 отсто излезност, тогаш ќе го сменат Уставот, тоа за нив не е тешко. Тогаш ќе направат претседателот да се бира во Собранието. Тогаш претседателот ќе се бира со пазар, погодете тогаш кој ќе биде претседател, рече Силјановска.

Силјановска Давкова рече дека дојде мигот кога сите треба да се соочат со катастрофалното двеиполгодишно владеење.

-Се нарекоа реформска влада и народот очекуваше реформи, демократија, владеење на право, борба со корупцијата и криминалот, битка со непотизмот, очекуваше европеизација, ама таа не дојде. Единствената промена што ја направија е најболната – промената на името. Каква е сликата по придавката „реформска“ и „европска“ влада. Ниту е реформска, ниту европска. Македонија е потоната во отсуство на владеење на правото, правдата е селективна ја стига само опозицијата, а никако да допре некој од власта иако секој ден слушаме на тони скандали, криминали, фамилијарни вработувања, веќе и не знаеме што значи скандал во оваа скандалозна балканска земја, рече професорката.

Таа додаде дека во Македонија нема поделба на власта, а каде што нема поделба на власта нема демократија.

-Парламентот е во рацете на 81 пратеник, но тие не се пратеници. Тие само креваат раце, тие само ги потврдуваат веќе донесените одлуки во оваа зграда. А, во оваа зграда, власта не е распоредена на 26-мина. Некои не ни доаѓаат на работа и немаат проблем со тоа. Важно е да присуствуваат. Присуството им беше важно за да го сменат Уставот неуставно, за да организираат неуставен и незаконски референдум, за да донесат неуставен и незаконси закон за амнестија, за да го сменат Кривичниот закони во потрага по гласови за промена на името. Сè им беше дозволено, во сè беа толерирани, зошто мислеа дека високата цел ЕУ и НАТО дозволува ниски средства. Ама народот тоа го виде, не го одобрува, затоа стојам овде, затоа се одлучив она што го предавам со децении, што го пишувам и презентирам, да се обидам да го спроведам, зошто на Македонија ѝ се потребни радикални демократски реформи, за да не остане закопана во транзицијата и да не направи ниту еден чекор кон демократската консолидација, рече Силјановска Давкова.

Видео на денот