Разговор со Искра Канзурова, ТВ-водителка: На маж му ја предавам кујната, а за возврат го барам далечинското

Иако вели дека во последно време не прифаќа интервјуа, со Искра Канзурова лесно „се убедивме“.
„Решив да зборувам со вас, затоа што вака се прават вистинските интервјуа, во живо, а не по имејл, во пишана форма“, објасни познатата водителка.
Ја посетивме на нејзиното работно место во ТВ Алфа и веднаш откако пречека неколкумина гости во студиото во Утринската програма, продолжи да зборува со иста насмевка и во исто темпо. Беше викенд, Искра беше на нозе од 4.15 наутро, но тоа кај неа воопшто не се забележува. Вели дека ужива во брзото темпо на живот, дружбата со своите другарки што ги има од прво одделение, сака кога сопругот Владимир нешто вкусно ќе ѝ зготви, а најмногу сака да поминува време со децата, Матеа и Меглен. Предизвикот да се биде мајка на тинејџери и љубовната приказна со Владимир се дел од овој интересен разговор со Искра.
Заврши германски јазик и книжевност. Твоите почетоци беа на Македонската радио-телевизија, и си една од оние што секогаш се залагала за почитување на литературниот македонски јазик и правилна дикција на телевизија. Колку ти пречи што тоа, за жал, сѐ помалку се почитува?
– За жал, кај нас не постои обука или училиште за правилен изговор, за разлика од нашите тогашни почетоци кога немаше шанса нов водител или најавувач на програмата да се појави на телевизија без да помине на обука кај Лиле Крстева или кај Благоја Крстевски. Но, телевизијата не е единственото место каде што правилното говорење на македонскиот јазик не се почитува. Сведоци сме дека во училиштата не се говори убав македонски јазик, во Собранието не се говори убав македонски јазик, па дури и во театар. А, тоа се местата каде што мора да се внимава, тоа мора да биде патоказ, мора да се има некој репер каде што ќе се каже: „Вака мора да се зборува“. На ниту едно од споменатите места не се зборува правилен македонски јазик, т.е. не се почитува, и тогаш да не се биеме во гради дека го сакаме нашиот јазик, затоа што кога не се почитува, не гледам како се сака. И тоа не е нешто што ни пречи само нам, тоа ѝ пречи и на самата публика, и срамота е кога некогаш гледачи што се јавуваат, зборуваат поубав јазик од самите водители и новинари.
Делуваш како личност што нема трема. Го паметиш ли твоето прво појавување пред ТВ-камерите, како се снајде како за првпат?
– Најпрво бев најавувачка на програмата. Тоа беше во тоа време начинот на кој се започнува, зборувам за водител. Првите појавувања ни беа со читање, тогаш се читаше од обичен, отпечатен лист. Колку и да ми велат луѓе дека немам трема, дека сум природна, сепак постои одредена трема затоа што во моментот си свесен дека се обраќаш пред поширока публика и дека не сите те сакаат. Кога во една пригода ми гостуваше психолог во емисија, ми рече дека тремата кај луѓето постои кога чувствуваат дека се во за нив неприродна средина. Со текот на времето, тремата исчезнува. Но, јас сепак ја сфаќам како нешто позитивно, затоа што те поттикнува да сработиш нешто и да се подготвиш. Јас сум за одреден процент на импровизација, но не може целото водење да биде импровизација, затоа што ако си неподготвен, со тоа не ја почитуваш и ја понижуваш публиката.

