Се обновува споменот на писателот за деца Ванчо Николески

Со младински поетски камп што со поддршка на Општина Дебрца и Министерството за култура ќе се одржува во селото Црвена Вода, се обновува споменот на писателот Ванчо Николески, втемелувач на македонската литература за деца и млади.

Кампот што ќе го организираат активистите од Здружението за култура и литература „Мацково” од Охрид и соселаните на Николески од Црвена Вода, ќе се одржува по завршувањето на тековната учебна година.

На него ќе учествуваат ученици од нашата земја, од Србија, Албанија, Црна Гора и Бугарија, кои ќе се дружат и творат на повеќе атрактивни локации низ Општина Дебрца.

Ванчо Николески е роден во 1912 година. Основно училиште завршува во родното село Црвена Вода, гимназија во Охрид, а учителска школа во Скопје. По завршувањето на учителска школа, работел како учител во многу села низ Македонија. По ослободувањето Николески работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер” и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Има објавено триесетина романи, поеми, збирки поезија, збирки раскази, сликовници, приказни и бајки. Децата го познаваат преку романот „Волшебното самарче” и по поемата „Мице”. Во 1946 година ја објави првата поетска збирка на македонски јазик „Македонче”.

Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Климент Охридски” и „Младо поколение”. Преведуван е на сите јазици на народите од поранешна Југославија, а и самиот се занимавал со преведување од српски и од руски јазик.

Во негова чест Друштвото на писателите на Македонија секоја година ја доделува наградата „Ванчо Николески” за книга за деца и млади.

Видео на денот