Прошетана и насликана

Жарко Јорданоски / Фото: Слободен печат

А можеби Урсула не сакајќи откри дека не е воопшто запознаена со поблиското минато на земјата во која доаѓа и која од неа очекува решавање на нејзиниот тежок проблем со соседот. Да не речеме „абер нема“ каде е.  Да имаше барем елементарни информации, немаше да каже такво нешто пред нејзиниот домаќин Заев, чисто од куртоазија.

Убава ни била Владата! Ете тоа ни кажа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен кога пристигна во вторникот на платото пред Владата, каде што ја пречека премиерот Заев сосе македонската гарда. Убава? Онаа бела шампита од стиропор, со кој се премачкани и обезличени некогашните препознатливи „коцки“ на маестро Петар Муличковски? Што сакаше да каже? Дали беше тоа цинична или сосем искрена забелешка?

Зградата на Владата можеби ѝ се виде на Фонфдерлајенка, инаку по баба Американка (едно време дури и го користела нејзиното презиме – Ладсон), како Белата куќа во Вашингтон? Или пак на Урсула, по образование лекарка, ѝ се виде блиско блескавото белило на стиропорот и мермерот во кои е облечена некогашната Це-Ка? Можеби барокната копија ја потсети Германката Урсула на старите и вистински барокни зданија во нејзиниот роден Брисел? Или, пак, ја потсети на имотите на благородничкото семејство Фон дер Лајен, пребогати трговци со свила веќе неколку векови, во кое таа е среќно омажена?

А можеби Урсула не сакајќи откри дека не е воопшто запознаена со поблиското минато на земјата во која доаѓа и која од неа очекува решавање на нејзиниот тежок проблем со соседот. Да не речеме „абер нема“ каде е. А тоа и не би било ништо чудно – претседателката на Европската комисија, покрај сите проблеми со кои треба да се занимава, сигурно немала време да се упати детално во тоа „кој е кој“ и „што е што“ во Северна Македонија. Да имаше барем елементарни информации, немаше да каже такво нешто пред нејзиниот домаќин Заев, чисто од куртоазија. Па  токму оваа квазибарокна владина карикатура беше симбол на „груевизмот“  кого „Шарените револуционери“ го уриваа скандирајќи: „Ружна ви е Владата!“ Да го знаела тоа, ваква забелешка можела да каже само како облик на тешка провокација. Сепак, поважно од тоа што го мисли за зградата на Владата е тоа што го мисли и може да го направи и за Владата и за сите нас како држава. А тоа може да биде многу убаво.

***

Во нашава Македонија сè уште се зборува за воведување сексуално образование во училиштата, ама некој веќе тргнал да организира „практична настава“. И тоа „на диво“, поточно во дивина.

Некој си „Прв скопски извиднички одред“ ти организирал кампови за средношколци, на кои покрај читање бусола, врзување јазли, палење оган со стапчиња и слично, се учеле и некои многу поинакви „вештини“. Она што го открија некои родители е шокантно. Се играле игри со соблекување, со сликање гениталии, симулирање секс, вежбање еротски пози. И тоа под „будното“ око на инструктори, од кои некои и на 40-годишна возраст, а сè под плаштот на наводна сексуална едукација.

Скандалот го отвори нашиот весник и сајт, но брзо го „подзедоа“  Јавното обвинителство и полицијата. „Инструкторите“ се викнати на сослушување, „надлежните“ дадоа изјави со осуди, а тие кои се најдоа во небрано, зашто финансиски го поддржувале блудниот Извиднички одред, мораа да се перат со изјави или, пак, „итно“ да ги раскинуваат договорите за поддршка на „едукаторите“. Родители и активисти за детски права со право бараат строги санкции, а Сојузот на извидници вети дека вакво нешто нема да се повтори. По извесно време молчење се јави и организаторот, „Првиот скопски извиднички одред“ кој тврди дека немало ништо неморално во нивните активности, дека дел од игрите се „извадени од контекст“, дека целта била сексуална едукација, вакви активности организирале со години и никој досега не се побунил.