Публиката те сака, позната си како личност што сака да зборува. Имало ли непријатни ситуации на програма во живо, гледач или тема што можат да те замолчат?
– И јас нив ги сакам. Тоа е некоја заемна љубов. Непријатни ситуации… може секој нешто да ти каже, но непријатности не сум имала, искрено да ти кажам. Можеби да не се согласам со нечиј став, можеби некој толку рано да не е расположен, но секогаш се ставам во нивна ситуација, можеби си имаат причина. Јас лично не се наоѓам во политичките теми, тоа е нешто што не е мој фах, и кога имаме политичка тема јас повеќе молчам, а мене молчењето така потешко ми паѓа, и тоа е жртвата што ја давам (се смее). И лично мислам дека кога станува збор за политика, за религија, дека не треба никој никому да му соли памет.
Имаш деца што се веќе тинејџери. Постои ли рецепт за правилно воспитување на децата во денешно време, го споредуваш ли денешново со она во кое ние сме растеле?
– Имам проблем со пандемијава, како да прескокнаа неколку години. Кога ќе ме прашаат колку години имаат, ми треба време малку да подразмислам. Меглен наполни 13 години, Матеа 15, тинејџери се. Е сега, падната е границата, велат дека од 11 влегуваат во пубертет, јас велам од 7 (хахаха). Имаме супер однос. Секако, знаеме и да се скараме и да свикаме, знаеме и многу да се смееме, главно секогаш се вртиме на смеење. Многу комуницираме, многу разговараме, тоа е ова што психолозите велат дека треба да се разговара. Секогаш разговараме. Но, некогаш се малку изместени работите и по навика ги повторуваш работите што твоите родители тебе ти ги кажале, но живееме во поинакво време кога ништо од тие вредности веќе не се почитува. Така што треба да измислувам нови реплики. Малку ме чуди, го споредувам нивното време со моето, но изгледа дека е неспоредливо. Го споредувам со нашето другарство, она што сме го имале, и ако за нешто жалам, не е тоа кога ќе речат: „Ете, нам ни било поубаво без телефони“. Јас жалам што го немаат тоа другарство и начин на комуникација што го имавме ние. Матеа од септември ќе оди во средно балетско, а на Маглен во моментов најголема љубов му е ракометот, тој тренира во „Алкалоид“ и сериозно планира да си продолжи со тоа, па ако биде така, тогаш најверојатно ќе оди во спортска гимназија.
Кој ја има главната улога во воспитувањето кај децата, ти или сопругот Владимир, одржувате ли баланс?
– Во воспитувањето, како и кај повеќето балкански мажи, улогата на Владо е главна кога успесите на децата се негова заслуга, а за неуспесите сум јас виновна. Хахаха, се шегувам. Супер баланс си имаме. Секогаш кога ќе му згусти, се качува на еден од неговите велосипеди, тоа си е неговиот издувен вентил и потоа се враќа дома како бајче. (се смее)

Кој е твојот издувен вентил, колку имаш време за себе, за излегување со пријателки?
– И мене ми купи велосипед што стои во подрум, хаха. Мене искрено не ми треба издувен вентил, затоа што јас сериозно уживам со децата. Време за излегување имам, но не ми се виновни децата, туку не можам поради Утринската програма, затоа што станувам во 4.15. Така што, во попладневните часови, знаеме да седнеме со другарките. Тие другарки се многу важен дел од мојот живот, затоа што ми се другарки од прво одделение.
Како се запознавте со сопругот, која е накратко ваша љубовна приказна?
– Владо го запознав во Охрид, мислам дека сѐ се врти околу Охрид во нашата Македонија, и можеби ако го запознав на друго место, не би било сѐ така убаво како сега. Тоа беше едно лето, само се запознавме, а посериозно стана по втората средба на прослава на една Нова година, во познато скопско кафуле во ГТЦ. Заедно сме 16 години.
Во што сте слични, а во што различни?
– Порано бевме многу послични, а сега некако со текот на времето почнавме да се разликуваме, но тоа не се некои работи што се пречка. Но, не само бракот, во животот сѐ се базира на компромис, тоа е една од најпознатите, најточните флоскули. Но, можеби не треба толку да го користиме терминот компромис, туку попуштање.

Тешко ли е во денешно време да се одржи еден брак, колку се менува начинот на живот и љубовта со годините?
– Постои љубовта, но таа се менува, си има свои различни облици. Ако ме прашуваш за страст, тоа е веројатно повеќе во првиот период, а потоа почнува да преовладува пријателството. Но, пријателството според мене е највисокото достигнување на љубовта. Ако пријателство не е љубов, не знам што е?
Постојат ли според тебе машки и женски работи по дома, каква домаќинка си?
– Не сум најдобра домаќинка, морам да признаам. Еве, сега можеби ќе ми се налути ќерка ми. Таа е балерина и добиваат насоки од наставниците како треба да се хранат, а Матеа јавно си кажала: „Наставничке, мајка ми не готви“. Владо убаво готви, иако не секојдневно, и јас лично мислам дека ние жените тој примат треба да им го оставиме на мажите. Бидејќи подобро готват, еве, им ја подаруваме кујната. А, тие нека ни го остават далечинското од дневната соба да биде наше. Ете, и тоа е компромис. Ние им ја даваме комплет кујната, не само да зготват, потоа и нека исчистат, а ние добиваме едно мало далечинско.