Рецензија: „Господ постои, името ѝ е Петрунија“- Жената која ја доби борбата со патријархалното општество во кое живееме

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“, првиот македонски филм што беше номиниран за наградата Златна мечка на филмскиот фестивал „Берлинале“, каде што освои и две престижни награди, помина со првични одлични критики и коментари од жирито кое го оценуваше, а сега слично мислење преовладува и кај публиката, откако овој филм започна да се прикажува и во нашите кина.

Станува збор за филмот на Теона Стругар Митевска, во кој главната улога ја толкува актерката Зорица Нушева, а приказната е по вистински настан, кој се случи во Штип во 2014 година.

Рецензијата морам да ја почнам со тоа што ќе ви откријам дека и самиот сум од Штип, па многу ми е мило, иако истовремено чувствувам и горчина во градите што целиот свет сега е сведок на нашето малограѓанство затоа што приказната за оваа жена е обелоденета, со надеж дека конечно ќе се разбуди свеста во ова наше, за жал и понатаму патријархално општество.

Токму борбата со патријархалното општество ни е прикажана во овој филм преку 32-годишна девојка од Штип по име Петрунија, која има дипломирано Историја, меѓутоа е без работа, без работно искуство и неуспешно си ја бара среќата. Уште на почетокот, во филмот среќаваме вообичаена состојба за нашето општество: дипломирана, млада, иако и непослушна, но сепак паметна девојка, на која никако не ѝ оди од рака да успее, па разочарувањата се еден вид „појадок“ за неа. Звучи познато, зарем не?

Така талкајќи и барајќи ја својата судбина, Петрунија Ефтимовска, откако без успех ќе заврши со едно интервју за работа во конфекциска фабрика, каде што е понижена на најнизок можен начин од тамошниот работодавец, се упатува кон Ново Село, каде што се собрани бројни граѓани за да присуствуваат на фрлањето на крстот на празникот Водици, на 19 јануари.

https://www.youtube.com/watch?v=s5VP3Nbn39E

Помеѓу учесниците во фрлањето на крстот се наоѓаат само мажи, а под мостот се наоѓа и Петрунија, која откако попот конечно ќе го фрли светиот крст во водата, се фрла во реката и прва стигнува до него.

Петрунија го фаќа крстот и од водата излегува со него, но сепак, толпата мажи кои се фрлаат по него, не дозволуваат тоа да се случи, урлајќи и викајќи му на попот дека тоа не е возможно, бидејќи таа е жена, а жена според традицијата не може да го фати крстот.

Петрунија сепак успева да побегне со крстот, па во градот се создава голем револт и голема потрага по мистериозната жена која го фати крстот и побегна со него. По голем притисок од црквата, полицијата и револтираните учесници во фаќањето на светиот крст, Петрунија е најдена и повикана во полицијата, каде што дури се обидуваат да ја наместат дека го украла.

Овде можеби некој ќе препознае феминистичка нота, но всушност тука е прикажана борбата за еднаквост и борбата против неправдите, против  жалното секојдневие, борбата против системот кој како да застанал во времето, а луѓето со своето однесување потсетуваат на оние од каменото време.

Само затоа што е жена, ја измачуваат, ја малетерираат да помине цела голгота бидејќи го фатила крстот, сакаат да ја каменуваат, ја нарекуваат со најпогрдни зборови само затоа што таа го фати светиот крст, а не маж, како што налагала традицијата.

Преку голготите низ кои ќе помине Петрунија, пред сè во полициската станица,  првично сметам дека прекрасно е опишано како функционираме како општество, тргнувајќи по третманите кои ги добива во полицијата и тоа како се однесуваат со неа уште кога првпат ќе се појави таму, кога сите имаат „поважна работа“ и никој не ѝ објаснува зошто се наоѓа таму, никој не ѝ кажува дали е уапсена, со што многу убаво е прикажано како функционира нашиот систем и нашите институции во 21 век.

На многу убав и детален начин е покажана мизерноста на нашиот систем, и сметам дека тоа е голем фактор и важен елемент во овој филм.  Откако сите ќе се свртат кон неа, Петрунија нема да се предаде. Напротив, ја покажува својата храброст, храброста што ја препознава и еден полицаец кој единствен успеа да го препознае нејзиниот карактер.

Кога Петрунија, разочарана од големите неправди ќе му рече дека тој има сè, тој само ѝ одговара: „Зарем не гледаш со какви луѓе работам? Би сакал да ја имам твојата храброст“. Токму тој и неговите зборови ќе допрат до нејзината душа, за таа да сфати дека е победник, дека нејзината непослушност е всушност нејзина најголема доблест и храброст со која оваа жена располага во себе.

Петрунија го победи системот, Петрунија ја победи неправдата, а ние како публика овде во Македонија, уште еднаш за жал се потсетивме во какво општество живееме и дејствуваме, и со какви луѓе секојдневно се среќаваме. Иако родовата еднаквост треба да е нешто повеќе од надминато, за жал ние очигледно и понатаму се бориме со тоа.

Филмот завршува на тој начин што Петрунија ќе мора да биде пуштена бидејќи нема никакви докази дека го украла крстот, ќе излезе храбро и со насмевка на лицето, па на крај и самата ќе му го даде крстот на попот, кој конечно ќе сфати и ќе признае дека сепак е нејзин бидејќи таа го фатила, но Петрунија само му одговара: „Веќе не ми треба“, и гордо си заминува, со полна душа, минувајќи низ целото тоа, заминувајќи на голема врата.

„Што ако Господ беше жена“, е реченицата која на крај ја изговара нејзин пријател во интервју, како одговор на новинарка која цело време се обидува да направи сторија за овој настан.

Токму овој момент е реченицата која всушност е главната поента на филмот – еднаквоста и борбата против патријархалното општество, во кое повторно ќе речам, за жал и понатаму живееме, но само ние, тргнувајќи од себе, можеме да го победиме, а оваа жена во овој случај е и повеќе од обичен доказ за тоа, бидејќи таа навистина ни покажа дека Господ постои, а името ѝ е Петрунија.

Видео на денот