Се поставува прашањето каде биле „надлежните“ сето тоа време? Дали некој контролира што прават тие „ен-џи-оа“, кои кога ќе намирисаат дека некаде има пари, односно дека некоја тема е „ин“, знаат да „спакуваат“ проект, да го „продадат“ на донатори, да соберат пари, а потоа немаат поим што прават? Сексуалната едукација е премногу чувствителна работа за да се препушти на импровизација. А не дека правеле нешто тајно – уште насловот што го ставиле на настанот што го организирале („Секс, скаутс и рокенрол!“) требало некому да му го вклучи алармот. Па и на родителите.

***

Македонската полиција никаде не би можела да најде подобар народ од нашиов, колку и да бара. Каде има луѓе што ќе се сликаат додека вршат некое кривично дело и фотографите потоа ќе ги објават јавно на Фејсбук? Пукаат на свадба, објавуваат, кршат заштитни протоколи на журка или свадба, објавуваат, се тепаат, објавуваат, возат пребрзо, објавуваат…

Најновиот пример е најинтересен зашто очигледно станал тренд – фотографирање со мало лавче, за кое нема поинаков начин да се најде во земјава, надвор од Зоолошка градина, освен да биде прошверцувано од странство. Се зборува дека не е во прашање едно лавче, кое „шета“ од еден до друг  „љубител“ на животни, туку за цело легло. За ова кривично дело казните се големи, но тоа не ги спречило нашите „скоројевиќи“ да се пофалат јавно со својот нов миленик и тоа сосе фотографија. Дали мислат дека ќе заличат на Путин, Аркан или на некоја друга белосветска бараба која мисли дека за неговото его обичен миленик не е доволен, па му треба некоја навистина опасна ѕверка како тигар или лав?

Тие што знаат што значи меѓународна трговија со животни, како луѓето од Скопската зоолошка градина, ја алармираа јавноста, па и полицијата за сторениот криминал, и сè што треба таа да направи е да ги лоцира и да ги приведе трговците или купците на младите лавчиња, а лавчето или лавчињата да ги предаде на Зоолошката градина на згрижување. Којзнае, ако се упорни, нашите „органи“ може да откријат од каде се набавени тие лавчиња, па, заедно со колегите од странство, да ѝ влезат во трагата на некоја меѓународна мрежа на криумчари на диви животни, криминал што цвета во моментов на светско ниво. Не мора само тие да откриваат криминал кај нас, може еднаш и ние да откриеме криминал во странство!

***

Некако токму на почеток на предизборната кампања Владата „пушти“ вест дека ќе предложи закон со кој на јавната администрација ќе ѝ се скрати работното време. Државните службеници во петок да работат само четири часа. Се прашувате што се добива со тоа. Подобра услуга за граѓаните сигурно не. Тие најчесто мора да губат работен ден ако сакаат да завршат некоја работа пред државата, зашто попладне не работи жива институција. Наместо да размислува како да им излезе во пресрет на граѓаните, да воведе попладневни смени, на пример, Владата им се додворува на административците, од кои голем дел и онака не работат ништо, а земаат гарантирана плата.

Се разбира, мерката, ако навистина се истурка, ќе наиде на одушевување кај армијата од околу 140.000 чиновници, кои и сега не успеваат во петок да останат до крајот на работното време. Особено што голем дел од нив се од градовите во внатрешноста, па не можат да дочекаат да дојде крајот на работното време, па да му ја „дувнат“ за родниот град. Сообраќајните метежи на излез од Скопје во петок е жив доказ за тоа. А можеби Владата резонирала вака – и онака си бегаат пред време, барем тоа да го озакониме и да имаме некое фајде (политички поен) од таа ситуација. Нешто како легализирање на дивоградбите.

Иритира нешто друго. Она што не можеше Владата да го постигне со стопанствениците, од кои бараше неделата да биде неработен ден, сега сака да го направи сама – петокот да биде (полу) неработен ден за нејзините вработени. Да видат другите работодавци колку великодушен работодавач е Владата, па да се угледаат на неа! Ех, лесно ѝ е на Владата, ќе ви речат стопанствениците, таа и онака не ги заработува парите и не му се секира дали и колку некој работи или не работи. Што да прават тие што истиот буџет го полнат, а прво треба да заработат за да исплатат плати на први. Тие пресметале дека таков луксуз не можат да си дозволат. Владата, гледаме, може. Со туѓи пари лесно е да си галантен!

Видео на денот