Сè уште не е познат мотивот на пилотот да лета над Солунска Глава

Од Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и инциденти по падот на малиот авион пред два дена во кој леташе семејство на бугарски бизнисмен, на денешната прес-конференција истакнаа дека нема да дозволат истрагата да отиде во погрешен правец.

Георги, Гергана, Билјана и Калина Бошнакови се четирите жртви во авионската несреќа кај Солунска Глава пред два дена. Се работи за семејство на бугарскиот бизнисмен со две деца, од кои едното е малолетно. Авионот од типот „Цесна“ со германски регистрации летал од Охрид кон Софија.

Во однос на шпекулациите дека временските услови довеле до несреќата, претседателот на Комитетот вели дека тоа допрва треба да се истражи.

– Одговорот ќе биде целосен кога ние ќе ги добиеме информациите од метео-службата на охридскиот аеродром, па ќе видеме колку тоа влијаело да дојде до ваква несреќа. Претпоставката треба да се претворат во факт. Многу работи треба да се истражат за да се дојде до заклучок – изјави Зоран Илиевски, претседателот на Комитетот

И понатаму нема информација за тоа кој бил мотивот на пилотот да лета над Солунска глава. Не се пристигнати уште ниту податоците од Бугарија. Од Комитетот велат дека не се знае зошто се предомислил пилотот и се откажал од крајната дестинација што ја најавил – бугарската престолнина Софија.

– Би било многу неблагодарно да препоставувам за причината на несреќата пред да ги добиеме сите факти, од проверката на горивото, па сè до најситното делче на паднатиот воздухоплов – рече Илиевски.

Видео на денот