Промовирана е книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ од Свето Стаменов

Промоцијата на книгата се одржа на 9 февруари во амфитеатарот на Институтот „Крсте Мисирков“ во Скопје

Промоцијата на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ – прво и второ изменето и дополнето издание, на Свето Стаменов, еден од најплодните македонски публицисти, политиколог и новинар на Македонското радио – Радио Скопје, автор и коавтор на педесетина книги од областа на меѓународната политика, европските и евроатлантските интеграции, одбраната и безбедноста, меѓуцивилизацискиот и меѓуконфесионалниот дијалог, литературата и од областа македонистиката со посебен акцент врз македонскиот стандарден јазик, се одржа на 9 февруари во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Настанот се одржа во чест на 70-годишнината од формирањето на Институтот „Крсте Мисирков“ и на 120-годишнината од објавувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, книга која претставува „македонска национална програма“, која е актуелна и денес, 120 години по нејзиното објавување.

Присутните на промоцијата во улога на домаќин ги поздрави проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која го потенцираше значењето на објавата на книгата, но и значењето на патронот на установата со која раководи. Инаку, првото издание на „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“, беше објавено во 2020 година по повод 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков и 115–годишнината од објавувањето на „За македонцките работи“, додека второто изменето и дополнето издание, кое беше објавено пред само три месеци, е посветено на 95-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, според многумина, најзначајниот Македонец на XX век.

Крсте Петков Мисирков е основоположник и прв кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис и на автохтоноста на македонската национална свест, револуционер и бескомпромисен борец против туѓите пропаганди и за македонска национална афирмација.

Второто изменето и дополнето издание на „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“, кое содржи 20 радиоинтервјуа, е поделено на три дела: интервјуа посветени на 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, реализирани во периодот од 26 јули 2016 до 21 февруари 2017 година; интервјуа посветени на 115-годишнината од објавувањето на „За македонцките работи“, реализирани во периодот од 15 октомври до 19 ноември 2018 година и интервјуа посветени на 95-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, реализирани во периодот од 28 мај до 16 септември 2021 година на програмите на Македонското радио – Радио Скопје.

Промотори на изданието беа проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Лидија Тантуровска, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, професор Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик при Владата на РСМ, и проф. д-р Димитар Пандев.

Со објавата на книгата авторот Стаменов прави обид што поавтентично да се задржи изговореното во етерот во книжевен формат, а притоа да не се наруши волшепството на радиото. И ова второ изменето и дополнето издание на „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ на Свето Стаменов несомнено е јасен и недвосмилен македонски одговор на најновата антимакедонска кампања што во последниве две-три години континуирано ја спроведуваат бугарските официјални власти и некои бугарски академски кругови со која се негираат посебноста на македонската нација, нејзиниот национален идентитет, нејзината историја и, особено, македонскиот стандарден јазик. Книгата на Стаменов е значаен прилог во одбрана на идентитетот и јазикот на македонскиот народ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 166, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот